Аудиокултура – сцена која постави нови музички стандарди
Аудиокултура – сцена која постави нови музички стандарди
“Live at Audiokultura”(50 guest limited) – концепт за восхит
Во густиот хаос на ограничувања, изолации и метеж кои безмилосно ни креираат животна рутина исчистена од благодатите на уметноста, Аудиокултура е сцената која го задоволува гладот за култура.
Урбано, модерно, пријатно, полно со хармонија и спонтаност е сликата која соодветно го опишува овој локал кој стана синоним за уникатност која освојува. Гледано со подетален пристап и анализирајќи го сето она што се случува во една вечер, јасно е дека за Аудиокултура да биде баш онаква каква што е, креаторите и организаторите вложиле огромни количини од префинет вкус, многу љубов, перфектна организација, огромна посветеност, прецизен план и нескротлив ентузијазам музиката и врвниот звук да бидат достојно презентирани и достапни за што поголем број на луѓе.
Утописки, спонтано, навидум лежерно, а сепак толку моќно, Аудиокултура заслужено е поставена како единствено прибежиште и извор за напојување со квалитетна музика и врвен звук.
Во низата на значајни имиња кои го ставиле својот потпис на списокот на изведувачи се запиша и Мухамед Ибрахими.
Предконцертната смиреност со која ги поздрави посетителите навестуваше тивка вечер и музика која ќе остане во рамките на строга формалност. Но само навидум. Стартот донесе нешто сосема друго кое се одржа до самиот крај на настанот. Беспрекорната тишина на публиката хармонично се измеша со неверојатната сплотеност на Мухамед и гитарата. Леснотијата со која го изведе својот соло перформанс предизвика збунувачка привлечност на која никој не одолеа. Задоволно прифаќајќи ја секоја следна нота, публиката неодоливо уживаше во доминацијата на музиката и врвниот teoharov звук кои приуштија вечер за паметење.
Атмосферата на ексклузивност беше надополнета со можноста присутните да го видат прекрасниот часовник Hamilton Ventura од Bozinovski watches & jewelry и да дегустираат две врвни вина од Камник Винарија.
Текст: Bon&Bona
Фотографии: Stefan Rajhl