Дваесет љубовни песни и една песна на очај
Дваесет љубовни песни и една песна на очај
Веројатно не е вообичаено да се започне со цитат, или да се започне со поентата на текстот која вообичаено стои на крајот, ама силината со која одекнува стихот е неверојатна.
„Сакам да ти го направам
она што пролетта им го прави на црешите.“
На некој неописливо поетски начин, токму тоа го направи Неруда со мене, не онака како што стои во „Играш секој ден“, можеби уште подлабоко, затоа што кога ја прочитав оваа поема, таа со мене го направи токму она што пролетта им го прави на црешите.
Љубовите се раѓаат на чуден начин. Оваа мојата, веројатно останува засекогаш. Поезијата прави да се заљубите, во сенешто, најмногу во љубовта. Овој магичен стих, уништувач на универзуми кој успеа до атом да ги раздели световите и се она што постоело дотогаш, во само еден момент успеа да создаде еден целосно нов свет, свет од кој враќање нема. За мене, овој мал фрагмент од душата на Неруда беше само почеток, и значеше влез во светот на неговата „Дваесет љубовни песни и една песна на очај“, збирка поезија која важи за една од највоспеваните книги со љубовна поезија некогаш напишана.
„… Ти не личиш на никоја откако те сакам.
Дозволи ми да те постелам помеѓу венци од цвеќе.
Кој ти го пишува името
со букви чад помеѓу јужните ѕвезди?
Ох, дозволи ми да се сеќавам на тебе
каква што беше пред да постоиш …“
„Играш секој ден“, поема во која бесрамно, Неруда води љубов со онаа која не личи на никоја откако тој почнува да ја сака, зборува дека и ги соблекува алиштата додека „сите ветрови се предаваат порано или подоцна …“, а „… дождот полека се соблекува.“
Неруда е одлучен во отворањето на нови хоризонти, прекинување на автоцензурата и отворен копнеж кон јасна еротика во љубовната поезија. „Дваесет љубовни песни и една песна на очај“ е веројатно во 1924-та своевидна воздишка за сите поети, секаде низ светот, затоа што Неруда не учи да бидеме отворени кон себеси, и слободни да ја завршиме приказната која почнува со традиционалната љубовна поезија. Тој е малку повеќе овоземски, човечен, животински, не само поет, туку и сликар како што јасно се гледа во „Тело на една жена“.
„Тело на една жена,
Бели ридови, бели колкови,
Изгледаш како цел еден свет кој лежи предавајќи се.
Моето грубо тело на селанец закопува во тебе
и прави синот да скокне од длабочината на земјата …“
Со поемата „Утрото е полно“, Неруда засрамено го покрива „телото“ кое претходно бесрамно го соблекуваше. Тука е очаен, патетичен поет, сликајќи ги утрата со својата љубена.
„Утрата се полни со бура
во срцето на летото.
Облаците патуваат
како бели проштални марамчиња,
Ветрот, патувајќи мавта со нив …“
Неруда не зборува за платонска љубов, не! Љубовта каква што тој ја познава е телесна, жива, но најмногу вечна. И додека најголемите романтичари со ококорени очи ќе зјапаат во оној прв стих:
„Сакам да ти го направам
она што пролетта им го прави на црешите.“
моите засекогаш останаа укочени во стиховите на веројатно најконфузните, но можеби најискрено љубовни стихови на поемата „Вечерва можам да напишам“.
Стихови на очај, очај поголем од оној насликан во вистинската и единствена „Песна на очај“.
„… Во ноќи како оваа, ја држев во прегратка.
Ја бакнував еднаш, и уште еднаш,
и уште еднаш под бескрајното небо.
Таа ме сакаше, а понекогаш и јас ја сакав неа.
Како би можел да не ги сакам
Нејзините огромни мирни очи.
Вечерва, би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да помислам дека веќе не ја имам.
Да почувствувам дека сум ја изгубил …“
Неговата латино-американска крв, секогаш пред точка на вриење никогаш не би се помирила со загуба:
„На друг. Таа ќе припаѓа на друг.
Како што беше пред моите бакнежи.
Нејзиниот глас, нејзиното светло тело.
Нејзините бескрајни очи.
Јас веќе не ја сакам, тоа е сигурно,
но можеби ја сакам.
Љубовта е толку кратка, заборавот е долг.
Затоа што во ноќи како оваа, јас ја држев во мојата прегратка
Мојата душа незадоволна е што ја изгубив.
Иако ова е последната болка што таа ми ја чини
и ова се последните стихови што ги пишувам за неа.“
Со очајот поголем од оној во единствената „Песна на очај“ ќе го завршиме краткиот пат кон длабочините на душата на Неруда. Остатокот, вклучително и „Песната на очај“ нека бидат интимно ваши.
автор: Мишел Наумоски