МКЦ го најавува 46-тото издание на Млад отворен театар
МКЦ го најавува 46-тото издание на Млад отворен театар
Тимот на МКЦ го најавува 46-тото издание на Млад отворен театар – МОТ, во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември изведби во живо односно целосно физичко издание на фестивалот со програма од 26 внимателно селектирани претстави.
„Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот, во овие несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние одлучивме храбро да го правиме 46-от МОТ и тоа во два блока, првиот посветен на меѓународна програма во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска и вториот на домашната независна продукција“ – изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ.
Фестивалската програма започнува на 18 ноември во МНТ со „Како крајот и да не е сосема блиску“ – екпериментална претстава на Битеф театар инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност. Претстава во која нема актери, а публиката може да биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање.
Куриозитет на ова издание е што ќе имаме можност да одгледаме три изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“, кој одамна ги надмина границите на нашата земја, а речиси истовремено во сред пандемија се поставувше на три сцени: Југословенско драмско позориште, Белград (СРБ), Словенско народно гледалишче, Љубљана (СЛО) и во Драмскиот театар во Скопје.
Трите режисерки, Јована Томиќ, Ивана Ѓилас и Нела Витошевиќ за прв пат ќе имаат можност да се сретнат на панел-дискусија во рамки на МОТ.
Отстапивме простор за три продукции курирани од нашите долгогодишни соработници Локомотива – Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, а ќе ги погледнеме и Скопје танцовиот театар со „Искричаво“, Турскиот театар „Вишновата градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар со претставите на Ѓорѓи Јолевски „Последната лента на Крап“ и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ – копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ, во режија на Нина Николиќ.
Задоволство е да се биде домаќин и на ансамблот на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со „Глембаеви“ на Бранко Брезовац и Народен театар Битола и претставата „History of motherfuckers“ на Андраш Урбан.
МОТ ќе биде домаќин и на австриската продукција „Theater am Lend“ со претставата „Кабли“, во која учествуваат и двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски, а при крај на првиот блок се гледаме со Словенско младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ.
Вториот дел од МОТ почнува на 2 декември и во него го гледаме одразот на незвисната домашна продукција, која во периодот на пандемија се покажа како исклучително активна и токму затоа го заслужува вниманието и овој МОТовски репертоар.
Ќе ги погледнеме претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, Сибел Абдиу „Модиљани“, Ангела Стојановска со „Срам“, Борис Василески „Вистинскиот запад“, Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, Пандорината кутија: Наследството на ќерката на Ришард Ниечим, „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „ПодГотвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.
46-тиот Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени, Младински културен центар (сала 25 Мај и сала Фросина), Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ.
Повеќе информации за целата програма и распоред на www.mot.mk и www.mkc.mk. Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Истите ќе бидат достапни преку www.bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ од 15 ноември (понеделник).