Не правам разлика помеѓу театарот и животот – Нела Витошевиќ
На мојата лична карта пишува дека сум родена во Скопје, Центар во 1984 година. Во чаирската болница, една ноќ, за малку сестрата ќе ме заменела со некое друго бебе, но мајка ми ме познала по модрицата што ми ја направила на лицето при породувањето, кога силно ме стиснала со раката. Поради тоа што сум била дете што константно се буни, плаче и ги малтретира сите наоколу, неодамна развив сиже за драма во кое сестрата намерно сака да ме бутне во куферот на мајката што си оди со цел побргу да се отараси од мене. Во детството, се сеќавам, воспитувачката од градинка се жалеше на мојата интровертност и раскажуваше како си играм сама во песокот. Потоа пораснав во бесно дете што ги предводи игрите на улица, па во тинејџерка што обожава да излегува до сабајле. Отсекогаш сум имала посебен однос кон традицијата на градот во кој сум родена, на кој подоцна, како благодарност за моментите и искуствата, му подарив и театарска претстава.
“Низ годините сфатив дека е најважно да имаш свое место каде што ќе може да избегаш кога работите ќе излезат од контрола.”
На драмскиот факултет го поминав процесот на иницијација за да се пронајдам во својата идна професија. Во тој период, од мојот професор Унковски научив многу за режисерскиот идентитет и за тајната и чудотворноста на театарскиот занает. Паралелно осознав дека откривањето нови градови и култури ми ја дава најголемата инспирација за творење.
Иако сум љубопитна за 20-тите години на прохибицијата во Америка, како и за лајфстајлот на 40-тите и турбулентноста на 60-тите, сепак ако треба да изберам, би погледнала кон случувањата во иднината и би си купила карта за некоја друга планета. Потрагата по невозможното и непознатото е нешто што ме дефинира од дете, нешто што ми е дадено како еден вид задача. Заедно со аманетот за еднаквост и правда од бабите и дедовците, растени во духот на социјализмот, се изградив како независна индивидуа со чувство и свест за колективна одговорност.
Денес, ништо посебно не е сменето. Амбициите и соништата ми се големи до небото, радикалните скокови од крајност во крајност заострени, а потрагата по идентитетот сеприсутна. Во театарот го наоѓам за повторно да го изгубам. Тоа е еден круг, низ кој трчам веќе петнаесет години и сè повеќе добивам креативна кондиција.
Кои се предностите и маните да се биде жена режисер во ова општество?
Поаѓајќи од фактот дека светот е напишан од машка филозофија, а нашето општество е цврсто втемелено врз духот на патријархалните вредности, од длабочините на моето несвесно и од ходниците на психолошката репресија секогаш изникнувале теми што ги бранат боите на жената и еднаквоста. Па така, кога ќе го погледнете мојот режисерски опус, ќе наидете на дела што или имаат главен женски лик околу кој осцилира проблемот во драмата, или ќе најдете доминанти женски фигури што се причина за заплетот. И ова не е случај во една или две претстави, ова е буквално опис на целата моја биографија. Од Магда во „Вејка на ветрот“, која во мојата инсценација, наместо да си го одземе животот, бега за да живее живот што самата го избира, до Змејовата невеста, која се чувствува поинаква од нејзиното патријархално опкружување, не може да се пронајде и затоа избира да оди во вечноста; преку жената уметник на Милена Марковиќ и нејзиниот пат до успешната кариера, која детските приказни и соништа ги претвора во сурови бајки; слободоумноста на Титанија и доминантноста на Лејди Макбет во делата на Шекспир; сите жени во „Мојот маж“ на Румена, која темелно се занимава со проблемите на македонскиот патријархат… Не е тешко низ призма на претставите да се увиди кои позиции ги застапувам и кои женски прашања ме мачат.
Исто така, мора да кажам дека на секој еден директор што покажал потценувачки однос, дрско сум му гледала во очи и цинично сум му одговарала на сите манипулации. Имам среќа што мојот карактер е мотивиран од ваквите провокации. По премиера, не изоставам да го погледнам од висина тој што само пред неколку месеци ми објаснувал дека сум под него само затоа што носам сукња.
Театарот е вашиот свет во кој вие…?
Не правам разлика помеѓу театарот и животот, и искрено им завидувам на оние што можат. За мене, и двете се едно исто. Кога работам претстава, не мислам на ништо друго. Се претворам во она интровертно дете што си игра со песок и гази по облаци, и иако присутна, станувам отсутна за околината. Во тие моменти шетам низ лавиринтите на потсвеста и таму се заглавувам меѓу репликите, се бркам со сцените, се објаснувам со ликовите, седнувам во фотелја отспротива и со луле во уста се расправам со духот на авторот. Дури и кога спијам, летам, за да видам што е можно повеќе агли. Во процесите трагам по Атлантис, иако по пат најдов други неоткриени градови, а изградив и нови облакодери. Во драмите ги барам невидливите сили за кои мислам дека еден ден ќе ме повлечат во бесмртноста. Сè дотогаш ќе им се опирам и ќе живеам растргната помеѓу реалноста и илузијата, и во нивниот судир ќе ја барам суштината на театарот.
Вашиот театарски опус е различен. Како им пристапувате на класиците, а како на современите текстови? И што ги издвојува едните од другите?
Она што мене ми е интересно во последно време е театар што ја покажува маската за да ја симне во следниот момент, тука пред очите на публиката. Во последната претстава што ја направив во живо, „Мојот маж“ во Драмскиот театар, го истражував ова што го опишав, но низ една деликатна форма – низ личен процес на соголување на актерот и екипата. Тоа е процес во кој приватното станува јавно во буквална смисла. Тоа е така зашто почувствував дека како општество ни треба колективна психотерапија и разговор за конкретни табу-теми. Затскриени зад капиталистичкиот концепт на „индивидуалност“, мислам дека останавме сами дома да патиме во четири ѕида. Секој втор човек на планетата разви депресија, стапката на самоубиства на тинејџери драстично порасна, се доразви јазот помеѓу богатите и сиромашните, ја уништивме планетата, па ако затераме вака, за кратко време ќе треба да купуваме кислород во ќесички за инфузија. Можеби моите верувања на моменти изгледаат како „донкихотовски“ битки, но и покрај тоа, сметам дека театарот треба да ја испровоцира колективната катарза, за да може кај поединецот повторно да се роди емпатија, макар кон блиските.
Кои се важните теми со кои треба да се занимава театарот?
Сè може да биде и еднакво важно и еднакво неважно. Според моето мислење, уметникот треба да тргне од себе. Да се пронајде себеси во текстот што го чита. Или воопшто не мора да се бара во некој однапред напишан текст. Некогаш е доволно тоа што те вознемирува и што го детектираш како општествен, личен, социјален проблем да го дефинираш во само една реченица и оттаму да почнеш. Во таа смисла, важна тема е онаа што најдобро и најискрено знаеш да ја артикулираш, без да ја затскриеш зад шминката, костимот, светлото. Јас верувам во театар што го демаскира проблемот, што го вади на површина целото ѓубре, за да може општественото море полесно да го исфрли.
Дали сме доволно гласни?
Ако прашањето се однесува на театарската заедница во земјава, тогаш ќе кажам дека мојот досегашен професионален век не памти такво нешто. Не само што не сме гласни, туку навикнавме да уживаме во тишината. Меѓутоа, тишината е тишина. Некогаш е пријатна, но често е досадна и непродуктивна. Таа не го содржи конфликтот, а нема театар без конфликт. Конфликтот е движечка сила на театарската мисла, на театарското дејствување. Ми се чини дека причината што театарот е вака аутистичен е токму во нашата колективна немост и аполитичност за општествените појави, уредувања, политики. Ова, се разбира, е контра на сите дефиниции за уметност. Денес, театарот кај нас се поима многу лежерно и од страна на уметниците. Затоа не е чудно што политичарите ни го изгазија „Булеварот на ѕвездите“. Замислете колку е тоа бизарно. Бизарно е толку колку што стана бизарна и самата уметност. Театарот е како приврзок на државата, а треба да биде клучот што ќе ги отвори предвреме сите врати на потенцијалниот конфликт, на девијантните појави и изопачени вредности. Не може ние, уметниците, да ги полниме само весниците со жолта штампа, кој каде бил на одмор, што јадел и кои штикли ги прошетал. Не дека треба да анализираме геополитика и да изигруваме експерти, ама може да си дозволиме со наши јазични средства да дадеме едно скромно уметничко мислење и став за одредени општествени состојби.
Во 2010 година, заедно со Васил Христов, го формиравте независниот театар „Вондерленд“. Колку се важни алтернативните сцени и која е нивната цел и нивната идеја?
Низ годините сфатив дека е најважно да имаш свое место каде што ќе може да избегаш кога работите ќе излезат од контрола. Многу е важно режисерот да одржи дистанца и да не дозволи да го совлада енергијата и атмосферата на мнозинството. Јас сакам да бидам табула раса за сè ново што ќе ме погоди, за да може да дадам свежа перспектива на работата. Така, на пример, некогаш кога истражувам за некој автор или дело и чувствувам дека фактите и информациите почнуваат да ми ја ограничуваат креативноста, веднаш го оставам и земам да читам некоја приказна што нема врска со темата. Така ја хранам имагинацијата. Со сознанија, но и со свесно бегање кога ќе ме преплават. На ист начин кога државните институции почнуваат да чкрипат, сакам да избегам надвор и да се вратам на основите. Во тие моменти му верувам на Гротовски за „уметничка клептоманија во театарот“ и тогаш почнувам од нула, го ослободувам театарот од сите украси. Мислам дека секому е потребен такво освежување. Тој процес е неопходен и за уметникот и за уметноста. А, алтернативната сцена отсекогаш ја носела иновацијата и те ослободувала од стегите на комфорот. Тоа чувство е бесценето и секогаш ми ги разлетува змејовите во главава и пеперутките во стомаков.
Имавте храброст да допрете и да остварите една нова театарска форма. Како се создаде претставата „Илузии“?
Илузии ја направивме за да се одржиме во кондиција и да останеме во контакт со професијата и со публиката. Убавината е во тоа што од таа наша дружба произлезе реактивирањето на „Вондерленд“ и собир на една ентузијастичка екипа спремна да му пркоси на времето. Успехот од виртуелниот театарски експеримент, признанијата и фестивалите што дојдоа потоа ни беа сосема неочекувани. Немавме такви претензии кога ја правевме, но, ете, потрагата за редефинирање и реобмислување на стварноста и уметноста ја препознаа во светот.
Дали постои нешто што ѝ недостига на театарската сцена?
Периодов ме прогонува една лоша мисла. Низ празните улици на Скопје трчаат еден куп актери облечени во костими од разни претстави и разни епохи. Од Молиер, преку Шекспир, до костимите од мојата последна претстава „Мојот маж“. Брзаат како да треба да одат некаде по завршувањето на претставата, но ги заборавиле на себе костимот и шминката. Во следниот кадар, сите се собрани околу една ископана дупка, стојат на дистанца, а некои држат нарциси во рака. Како посмртна песна, попот го кажува монологот на Дон Кихот за „невозможниот сон“. Откако завршува, актерите ги фрлаат цвеќињата, ги соблекуваат и ги фрлаат парчињата од костимите во дупката и мирно се упатуваат накај дома. Алузијата се однесува на целата театарска заедница, на директори, режисери, драматурзи, технички лица итн. – театарот умира, а ние не му ја даваме негата за да живее.
Со други зборови, јас сум против тезите дека треба да чекаме да помине пандемијата. Мислам дека одредени „колмејкери“ не ја согледуваат важноста за одржување континуитет на театарската мисла. Поразително е тоа што свеста е на тоа ниво. Мислам дека многу доцна ќе се соочиме со проблемот како да ја вратиме публиката во театар, кои теми ќе ѝ ги понудиме и каков театар ќе правиме во иднина. Затоа, од голема важност во ова време е континуитетот на мислата, освен со претстави, да се одржува со дигитални програми, онлајн преноси и снимки, работилници, дебати, активности. Едноставно, да се остане во контакт со професијата, со публиката, со мисловниот процес. Јас ги поздравувам сите театри што не се предаваат и работат активно согласно ресурсите и можностите, додека, пак, многу им замерувам на оние што исплашено посматраат. На крајот на краиштата, ќе стивне чадот од вирусот, ќе ја расчисти маглата и ќе покаже што останало зад прекривката. Е тогаш, зад рушевините, јасно ќе видиме кој замижал тогаш кога требало најсилно да ги држи отворени очите. А штетата сите ќе ја платиме.
Талент или среќа?
Талент во среќни околности.
Како е Нела сега?
Зачудувачки добро, виртуелно одлично.
Што би им порачале на актерите?
Среќна нова 2021.
Три претстави:
„Проба. Историја на театарот“, режија Мило Рау (Théâtre National Wallonie – Bruxelles)
„Орландо“, режија Кејти Мичел (Schaubuhne am Lehniner Platz)
„Шекспировите сонети“, режија Робер Вилсон (Berliner Ensemble)
Три драми:
„Хамлет“, Шекспир Вилијам
„Чучулига или Јованка Орлеанска“, Ануј Жан
„Пер Гинт“, Ибзен Хенрик
„Време на љубов, време на смрт“, Катер Фирц
Три филма:
„Metropolis“, Fritz Lang
„About Elly“, Ashgar Fahradi
„Lady vengeance“, Park Chan-wook
„Cold War“, Pawel Pawlikovski
„The very long engagement“, Јean-Pierre Jeune
„Big Fish“, Tim Burton