ФАНК ШУИ се македонските финалисти на HEMI MUSIC AWARDS!
ФАНК ШУИ се македонските финалисти на HEMI MUSIC AWARDS!
Еден од најпрогресивните музички состави кај нас, ФАНК ШУИ – моментално актуелен со синглот “Не Време”, се наоѓа помеѓу 9-те финалисти номинирани за “HEMI Music Award” – новата програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво.
Од вкупно 285 европски таленти од Централна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бендови од 9 држави, меѓу кои од Македонија беа избрани Плутос Даутс, Фанк Шуи и Ју а во вториот круг, со гласовите од меѓународното жири, влегоа ФАНК ШУИ, заедно со уште осум европски бендови.
Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации “HEMI”, е составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари, меѓу кои се наоѓаат имиња како Edmond Lenarth – букинг агентот на најголемиот фестивал во Романија “Electric Castle”, Thomas Machairas – арт директор на “Release Athens Festival”, Milan Rakić – букинг агент за Explosive Stage на реномираниот “Exit Festival”, Katarina Epstajn од Radio Belgrade, Dragan Ambrozić – уредник на програмата на Dom Omladine во Белград.
Во втората фаза на “HMA”, 9-те финалисти ќе добијат персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментор – експерт во областа на музичката индустрија, кој ќе биде назначен согласно потребите на секој бенд.
Заедно со обуката овозможена од “HEMI”, 9-те финалисти ќе изработат ексклузивен материјал кој ќе го претстават за време на “HMA” лајв сесијата, за конечно да стигнеме до последната фаза на наградите во јуни, кога ќе се изберат 3-те добитници на “HEMI Music Awards 2021”!
Покрај Фанк Шуи, помеѓу 9-те финалисти се наоѓаат и пејачот и баскер “Thom Artway” од Чешка, необичното нордиско електро-поп трио од Естонија “I Wear* Experiment”, алт-рокерите од Грција “Deaf Radio”, блуз бендот “Woodstock Barbie” од Унгарија, гараж-рок триото и гордите сопственици на еден од најдобрите српски албуми за 2020 година “Dogs In Kavala”, полскиот квартет “Izzy and the Black Trees”, првата Youtube сензација во Романија “Lucia” и словенечките “Koala Voice” кои одлично ја комбинираат инди музиката со рок и поп звукот од 70-тите.