21-ви Март, светски ден на поезијата
21-ви март, светски ден на поезијата
“Поезијата, петтолиние, украдено од боговите, за луѓето да ги возвишат своите примарни чувства во вечниот храм на сеќавањето-зборот…”
Поезијата и пролетта-чествувани истовремено
21-ви Март не е само ден кога луѓето го поздравуваат доаѓањето на пролетта. Неслучајно е совпаѓањето на овие два атрибутни синоними. Да поезијата е сѐ тоа: мирис, боја, цвет, допир, пчелин лет, слух, терпентин, темјан…Дикција и сентименталност. Поезијата е примарна форма на прозата, учителка за однесувањето на природата, психологијата на човекот, особено зашто детално ги вклопува чувствата и мислите, сетилата и дразбите, низ својот краток лирски тек.
Во годината обележана од целовековното значење на Конески за мајчиниот јазик, би било неприродно да не го споменеме; воедно според него, поетот не создава од ништо, тој суштествува во еден лирски триптих, поттикнат од светото тројство на традицијата, колективот и авторот. Природниот чин на создавањето на поезијата, конекцијата на поезијата и опкружувањето на натуралната креација, е видлив во неговите стихови:
И песната е дел од флората, таа никнува како смреката, како бамјата, како гравот.
Зошто 21 март?
За меѓународен ден на поезијата, во 1999 година, Унеско го прогласува 21-ви март, со цел да се поддржи лингвистичкиот диверзитет низ поетската експресија и зголемување на можноста загрозените јазици да бидат слушнати.
Низводно и наводно низ македонската поезија
Ацо Шопов во “Поетот треба да ги разбуди зборовите” (1969 год.) беседи: “Поетот во песната е како во смрзната пештера, како во непрегледна шума, каде што наместо дрвја, лежат огромни расфрлени и скаменети зборови. Тој е оној кој треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата за да почне дрвјето да оди…”
Егзотично е и видувањето на Матеја Матески за моќта на песната , во истоимената “Песна” од вториот циклус на стихозбирката “Празнична романса”(1966):
“Имам само една добра песна што го кроти просторот непроспиен, песна добра како кроток кавал што го чува стадото на надежите.”
Низ шеговит приказ, во поемата “Македонски поети” ,пак, сеприсутниот Конески ја воспева својата животна определба обелоденета од нагибот на аргументираната, самокритична длабочина на поетот:
“Македонски поети каква судбина! Да ти се чини дека правиш Најзалудна работа на светот”
Поезијата е отисок прилагоден на времето
Поезијата денес зазема нов дискурс: се тегне и куси, се отфрла ритамот, се анулира римата, никнуваат нови правила како презрени ветришта од поетските ветерани. Отвореноста кон светот и аманетот, младите творци да ја практикуваат лесно и еластично како таа да е процес на размена на гасови, се сретнува во авантгардните стихови на деецот Конески:
“ Но тебе зар тој дел те чекал, Да бидеш име во прашен том И лист пожолтен в библиотека.”
Од друга страна пак, овој сонлив призвук на човечното, сензуалната мена на пишаниот збор, има својство да ги буди кататоните чувства потиснати од рационалното. По овој повод, го запрашавме овогодинешниот лауреат на Антево слово, Иван Антоновски, кога нему би му припаднала честа да биде првиот човек на Земјата кој ќе ја дефинира поезијата, како би ја дефинирал.
„Уметноста на зборот е „порив, и за смисла не прашува“, би рекол Конески. Поезијата е највозвишениот појавен облик на тој порив. Но, ако не може да се дефинира поривот, може ли да се дефинира неговото највозвишено остварување? Многумина се обидоа да го сторат тоа, но никој не успеа… поезијата не е само метричка структура!
Да се настојува да се дефинира поезијата е како да се настојува да се дефинира сето постоење и со дефиниција да се прикажат сите емоции, радости, страдања, стравувања, восхитувања, сите размисли… сето она што свесно или несвесно се носи во себе, а се јавува преку неа – во или меѓу стиховите…. Да се настојува на ваква дефиниција е како да се прави обид да се толкува смислата на судбината или да се дофати недофатливото… како свесно да се настојува да се оствари неостварливото.
Најверојатно, поезијата е слика на светот во нас, но ако се обидеме да ја ставиме во рамка ќе ја оштетиме.
Ако некој би ми побарал да дадам финалистичка дефиниција за поезијата,
најверојатно би се заблагодарил и би му рекол: „Извинете, не можам да го сторам
тоа, бидејќи до крајот на животот не би имал време да напишам или прочитам
песна.“
Но, сепак, се јавува и професорот по книжевност во мене и опоменува: поезијата е највозвишениот облик на естетиката отелотворена со збор, таа е душата на јазикот… кога се говори за неа, се стои простум.“
автор: Јована Матевска Атанасова