Интервју – Тони Димков
“Трагите на зборот станаа траги на животот“
Кога личното пулсирање е во согласност со она на уметноста, нема сомнеж дека лесно ја отвораш душата за да ги забележиш, па дури и да ги преживееш туѓите уметнички приказни, неретко користејќи ги како патокази кои ги намалуваат стравовите на патот кон сопственото дефинирање. Младоста е кревка. Можеби и затоа се површни читањата на сериозните зборови. Искуството е она кое не прави зрели со малку зборови да доловиме значајни суштини и свесни дека зборот остава траги.
Со 30 години стаж како новинар за култура во различни печатени и електронски медиуми, Тони Димков е столбот на додатокот за култура „Културен печат“ што веќе една година излегува во дневниот весник „Слободен печат“. Еднаш неделно, на осум страници, вешто избрани настани, раскажани со совршено извајани формулации чинејќи го културен, содржаен, препознатлив, поинаков …
Елементал: Тони, 30 години апсолутно не се само бројка туку и сериозна содржина. Ако бираме синоним со кој би ја опишале нашата перцепција за Вашата работа и Вашиот израз, тогаш дефинитивно тоа е совршено!
Како Вие гледате на моќта на зборот?
Тони Д.: Во младоста не го слушав Блаже Конески, кој напишал „чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава …“, а смислата на неговиот стих ја дознав од искуствата во животот. Така сфатив дека зборот има толкава сила што искажан во одреден момент може комплетно да ти го смени текот на животот и дека навистина остава траги. Во случајот со мојата прва книга трагите беа многу убави, бидејќи токму книгата „Зборот остава траги“ ми ја донесе Државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ за особено значајни остварувања од интерес на Република Македонија од областа на новинарството. Веќе со мојата втора книга склопивме пакт со зборот и се доведовме до состојба на рамнотежа со насловот „Кантар со метафори“ (Магор, 2017). Така трагите на зборот станаа траги на животот.
Елементал: Целата своја кариера сте посветени само на културата. Што говори Вашето искуство, на кое ниво е културниот живот во Македонија?
Тони Д.: Културниот живот во Македонија го задржа високото ниво во однос на бројот на настаните што се одржуваат во овој период, покрај ситуацијата со ковид-кризата. Уметниците, организаторите и публиката многу брзо ги прифатија протоколите за одржување на културни настани и во таа смисла речиси да немаше никаков проблем. Се разбира, редуциран беше бројот на публиката што можеше да ги проследи настаните во живо, но затоа се појави алтернацијата кај голем дел од настаните да може да се проследат онлајн, така што бројот на публиката не само што не се намали, туку и се зголеми, а преку интернет веќе се појави ситуација настаните што се одржуваат во Скопје да се гледаат низ цела Европа и низ светот, како што се случи со концертите на Скопскиот џез-фестивал и Оф-фест. Меѓу настаните што во живо се одржаа оваа година се случија одлични изданија на филмските фестивали „Синедејс“ и „Македокс“, извонредна програма донесоа музичките фестивали Денови на македонска музика, на кој настапи и врвниот пијанист Симон Трпчески со пријателите, и Есенски музички свечености, потоа се случија повеќе изложби, промоции на книги, а во хибридна форма, со претстави во живо и онлајн, се одржа и омилениот театарски фестивал Млад отворен театар. Сето ова е потврда за богатиот културен живот, секако најмногу во Скопје, но и низ Македонија се одржуваат мноштво културни настани.
Елементал: А нивото на културна информираност?
Тони Д.: Информираност за културните настани има, но ако се обидеме да направиме некаква процентуална застапеност, тогаш најмногу информации за културата се пласираат на интернет-порталите и на радио, многу помалку културата е застапена во печатените медиуми, од едноставна причина што останаа многу мал број печатени медиуми во државата, додека најмал е процентот на застапеност на телевизиите, кои, пак, сè уште се највлијателни кога станува збор за информирање на јавноста. Друг проблем што се појавува во однос на информирањето е што на порталите најчесто се пласираат копи/пејст информации, а многу ретко тоа се авторски текстови, како интервју, осврт или рецензија. Авторските текстови ретко се присутни и кај другите медиуми, а рецензии и осврти можат да се најдат само во мал број специјализирани периодични списанија што излегуваат еднаш или 2-3 пати годишно, како „Кинопис“, „Културен живот“, „Стожер“ и слични. Нивото на информирањето почна да паѓа пред неколку години, кога во речиси сите медиуми згаснаа редакциите за култура и новинарите што ги следат културните настани беа, на некој начин, присилени да работат и други тематики за да го задржат работното место, додека надворешни рецензенти веќе нема во ниту еден медиум.
Елементал.: Што сè е потребно да се биде културен новинар по мерка?
Тони Д.: Тешко е мерката да се одреди, но доволно е новинарот што следи култура навистина да има можност да ги следи само настаните што се поврзани со културата. Во времињата кога постоеја редакции за култура секој од новинарите во редакцијата работеше на текстови од една или две области од уметноста и така се создаваше мозаик од културни настани. Сега драстично е намален бројот на новинари што следат култура, а тие што останаа во областа на уметничките случувања треба да ги следат сите уметности и да се обидат некако рамноправно да ги пласираат во јавноста. Мерката некогаш ја диктира ритамот на одржувањето на настаните (фестивали, промоции, изложби, концерти), а некогаш тоа е искуството стекнато со повеќегодишна работа во областа и комуникацијата со авторите и уметниците.
Елементал.: Вие сте еден од ретките новинари кој е на ниво на задачата, професионален, специфичен, темелен и со препознатлив израз. Од друга страна, како што самиот велите, многу често среќаваме copy-paste текстови и комплетно маргинализирање на културата во голем дел од медиумите. Како влијае ваквата состојба на Вас? Се намалува ли ентузијазмот со намалување на конкуренцијата или дава сила за уште поголемо залагање за да се забележат што поголем број значајни работи?
Тони Д.: Љубовта, посветеноста и одговорноста кон работата ми ја даваат најголемата сила да посетам што повеќе настани, да се сретнам со уметниците и да ја раскажам нивната авторска приказна. Често немам време да следам што другите медиуми објавиле, но гледам тоа што ќе биде објавено на страниците на „Културен печат“ да има авторски предзнак, дури и кога станува збор за информација што секаде била пренесена со копи/пејст. Сметам дека не станува збор за некаква компетитивност со другите колеги, ниту пак кој прв ќе објави, туку сметам дека има многу уметници со врвни проекти за кои треба да се пишува. Уметниците се тие што, на некој начин, трпат колатерална штета поради намалувањето на бројот на новинарите што следат култура, бидејќи прават фантастични проекти, а нема кој да напише ниту збор за тоа. Секако, сите сме лимитирани со време и со број на страници, но со секој број на „Културен печат“ се обидувам да го забележам тоа што било најактуелно во текот на седмицата, независно од која област на уметноста доаѓа.
Елементал.: Неодамна, сосема заслужено, од Град Скопје ја добивте наградата „13 Ноември“ за професионална посветеност и публикување на настаните од уметничкиот и културниот живот во Скопје. Доволна потврда дека ВРЕДИ или …?
Тони Д.: Вреди, и тоа како вреди! Веројатно само тие што никогаш не добиле никаква награда би кажале дека наградите не даваат поттик. Напротив, секоја награда дава уште поголем елан за работата што ја работите. Особено кога станува збор за така значајна награда, како што е „13 Ноември“ на Град Скопје. Наградата значи и дека вашата работа излегува надвор од личното и станува општествено добро. Тој факт максимално ве мотивира уште поревносно да ги извршувате професионалните обврски, бидејќи сега и одговорноста е многу поголема од претходно. Секако, покрај благодарноста до Одборот за доделување на наградата и на Град Скопје, благодарност упатувам и до јавноста која ја препозна мојата посветеност и пожртвуваност во следењето на културните настани и на авторските проекти на уметниците, не само од Скопје, туку од целата држава. Така, наградата се случи како последица на мојата работа.
Елементал: Покрај наградите, што уште помага за да се одржува жив пулсот и желбата да се биде новинар за култура?
Тони Д.: Најнапред треба да ја сакате уметноста и да ја чувствувате страста по уметничкото дело. Ако еден новинар од културата нема желба да оди на претстава, концерт, изложба, книжевна промоција или филмска проекција, тогаш подобро е да смени професија. Мене често ми се случува само во текот на една вечер да треба да одам на два или три културни настани. Некогаш дури и без обврска да пишувам за настаните, туку само за да ја задржам комуникацијата со авторите. Пулсот го создаваат контактите, комуникацијата, новите дела, желбата да ја доживеете уметничката кулминација во нечие творештво, потребата да ја потсетите јавноста на вистинските вредности, солидарноста кон уметниците од независната сцена, кои често и без финансиска поддршка ги реализираат своите проекти. Со текот на времето ви станува јасно дека заедно со уметниците пулсирате во еден магичен круг во кој тие ги создаваат своите дела, а вие чувствувате потреба да се извести за нивниот уметнички дострел. На крајот ви станува јасно дека тоа, едноставно, е пулсот на животот, кој во себе ја носи желбата за постојано откривање на нови и нераскажани приказни.
автор: Бон&Бона