„History od Mother fuckers“-сатира за цивилизацијата и колективната свест
„History od Mother fuckers“-сатира за цивилизацијата и колективната свест
Духовита приказна која во своето јадро го има човекот и неговата заедница, своевидна сатира исполнета со песни и музика приреди вчеравечер за публиката на „Охридско лето“ Битолскиот народен театар играјќи ја претставата „History od Mother fuckers“ .
Претставата што се играше на сцената „Долни Сарај“ е градена врз основа на текстот „Кориолан“ на Вилијам Шексипир, а во режија на Андраш Урбан. Во неа глумеа Николче Пројчевски, Борче Ѓаковски, Иван Јерчиќ,Соња Михајлова, Сандра Грибовска и Викторија Степановска. Костимографијата беше на Благоја Мицевски, сценографијата на Валентин Светозарев, а музиката ја компонираше Ирена Поповиќ.
Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ кој беше и дел од актерската екипа во претставата истакна дека актуелноста на шекспировиот „Кориолан“ се чувствува и денес во општеството.
-Земен е само костурот на „Кориолан“ и многу малку од самиот текст, и врз него Ведрана Божиновиќ како драматург и автор на текстовите напиша една современа и нова приказна иако актуелноста на „Кориолан“ и ден-денес се гледа и се чувствува во нашето општество. Ова е приказна која во исто време на трагичен и комичен начин, емотивен и истовремено лишен од секакви емоции концепт, зборува за демократијата, за нашето живеење, рече Јерчиќ.
Според младата и исклучително талентирана актерка Сандра Грибовска, предизвикот да се работи овој театарски проект беше голем со оглед на пандемијата што трае долго.
-Темите во претставата нѐ тангираат сите нас, посебно по сѐ она што поминавме и како човештво и како цивилизација, и видовме дека некои работи се навистина вечни. Ако не го кренеме колективното ниво на свест можеби ќе продолжат да нѐ тангираат и нас и нашите наредни генерации. Што се однесува до работењето со режисерот Андрош, тоа е секогаш предизвик. Го знаеме неговиот режисерски јазик, начинот на кој тој работи со актерите, стилот, изразот…така што бев среќна што токму со него се вратив по едногодишна пауза на сцената на матичниот Битолски театар, рече Грибовска.
На сцената „Долни Сарај“, публиката имаше можност да види и еден од доајените на македонското глумиште, актерката Соња Михајлова, со најдолг театарски стаж помеѓу колегите, која покажа неверојатна енергија, иако, како што кажа, пандемијата, како и сѐ друго, ја сопре и театарската активност.
-Ова беше посебен начин на подготовка на претстава заради тоа што се случува по година и половина неактивност на сцената така што беше првично повторно препознавање на екипата и меѓу нас, и враќање на оној театарски креативен момент. Среќа е што во сето ова режисер ни е нам добро познатиот Урбан со кого и претходно сме работеле, така што успеавме да се пронајдеме и да ја износиме оваа претстава во вакво турбулентно време, појасни актерката Михајлова.
Режисерот Андраш Урбан ѝ е добро познат на публиката и од гостувањата на „Охридско лето“ и на другите фестивали, но и по своите режии во Битолскиот народен театар.