„Нема струја за електричниот стол“-Кога сцената се претвора во соба за паника
„Нема струја за електричниот стол“-Кога сцената се претвора во соба за паника
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски
„ Динамиката помеѓу двајцата лидери на бината беше скандалозно добра, што на и онака доброто сценарио, му даде еден автентичен дискурс, подредувајќи ги генералните општествени вредности според непишан произволен редослед- бирократијата и егзистенцијата. “
“процедура”- установен тек, редослед на дејства или оформување на работа.
Во најновото режисерско остварување Дејан Пројковски со мудро одбрани соговорници на сцената, актерите во улога на медијатори, разговараше со публиката на сензитивна и пикантна тема, за превртливата игра на живот и смрт, на помилувањето и погубувањето. Без да губи време со непотребно запознавање и подробности, гледачите ги пречека оскудно облечениот Васил Зафирчев со превез на очите кој без пардон, а со преголема доза на хедонизам ја јадеше крушата на таков начин отелотворувајќи библиска сцена, предвестувајќи го гревот за кој се нашол таму, на електричниот стол- слепилото и лакомоста.
Приказната е надреалистична со раширени катети кон малку веројатна крајност, имено, на денот кога треба да се изврши смртната казна погубување со струја, во херметички и сигурносно обезбедената просторија се случува прекин на струјата. Внатре остануваат заробени двајцата, погубителот и потенцијалниот погубеник. Како подоцна ќе се прикаже надворешноста е уништена поради серија земјотреси. Ним им останува или да ги здружат силите и да работат тимски или да остават времето да работи против нив и да им ја разоткрие својата суровост. Трка на суети и на надмудрување, на човечки зловолното и архетиповите за кои се држи човекот дури и кога се дави, Пројковски ги замаглил улогите до степен што сосема е нејасно кој од играчите е жртва, а кој предатор.
Тензична и неизвесна, претставата ја држеше публиката заинтересирана и во постојан грч, со успешно доловената игра на глушец и мачка. Брилијантниот Васил Зафирчев го олицетвори ликот на типичен безимен социопат, кој за последен пат се обидува да манипулира со бескорисното столче и да ја преврти играта во своја полза, да добие помилување. Но на неговиот пат застанува млитавата духовност на Леонард, ликот толкуван од Исидор Јованоски, тој е затворски службеник доследен на некое нему важно уверување. Но иако копчето е онеспособено од недостатокот на струја, ликот на Зафирчев безмилосно пушта струја кон ликот толкуван од Јованоски, така системски уништувајќи го полека, сѐ додека не стигне до мозокот. Но на кого да се верува? Кој прв ќе пукне? Чиј ќе биде тригерот, а чиј куршумот?
Омразата и љубовта како две паралели кои се цртаат низ внатре, ја зашиваат оваа плетка од судбини, разглобувајќи низ дејството долго час и половина, дека ликот на Зафирчев ја убил учителката на мртвата ќерка, можеби да, а можеби и не. Таа дихотомија на ходници од веројатности што се отвораат пред двајцата и ги спречуваат да донесат конечен суд за другиот е нејасна и збунувачка како мовта на стеблата. Со занесна симулација на психоаналитичар во која е ставен секој гледач, пиесата создава на сцената вистинска соба за паника, во која не се знае кој е кој, па случајноста е оставена во индидвуалниот суд, што ја прави претставата интерактивно искуство, а гледачот го тера да помисли “што би правел јас во ваква ситуација”.
Од друга страна, покрај силниот и митолошки структуриран негативец, се наоѓа ликот што го толкува Исидор Јованоски, потчинет на навиката и контролата, со ментален клинч да биде управуван од некоја поголема сила, која таму на бината е ликот на Зафирчев. И додека Зафирчев го (с)облекол мракот, Јованоски е верникот што прикажува налудничава хипокризија, со нелекувана хипохондрија. Двајцата без потешкотии ги менуваат улогите на надмоќ, на одранбени механизми и механизми за преживување, така што ја ставаат публиката во глуво нетрпение, да не знае на чија половина ќе падне последното сервирано топче. Глумата на ова дуо беше и повеќе од задоволителна, навлегуваа бесшумно во чевлите на другиот и брзо ги канализираа портретите, ги забрзуваа очекувањата и ги забавуваа заклучоците.
„Нема струја за електричниот стол” е фарса за моќта, за нејзината опојност да припаѓа во рацете на кој стигне и да ја менува природата на запоседнатиот. Моќта е неблагородна особина што се таложи тивко и избива подмолно, неоркестрирано.
Адаптацијата на приказната му припадна на Сашо Димоски ( со своето авторско дело “Петтото годишно време” е генијален), според драмскиот текст на Александар Секулов кој е прогласен за најдобар во 2016 година во Бугарија и грипозно ги преминува границите освојувајќи што повеќе театри ширум Европа. Понатаму оваа сензационалистичка поставка на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, сценски спектакл каков што умее да создаде Пројковски за својата публика, беше зачинета со музиката in vivo на Сашко Костов кој дополнително ја симулираше напнатоста. Во креирањето на мрачната атмосфера зеде активно учество и големиот ѕид зад актерите на кој беше одблизу проектирана секоја гестикулација и микроекспресија на Зафирчев и Јованоски, благодарение на “третиот пар очи”, камерите на Данчо Стефков и Александар Костов. Сценскиот дизајн го осмисли Филип Коруновски, а ко-автор е и на анимациите заедно со Борче Конзулов.
Со само двајца на сцената Пројковски ја докажа својата режисерска големина и иновативност, вклучувајќи ја публиката во собата за паника, во митот за Бог и мравката, за замислените решетки кои генетскиот код на човекот ги носи. На крај, ремек-делото „Нема струја за електричниот стол” не е само пиеса, туку скромно парче уметност, поради сите тие молекули што создаваат еден огромен геном на густина на сцената.
Разглобувајќи ја природата на “ордата”, на еволуционистичката нишка што низ вековите минува низ регресија, грешката да се остане доследен само на сопственото убедување без разлика на исходот, (посилен од “бори се или бегај” механизмот на преживување), без помош од другите е модерен грев што често се нарекува “апатија” и нејзината посестрима.
Во оваа напната штафета „процедура” е пренагласен поим кој прикажува солиден изговор да се скицира „зошто сме тука”, да се направи разлика помеѓу должноста и можноста, но и да се искуши човечкото трпение. Дали кога наизуст ја знаеме туѓата судбина подобро расудуваме или осудуваме? Како човекот да се одлучи кој глагол е правилен кога и без потребните информации тој дејствува според слободната волја и искуство?
Пишува: Јована Матевска Атанасова