Интервју – Културолошка иницијатива “5 до 12”
Колку доцна е предоцна за културна ренесанса? Веројатно никогаш. Таа непрестајна борба на идеали, предизвици, како вечната, непресушна борба на доброто и злото. Во овој свет во кој малку се подизгубиле вистинските вредности, секој восклик, секое жарче кое тлее е доволно за повторно да се распламти културниот оган. Дури и ако тоа се случува „5 до 12“ што би рекле ние. Споени од љубов, но споени и од нужност, под едно метафорично име, членовите на културолошка иницијатива „5 до 12“ веќе извесен период, со сите свои креативни сили се борат ова „5 до 12“ да не биде предоцна.
Елементал: Иако метафората е очигледна, зошто 5 до 12?
К. И 5 до 12: „Називот „5 до 12“ затоа што може да се аплицира во многу сфери во нашето општество и да одговара, за жал. Нашето општество е навикнато да функционира правејќи работи „5 до 12“, па затоа одлучивме да го вметнеме тој назив во нашето име, но исто така бидејќи е крајно време, е „5 до 12“, да се преземе нешто конкретно и директно во нашата култура, во нашето живеење и постоење во нашиот град и држава, да се променат работите на подобро за да можеме тука сите заедно да твориме и создаваме.“
Елементал: Кои се „КИ 5 до 12“?
К. И 5 до 12: „К.И. 5 до 12 се млади дечки кои функционираат под капата на здружението НАТГ (Независна Аматерска Театарска Група) „Аматер“, започнавме само тројца, Јован Цветкоски, Ристе Лекоски и Јаков Јованоски, па оваа година се приклучија Илија Левески, Димитар Поп-Стефанија и Христијан Томевски кои ја предводиме оваа иницијатива, но секако дека имаме дополнителна помош од многу други луѓе, соработници, помагатели, пријатели, нашите драгоцени волонтери итн. “
Елементал: Знам дека сте цел еден ансамбл од карактери, но како ја разбирате културата, индивидуално и како колектив?
К. И 5 до 12: „Навистина ние сме сите различни карактери и секој во некоја одредена област творел и дејствувал, па сме се здобиле со најразлични искуства и вештини, иако најстариот член има 26 години, сепак зад нас стои големо искуство, бидејќи сме се нашле и споиле од најразлични сфери, музика, театар и филм, информатика, дизајн, архитектура, едрење, волонтирање во најразлични организации, но сепак нас нè спојуваа тоа што сме истомисленици, така што секој со своето индивидуално искуство дошол до нашето колективно размислување дека културата е начин на однесување, начин на живот и е од есенцијална важност да се бориме Охрид да стане град на европска култура, бидејќи е град со толкаво културно богатство и наследство кое некако цело време паѓа во сенка на матните игри на едно летаргично општество. Затоа и целта која нè спојува е дека со културна револуција ќе стигнеме до еволуција на културата.“
Елементал: Колку време постоите како културен колектив и што успеавте да организирате досега како иницијативи, настани?
К. И 5 до 12: „Здружението НАТГ Аматер постои веќе 7 години, но конкретно со Културолошка иницијатива 5 до 12 започнавме летото 2019-та, така што ова лето ни беше втора година, моментално се спремаме за програмата за 2021-та, но секако можеме да кажеме дека во овие две години успешно беше реализирана програмата содржана од настани од најразлични категории: работилници за фотографија, сликање, актерска игра, модерен и народен танц; театарски претстави и перформанси, музички концерти, спортско-рекреативни настани, социјално-друштвени настани, поетски читања, литературни промоции, Stand up настапи, промоција на староградска музика, tech talk, еко-трибини, еко-акции, хуманитарни акции, изложби, проекција на филмови итн. “
Елементал: Веројатно ќе е тешко да изберете, но што за вас претставува најголем успех од сето она што успеавте да го направите во изминатиот период?
К. И 5 до 12: „Ние секако дека сме горди на секој настан којшто ќе го организираме, но на пример оваа година сме особено горди на тридневното отворено кино со автомобили Drive-in Cinema Film Flow, поради тежината која ја носи овој настан, самите подготовки и организација на настан од ваков тип. Но, секако би го издвоиле и настанот „Ој љубов, љубов“ староградска пловидба со Ансамбл Билјана, тоа е нешто за кое долго ќе се раскажува, поради енергијата која ја имаше овој настан, убавината, и целата историја и тоа културно богатство и традиција која ја имаме и треба да ја негуваме, спакувани во една убава приказна која на возрасните ги враќа во минатото и традицијата на градот Охрид, која тогаш се случувала секојдневно, а со младите го дополнува спојот на традицијата и иднината која ќе ја пренесува оваа приказна. Најгорди од сè сме, колку навистина им значат на луѓето овие настани и работите кои сакаме да ги направиме, искрено за нашиот град.“
Елементал: Што е направено и што се обидувате да направите за тој глас да почне да допира подлабоко во сржта наместо да ја дразни површината?
„Работата е во тоа што ние имаме цел од која не се откажуваме, колку и да наидеме на пречки не се демотивираме, напротив излегуваме посилни на крај. Се бориме искрено, отворено, бараме, тропаме на врати зад кои има луѓе кои можат директно да помогнат и променат нешто и од тоа не се откажуваме. Најголемата цел кон која се движиме и веќе тоа е кажано јасно и гласно од наша страна е креирање, создавање, градење на еден Младински Културен Центар во Охрид, кој ќе функционира под капата на младите, независно, и најмногу за младите и за целото општество. Голема штета е што досега нема таков младински центар каде младите ќе можат да се соберат, да творат, да функционираат.
Тоа е примарната и основната работа за која се бориме, од која ќе произлезат многу позитивни работи кои ќе придонесат и во општеството.“
Елементал: Какво културно скокоткање подготвувате следно?
К. И 5 до 12: „Сега се подготвуваме за наредната година, но и подготвуваме настани кои би се правеле и преку целата година, но за жал целата ситуација со пандемијата го забавува тој процес и не знаеме како ќе се одвиваат тие работи, исто така сме вклучени во еден интересен настан, проект за еден гениј, кој ќе се случи во декември и ќе биде маестрално, но да не откриваме повеќе. Што се однесува до нашите акции, се фокусираме на планот за МКЦ, простории каде ќе може иницијативата да функционира и програмата за наредното лето, но и доста други идеи и акции кои за брзо ќе осамнат насекаде и ќе го разубават нашиот град.“
Елементал: Ако утре ви дадат волшебно стапче и можност да смените само една работа, културно, уметнички … што би било тоа?
К. И 5 до 12: „Доколку имаме волшебно стапче за да смениме една работа, културно, уметнички, ние без размислување би го изградиле најреномираниот по најдобри стандарди и најуникатниот Младински Културен Центар во светот!
Културата расте со младите!“
автор: Мишел Наумоски