Трета вечер монодрама: За конкавните бегства
Трета вечер монодрама: За конкавните бегства
Третата вечер од Интернационалниот фестивал на монодрама 2023 ги обедини актуелните обележја на модерниот човек- бегството и миграцијата со примеси на руралност и апсурд. За одличните изведби на актерите Кристо Вијдинг и Ментор Зумберај прочитајте во продолжение.
„Бегалецот”- Разранетите кутикули на разумот
*Автор: Јаан Каплински Режија: Медис Калмет Актер: Кристо Вијдинг*
Р.А.А.А.М. Театар Талин
Монодрама работена според филозофски и алегориски текст на познатиот естонски поет Јаaн Каплински, Р.А.А.А.М. Театарот од Талин пред битолската публика го изнесе “Бегалецот”. Енергијата со која Кристо Вијдинг проструи на сцената беше зашеметувачка. Со натприроден капацитет да го одвои коскеното од мекоткивното, оној психофизички склоп на борба помеѓу нагоните и духовното, тој раскажа тегобна приказна за борбата за ослободување. Но дали овие окови се кинат или засекогаш остануваат како фантомски екстремитет? Лудилото да се убие во афект, па да се живее со лудилото во бегство, и истото тоа лудило да се заврти против личноста беше споено со позадинската метафора за националниот идентитет, просторното губење, припадноста на луѓето како имотна сопственост. Дали Турин со прецизноста на Камиевиот “Странец” нишани кон себеси кога го убива злобниот господар?
Вијдинг изведе кореографија на угнетување, на растење, на егзорцирање горчина и беда, со таква фантастична привлечност што на публиката не и’ преостана ништо друго освен хипнотизирано и без трепнување да го следи секое движење во ритмика на естонската лексика.
Публиката прошета низ времепловот на малите, невидливи луѓе, кои преживуваат благодарение на потиснатиот инстинкт на пресветата самоактуелизација, израснати од дојката на мазохизмот, да бидат газени и послушни, иако несомнено човекот расте тогаш кога се претвора во ѕвер.
Сепак во протагонистот се активира едно магнетно поле, кое му го поматува умот, но соодветствува на правдата и нејзиното поимување. Ударот врз образот е удар врз честа на чесниот работник и безгласната закрепостеност. И тука актерот одлично ја доловува амбивалентноста, растргнатоста од логиката и импулсивноста, телесната синкопа.
Кулминацијата во монодрамата беше искачувањето на скалата, нешто што сиромавиот бегалец го достигнува практично без животниот стандард да му го дозволи тоа и на духовен план. А потоа следуваше горењето и преносноста, сеопштата игниција како на таков начин да се обидува да си пресуди, но и да се ослободи од сторениот гнев што воедно е и крајот на монодрамата.
Она што како дискусија би произлегло од оваа изведба е дали гледачот ја оцени театралноста на сцената според површното гледиште: роб наспроти господар или сепак треба да го побара подлабокото значење преку симболизмот на таткото на психоанализата, дека оваа борба беше конкавна, внатрешна, вдлабната, настаната помеѓу пресилното его и ослабениот морален судија- супер егото?
„Арка“- Кога татковината создава кловнови
*Автор, режисер и актер: Ментор Зумберај*
АКТ Приштина
Трагичната монодрама за животот во балканските земји. За одземениот потенцијал, за потребата да се собираат пари за да се спаси живот и покрај ветеното бесплатното здравство, за празните огништа во кои пламенот и по заминувањето не згаснал.
Актерот Ментор Зумберај ја носеше тежината на телото како уште еден сопатник на сцената, на таков начин претставувајќи го товарот на спомените што секој мигрант го влечи со себе. Откако семејството се расчленува дел по дел, жигосани од прераната смрт на најмалото дете, тегобноста, по несуден стандард, заедно со родителите ја споделува и најголемиот син, кој правел натчовечки напори да заработи доволно за да го излекува братот на сметка на своја академска депривација. Но во меѓувреме е уапсен, поради илегално преминување на границите на европските држави-гиганти и тука надежта за среќен крај згаснува.
Актерот емоциите ги предаваше начелно како да разлистува прирачник по развојна психологија, во која ги оживува стадиумите на дете, на родител, на бабина мудрост, одлично одглумена социјална трансакција на бесконечно влегување во игра на улоги, се додека конечно не се претвори во “паљачо”- кловн, финалната улога што неповолната економија и погубната егзистенција ја спрема за секој еден што останал верен на државата-погубител.
Иако немаше превод во позадина, беше јасно изразено тагувањето по мајката, по строгиот татко деспот, по татковата бесценета уметност која останала без цена во родната држава, во душевното гниење што избиваше преку насолзеноста но и потиснатиот бес.
Ментор Зумберај го распетла и музичарот во себе, свирејќи на кавал, пеејќи севдалинка, низ 45 минутна монодрама успеа да ги долови и да се трансформира низ петте фази на справување со тагата. На крај не му преостана ништо освен да го изведе танцот на кловнот, грчењето, смеата и тагата, мутизмот и пантомимата, стравот што е предрасуда за кловнот, иако е маскота, маскота на изгубените амбиции и семејни вредности. Протагонистот е дете што пораснало предвреме и како казна го носи телото на маж.
Завршната сцена проследена со морничава музика во која во отворениот ковчег, тој истиот што треба да ја претставува Пандорината надеж, остана само една марионета да се ниша и да ја отсликува својата сенка на капакот од ореово дрво, како тоа да е арка, библиска арка што ќе го остави последниот преживеан од родот да продолжи понатаму.
Пишува: Јована Матевска Атанасова