Кристина Гавран : Преселбата е тема на која постојано се навраќам во пишувањето
Кристина Гавран : Преселбата е тема на која постојано се навраќам во пишувањето
Исправена пред предизвикот да создаде роман што ќе биде своевидно свето женско писмо, Кристина Гавран ја започнува својата писателска кариера со книжевна кулминација. Романот-каскада, каде приказните прелеваат од една во друга, беше вистински погодок, особено кога би се зело во предвид, дека „Гитара од палисандер“ е нејзино првенче. Жените се постојано распнати помеѓу улогите за кои од нив се очекува да ги одиграат беспрекорно и по секоја цена, често судрени со суровиот и сексистички навиен свет, експлоатирани во целите и деградирани од одредени општествени вредности. „Гитара од палисандер“ ги опфаќа сите догми и стереотипи на жената низ вековите, иако Кристина Гавран е млада писателка, нејзиниот ракопис шири бескрајни годови на палисандрово дрво, и се чини успева да собере илјадници години еманципација во само 208 страници.
Петте ликови се одраз на палисандровата гитара, нежни и страсни, исполнети со мирисите на животот и скапоцени. Аша е семката на приказната, Роза е коренот, Сиротица е стеблото, Габриела е гранката, Петра е листот, а Кристина Гавран плодот на книжевното изртување. Овој женски квинтет под диригентската палка на Кристина Гавран ги буди заспаните сетила, таа виртуозно го отвора секое поглавје наметнувајќи музичко дело отсвирено од жена, на таков начин сугерирајќи дека мракот од репресивната девалоризација на жената е минато. Низ светогледот на жените што од памтивек биле зачетнички на живот, лулка во која се создал басенот на Земјата, утроба што е единственото безбедно засолниште од непромисленоста и бизарноста на планетарната суровина, луѓето, Кристина Гавран раѓа едно дело што ќе ги прескокне препреките на времето колку и родовата аристократија фракционо да стагнира, со стремеж светските разлики да се израмнат до незначителност. Дотогаш, жената останува вечна и неопходна, бел дроб, како и дрвото на Земјата, без кое дишењето би било само спореден процес на смртта.
Како една од учесничките на овогодинешното, осмо по ред, издание на Boostar фестивалот за европска литература, на големо очекување од читателите, Кристина Гавран ги сподели своите гледишта за пишувањето, идејата зад нејзиниот роман, но и идните планови, непосредно пред излегувањето на нејзиниот втор роман “Помеѓу”.
Елементал: „Гитара од палисандер“ е книга која беше пресвртница за многу читателки во Македонија. Романот е силен и расонувачки како еспресо, напишан за да ги отвори очите веднаш после читањето. Која беше вашата инспирација за книгата?
Запознав многу жени за време на Bookstar фестивалот кои ми пристапија и ми кажаа дека мојот роман имал големо влијание врз нив. Почестена сум да ги запознаам сите овие жени и да разговарам со нив. Знам дека жените се силни, моќни, подготвени да направат тешки избори. Бев инспирирана од многу такви силни жени во мојот живот, но исто така, од народните приказни, бајките и митологијата (пред Дизни да има шанса да ги уништи).
Елементал: Палисандерот е познато како дрво што крвари. Романот е раскажан низ пет различни аспекти компресирани во една линија, како компилација од женски гласови, песни за жртвувањето и храброста. Сепак, ова литературно дело во својата срж ги содржи и несаканите стереотипи кои сѐ уште ги прогонуваат жените од сите општествени слоеви. Кажете ни повеќе за процесот на пишување, за метафората зад насловот. Дали имавте намера палисандерот да стане сврзно ткиво на приказната од самиот почеток или идејата дојде на крај, откако ги изградивте карактерите?
Палисандерот е специјално дрво, расти во Индија и има деликатен мирис. Неговото име е сандаловина и се користи во козметиката, како лек, и при изработката на скапи предмети. Инстантно знаев дека мојата гитара мора да биде направена од уникатно дрво кое има посебно значење. Гитарата за мене е репрезентација на жената- нежен, а сепак силен инструмент кој може да поттикне страст, но и да понуди интимност. Но често гледаме дека гитарата е претставена само како женско тело- раскошно, со облини и во рацете на маж. Сакав да го изменам таквиот наратив. Секое поглавје започнува со предлог за музичко парче отсвирено од жена. Има неверојатни жени кои свират на гитара и се надевам дека читателите ќе ја слушаат музиката додека ја читаат книгата. Да можев, би им испратила и парче сандаловина, да го помирисаат и да им ги разбуди сетилата.
Елементал: Вашиот стил на пишување е ремек-дело, сте ги зашиле парчињата од романескната сложувалка совршено. Воочливо е влијанието на драматургот во книгите (како што знам, имате диплома во ова поле), нешто што им дава посебна доза на автентичност. Ги водите читателите, како вашите зборови да се приврзани со камера, сите тие светови на Аша, Габриела, Петра, оживуваат како ноти отсвирени на гитара. Ова е, несомнено, најгласната книга за женската еманципација. Што беше главната цел додека ја пишувавте книгата? И дали сега, после објавувањето, сметате дека сте ја постигнале таа цел?
Не мислам дека имав цел, едноставно сакав да раскажам приказна. Пишував за да поттикнам прашања, и за време на пишувањето се прашував: „Дали една жена може да биде артист и мајка?“ Можеби најдобриот одговор што го добив после објавувањето на книгата е дека имав неодложна потреба да раскажам приказни за мајчинството и женственоста. Мојот стил на пишување е структуриран и фрагментиран и притоа ми дозволува да бидам разиграна и креативна.
Елементал: Нешто за што мора да продискутираме е користењето на поинаков стил и глаголско време во раскажувањето на приказната за Аша, нешто што лично го сметам за брилијантен потег и паметна литературна предигра, затоа што со овој чекор Вие сраснавте поблиску до читателот како писател. Која беше намерата зад необичната игра со зборови?
Сакам да му се заблагодарам на македонскиот преведувач Владимир Јанковски затоа што беше внимателен додека ја преведуваше книгата, со оглед на тоа дека нималку не е лесно да се преведе хрватскиот ‘аорист’. Тоа е една стара форма на минато време кое никој повеќе не го користи, но тоа е јазикот на кој се раскажани старите народни приказни и токму тој стил ми беше потребен за да ја раскажам приказната на Аша, мудра жена од номадско племе, која е семето на приказната и семето на палисандровата гитара.
Елементал: Кога би побарале длабоко во себе, што е она што најмногу посакувате да го претворите во книга еден ден? Можеби некоја историска тема или спомен од детството?
Само што го завршив мојот втор роман „Помеѓу“ кој излегува кон крајот на октомври, публикувана од Диспут, во Загреб. Тоа е приказна за миграцијата, преселувањето од Хрватска во Англија, приказна за животот помеѓу култури и јазици. Поради моето лично искуство, преселбата е тема на која постојано се навраќам во пишувањето (на пример, во мојата театарска престава „Пипер и мед“ која гостуваше низ театрите ширум Обединетото Кралство). Не знам дали после овој роман дојдов до заклучок или ќе продолжам да пишувам на истата тема и понатаму.
Елементал: Евидентна е митологијата на старите Словени во некои од приказните, изгледа дека ниту еден писател од Балканот не може да ги избегне античките верувања на своите предци. Дали Ви беше потребно далекусежно пребарување додека ја пишувавте „Гитара од палисандер“, посебно за приказните на Аша и Сиротица, или беше спонтано и идејата дојде природно?
Во времето додека ја пишував „Гитара од палисандер“ го подготвував и докторското истражување на Универзитетот Loughborough за перформансот на раскажување. Како дел од него, читав народни приказни и истражував како приказните патувале од една земја до друга. Аша е поврзана со индиската митологија, Роза за словенските приказни, Сиротица за германските народни приказни, а Габриела носи доза на шпанска атмосфера. Сепак, сите овие приказни се поврзани и се надополнуваат во финалната приказна, современата Петра.
Елементал: Дали би можеле да ги поздравите читателите со една реченица на секој лик во книгата, на пример, влегувајќи во чевлите на Аша, Роза, Сиротица, Габриела и Петра? Што секоја од нив ќе им каже на читателите, некакво наравоучение?
Аша би не’ научила на моќта на природата, Роза за излегувањето од општествените норми, Сиротица за одредувањето на своето име и судбина, Габриела за страста, а Петра за тоа како да бидеме храбри во правењето одлуки. Секој лик носи сопствена мудрост и споени тие покажуваат силна солидарност и поврзаност помеѓу жените.
Подготви: Јована Матевска Атанасова