The Social Dilemma
Со овој наслов кој само по себе претставува игра на зборови, Џеф Орловски удира културна шлаканица, отворено застанувајќи на страната на приватноста во онлајн заедницата. Овој документарен филм во исто време ќе ве уплаши, ќе ви ги отвори очите, ќе ве направи претпазливи или можеби ќе фрли сомнеж кон теории на заговор. Во секој случај нема да ве остави рамнодушни.
На насловот можеби му недостига еден прашалник. Онака како што ќе навлегувате во филмот, ќе сфатите дека дилемата околу социјалните медиуми всушност и не е баш дилема туку напротив таа претставува бизнис алатка со која големите технолошки компании, особено социјалните медиуми прават огромни заработки обидувајќи се да го предвидат секое ваше идно движење.
Носител на социјалната дилема, иако сите учесници во разоткривањето на злобниот профитерски дух на технолошките компании земаат удел, недвосмислено е Тристан Херис, човекот кој и самиот бил дел од најпознатиот интернет-пребарувач Гугл во улога која е парадокс сам по себе. Тој во компанијата поминува три години како етички дизајнер чија работа е да се грижи во употребата на сервисите на Гугл да има етички елемент.
Во документарниот филм, мноштво луѓе даваат свои видувања и искуства за тоа како се дизајнирани некои од најголемите социјални платформи. Ова се луѓе кои поминале години во овие огромни компании како Гугл, Твитер, Фејсбук, Пинтерест, Снепчет.
Со секој коментар кој ќе го чуете во филмот, не само што ќе станете поисплашени туку и толку повеќе свесни за сето она што се случува во позадина додека вие скролате по вашите социјални мрежи. Една од најстрашните мисли кои ќе може да ги чуете и прочитате во овој филм е онаа која вели „Ако не го плаќате производот, тогаш вие сте производот“. Документарецот во исто време го разобличува и митот дека големите социјални платформи својот профит го прават продавајќи ги вашите податоци онлајн. Напротив, според голем дел од учесниците во документарниот филм, големите социјални медиуми немаат никаков интерес да ги продаваат тие податоци, туку дека истите се користат за да креираат што е можно подобри и подобри предвидувања на човечкото однесување.
Иако сите корисници на овие технологии, социјални медиуми и платформи се подложни на катастрофални последици, во документарецот посебен акцент се става на последиците кои ги трпат младите, и особено драматичните бројки кои се однесуваат на порастот на самоповредување на тинејџери помеѓу 10 и 14 години и 15 и 19 години, како и огромниот и загрижувачки пораст на бројот на самоубиства по експанзијата на социјалните медиуми во САД од 2009-та година па наваму.
Производите на големите технолошки компании, социјалните медиуми и нивното влијание врз индивидуалната и колективна свест се дел од дилемата дали технологијата е егзистенцијална закана за човештвото. Тристан Херис, многу пластично објаснува дека самите технологии не се никаква закана за човештвото, туку дека заканата доаѓа од способноста на овие технологии да го извлечат најлошото од секое општество, а најлошото во секое општество е тоа што претставува егзистенцијална закана. Иако низ целиот документарец провејува чувството дека работите неизбежно се движат кон колапс, истиот завршува со потенцирање на вербата кај овие луѓе дека треба да се привлече доволно внимание кај големите технолошки компании за страшните нус-појави од употребата на нивните технолошки продукти и да се почне со колективно реформирање на истите. Инаку покрај Херис, своето искуство во дигиталниот свет го споделуваат и многу други, како Џерон Лениер творец на виртуелната реалност, Џастин Розенстин, поранешен продукт менаџер во Гугл како и Тим Кендал, поранешен претседател на Пинтерест како и поранешен директор на монетизација во Фејсбук. Овие, и многу други, го вртат недвосмислено вниманието со нивните сведоштва за споредните ефекти од она што било со години создавано како корисна алатка во дигиталниот свет, сепак во исто време признавајќи дека колку и да изгледаат злобно, многу малку веројатно е дека сите овие технолошки гиганти и социјални медиуми, свесно прибегнале кон дигитална манипулација на масите, туку дека производот кој е создаден, сам по себе, има систематски дизајн од кој не може да се избега без истиот да биде реформиран.
Ако не било досега јасно … оставете социјални медиуми, исклучете нотификации, заборавете на препорачани содржини или станете продуктот. Во секој случај … погледнете го филмот, стравот е оправдан.
автор: Мишел Наумоски