Кон творештвото на Керол Ен Дафи – лауреат на Струшките вечери на поезијата за 2021
Кон творештвото на Керол Ен Дафи – лауреат на Струшките вечери на поезијата за 2021
Овогодинешниот „Златен венец“, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“ ќе ја понесе британската поетеса Керол Ен Дафи.
Eн Дафи во обраќањето до македонската јавност изјави:
„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, бев воодушевена кога пред мојата врата ме пресретна сјајот на „Златниот венец“. Да се додаде моето име на листата поети кои толку многу ми значеле како читателка и како писателка, е скапоцен подарок за кој вечно ќе бидам благодарна. Поезијата е животен повик, музика на човечноста, која само сака да му одговори на светот и притоа да вплоти во него нови песни“
Поезијата на Eн Дафи е луцидна, без претерани лирски наметнувања или стилско поигрување со сентименталноста, но со остри врвови засекува во поентата, става превез над родовите улоги и лекомислено го оттргнува со цел да реконструира една безобразна традиционалност подалеку од нормите на помодарските видоизменети карактерни анфаси. Таа го подига гласот на еманципацијата без притоа да ги рони дланките кои ја подигнале. Низ стиховите се чини како да чекори цврсто и самоуверено, истовремено давајќи им oбележја на чувствата, ги нанижува како да се годови.
„Ниту роза, ни сатенско срце.
Ти дадов кромид,
месечина завиткана во кафеава хартија.
Ветува светлина
како внимателното соблекување на љубовта.“
Поема „Валентајн“
Различни мотиви се судираат на разминување низ нејзините стихозбирки, таа менува облик, во основата околу која се наталожува конструкцијата на нејзиниот неконвенционален стих, сепак преовладува митот на жената, на загубата и љубењето, на освестените предатори на тагата, на минорната радост на чиј кружен тек се губи редот во хаосот, за емотивни еквиваленти на заминување и доаѓање. Овој синдром најдобро се препознава во стиховите на нејзината поема „Брод“ која алудира на воспоставување радост над носталгичните спомени. Нејзината поезија погрешно е да се етикетира како женска, само зашто субјектот прикажан како суптилен глас, претпоставуваме дека ja предводи генетиката на понежен пол. Еден актер може да одигра повеќе улоги, акцентот е ставен на ваквата лирска мимикрија, со која Ен Дафи виртуозно балансира.
„Зборовите на мојот љубен
ги стрелаа ѕвездите
кои паднаа на земјата како бакнежи на овие усни;
Моето тело е сега мека рима кон неговото,
сега ехо, сега асонанца,
неговиот допир
глагол кој танцува во центарот на именката.“
Поема „Eн Хетавеј“
Нејзините намерно избрани судири на асонанца и алитерација, се отпечатени низ редовите, за да го имитираат допирањето на телото, на ерогените зони при водењето љубов, на љубовната потчинетост асимилирана во наврапито изведени заклучоци.
Сепак нејзините поеми, иако под владение на љубовната тематика, не би можеле чисто и едногласно да ги прогласиме како сонети, не се подлегнати на Шекспиров стил или предренесансниот стих на Петрарка. Жонглирањето со правилата и исклучоците во нејзиниот мајчин јазик, англискиот, најдобро доаѓа до израз во нејзината поема „Синтакса“.
Поемата „Оригинално“, со автобиографски конци врзана за поетесата, е сконцентрирана на два синоними на тага: емиграцијата, напуштањето на веќе познатото поднебје и растењето, напуштањето на веќе познатото тело.
„Сите детства се емиграции.
Некои се бавни, те оставаат да стоиш, повлечено,
на булевар каде никој што го познаваш не стои.
Други се ненадејни.
Твојот акцент е погрешен.
Агли кои изгледаат познато,
водат кон незамисливото
Ситно камени имоти,
големи момчиња кои јадат црви,
извикуваат зборови кои не ги разбираш.
Анксиозноста на моите родители
како разнишан заб
промешува во мојата глава.
Ја сакам нашата земја, реков.“
Поема„Оригинално“
Нејзината поезија е љубов и страст овековечена низ говорот на телото, речиси како да емитира едно запуштено предградие, кое допушта речникот да се прилагоди на читателските мисли од пластелин. Емотивна алиенација и позитивно подесен душевен диоптер. Кога жената не е жена, туку енергиска материја која се предава низ стиховите како позлатена штафета, се прилагодува на условите на следната строфа, но се однесува како стутканото парче хартија од претходната.
Керол Ен Дафи (1955), родена во Гласгов, е британска поетеса, есеист, драматург , професор и креативен директор на „Школата за пишување“ на Универзитетот „Манчестер Метрополитен“. Дафи, во 2009 година, беше првата жена која ја држеше плакетата за „Поет Лауреат“ на Велика Британија, по четиривековна традиција на прогласување на машки поети.
Нејзиниот талент стана маркантен веднаш по објавувањето на својата прва провокативно насловена книга „Standing Female Nudes“ , објавена кон средината на 80-те. Има објавено педесеттина стихозбирки од кои последните две во 2019 година, насловени „Искреност“ и „Панаѓур на студот“.
Добитник е на повеќе награди.
автор: Јована Матевска Атанасова