Релапс – изложба на Иван Ивановски
Како што вели еден голем канадски теоретичар на културата и медиумската сфера, како и во реалноста, така и метафорично, погледот во ретровизор никогаш не е едноставно ретроспективен поглед, туку на еден чуден начин, е поглед наназад за да се види што доаѓа, или можеби нешто што забрзано ни се приближува за да не престигне.
Во услови на развиен страв од новиот бран на епидемијата, блокирана имагинација и очекувани економски, социјални последици, изолацијата не исправа пред предизвици за начините кои ќе се гради иднината.
Преку сликите мислиме, на поинаков начин.
„Сликата е феномен кој на различни начини ја разрешува и/или комплицира нашата релација со стварноста, како некаква мапа за ориентација или како параван зад кој се скрива нешто.“ – вели Владимир Јанчевски
Од ателје, кон каталогот, во галерија и назад.
До следниот пат.
Но, никогаш не е исто.
Во фрагменти, на површината, на маргините.
Позадината е цврста, просторот стабилен.
Фигурите се флуидни, се разлеваат како флеки.
Кратки наслови, јазичен јаз.
„Изложбата насловена „Релапс“, е сложена целина од составена од неколку серии слики во различни формати кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот. Иван Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност. И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт, и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите“ – Владимир Јанчевски, Фрагмент
Без поздравна реч, без церемонии. Со почитување на протоколите, со физичка дистанца и маски, да се обидеме да ја надминеме менталната дистанца и маската на дезориентираност.
По разгледувањето на изложбата ќе можеме да се запрашаме, да прашаме, да поразговараме за делата, да размислиме што сме виделе, на кој начин не допира и не засега, да напишеме коментар, да се потсетиме на претходните изложби, да ги лоцираме „Симптоми“, да „Издишеме“, да чуеме „Шум“, да ги откриеме навреме „Пулмоналниот јазол“, да го вратиме филмот наназад, за да можеме да претпоставиме и да до доживееме она што ќе следува во 2021 година.
03 – 13 ноември 2020 година
Галерија МКЦ, Скопје
Куратор: Владимир Јанчевски