Светот во еден момент навистина застана – Џана Џаниќ
Светот во еден момент навистина застана – Џана Џаниќ
Утревечер во ,,Македонскиот Народен Театар “претставата ,,Нема да биде крај на светот “ во режија на Нина Николиќ премиерно ќе се игра пред Скопската публика во рамките на фестивалот МОТ .
Светот каков што го познававме во еден момент навистина застана, но не исчезна. Бидејќи премиерата е веќе распродадена ,следните изведби се закажани за 23,24,25 и 26ти Декември .Билетите се достапни онлајн на веб страницата на МНТ
По тој повод овој пат разговараме со Џана Џаниќ – Актер во Сараевски ратни театар -САРТР
Џана здраво и добре ни дојде во елементал 🙂
Се надевам дека малку стивнаа импресиите после успешната премиера во Сараево на претставата ,,Нема да биде крај на светот” во режија на Нина Николиќ и сега веќе се спремате за нови впечатоци , задоволства и импресии од Скопската публика 🙂 Ова е претстава која воедно е копродикциски проект со Македонскиот Народен Театар каде што оваа среда ја играте македонската премиера на еден од значајните фестивали кај нас – МОТ .
Интересниот податок за вас е тоа дека секоја улога всушност ја добивате на кастинг , тоа сигуно ви причинува не само големо задоволство туку и признание дека сте таму каде што припаѓате . Па така и оваа улога ја добивате токму на овој начин и со истата добивате за кратко време специјална награда за актерска игра на Театарскиот фестивал ,,Живи Фест “во Восна и Херцеговина .
Елементал: Раскажете ни малку за овој процес ? Некоја случка можеби низ процесот на работа ? 🙂
Џана: Ова е моја трета соработка со Нина Николиќ. Точно е дека се запознавме на аудицијата за претставата „Буре барут“ на која таа ме одбра. Другите соработки се последица на тој прв заеднички процес. Концептот на аудиции ми беше близок уште во студентските денови, не ми претставуваше проблем да отпатувам дури и во некоја од соседните земји на аудиција. Сметам дека тоа е важен актерски тренинг.
МНТ го доживувам како пријателски театар и полека станува мое сигурно место, првенствено поради луѓето со кои соработувам, а делумно и затоа што сакам да мислам дека моето срце е македонско. 😊 Се радувам што ќе настапуваме на МОТ.
Овој процес настана од вистинска потреба за театар. Ние сме мала екипа која сака да работи заедно, едногласно го одбравме текстот, читачките проби ги направивме преку зум, а август го поминавме на малата сцена на МНТ. Температурите дивееја, надминуваа +44 степени и навистина имав чувство дека се случува крајот на светот кога ќе ја отворев вратата од театарот и врелиот ветер ми го распаруваше лицето. Она што би го издвоила, кога е во прашање работата со Нина, е темелниот благонаклонет пристап во читањето на текстот. Ја анализиравме секоја мисла со длабока верба во напишаното, ослободени од било какво предзнаење и му препуштивме на текстот тој да не‘ води.
Елементал: Што е она кое за вас беше клучна водилка да ја создадете оваа улога во време каде што светот за миг навистина запре ?
Џана: Точно е дека овој процес се случи во време на пандемија, но тоа немаше значително влијание на мојата работа на улогата. Светот каков што го познававме во еден момент навистина застана, но не исчезна. За да опстанеме, едноставно моравме да се прилагодиме на новонастанатата ситуација. Улогата на Нина во оваа претстава ме опоменува за важноста да се преземе одговорност за сопствениот живот. Таа му се опира на менталитетот на жртвите со кои сме опкружени, верува во можноста за промени и присвојување на нови механизми на размислување. Можеме да научиме да го живееме животот поинаку.
Елементал: Имате работено со големи театарски имиња како што се Харис Пашовиќ , играте рамо до рамо со Раде Шербеџија и многу други значајни имиња во театарскиот свет . Од секој од нив сигурно имате научено нов метод , пристап , естетика ….Но она што е важно е како вие успевате да се борите за вашиот свет и индетитет како актер?
Џана: Се придржувам кон театарската етика. На време доаѓам на пробите, приватното го оставам надвор од сцената, ги почитувам сите учесници во процесот на создавање, верувам во институцијата ансамбл, во важноста да се раскажуваат приказни, се трудам да ја задржам индивидуалноста, но и да ги слушам другите. Одговорно се однесувам кон својот позив.
Елементал: Кога светот заедно со театарот може навистина да запре и да престане да твори и говори ?
Џана: На знам. Веројатно доколку сите луѓе исчезнат од лицето на земјата. Но тоа очигледно уште долго нема да се случи. Затоа, да го направиме најдоброто што може од ова што го имаме.
Оваа драма и оваа претстава се занимаваат со рушењето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од оваа драма под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет.
Проектот е во продукција на Перипетија продукција, a во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевски ратни театар — САРТР од Сараево (Босна и Херцеговина).
Режија : Нина Николиќ
Автор : Аднан Лугониќ
Музика : Оливер Митковски
Костимограф : Ивана Каранфиловска-Угуровска
Сценограф : Ангел Петровски