“Скриени желби, немирни патувања” – Роман на годината за 2020

Книжевниот свет во државата пулсира во знакот на „Роман на годината”. Изминатиов месец го одброи неизвесната трка за престижниот епитет за кој е резервирано место за еден роман. Иако, Македонија се докажа како плодотворно поднебје во кое расцутуваат и се развиваат достојни наследници на словото на Конески и Андреевски, на Јаневски и Чинго, на Николова, до само неодамна читателите одгледуваа одредена недоверба кон делата на домашните автори. Дали овој сомнеж во квалитетот на домашната литература се должи на капиталистичкиот синдром, особено поттикнат од малите издавачки куќи во подем, кои низ своите печатници пуштаат речиси сè на што ќе наидат, е дегутантна тема за разговор. Од друга страна пак, книжевниот опус на нашите сонародници е многу поблизок до македонското поднебје, култура и менталитет, што можеби беше причина повеќе да се одржи трендот како една традиција. А оваа традиција катализирачки ја поттикнува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности “Славко Јаневски” која безусловно ги засидрува критериумите на добар роман, со тоа исфрлајќи ги од машинеријата вкоричени и спремни да пркосат на времето.

Во трката за досегот на луксузната почест, се вкрстија жанровско различни топоними, од дедукциско—историски трилер преку експериментален вид на проза, барем што се однесува на нашите простори ; утопистичен роман со фантастични елементи; историска драма и нео-егзистенцијалистички правец. Но она што е заедничко за овие изомерни соединенија, зашто романите се формули низ кои искрат хемијата на писателот и манирите пресликани врз делото, е поврзаноста на Лазар, Бела, Андон, Павел, Дивна со Македонија како далеководна нишка која ги ткае нивните судбини.

Комисијата, на 15-ти март 2021 година, на официјалната прес-конференција ја соопшти конечната одлука, и овогодинешната награда ја понесе романот „Скриени желби, немирни патувања” на авторот Владимир Јанковски.

Владимир Јанковски е роден во Скопје, 1977 година. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како преведувач и уредник. За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“.

Третата среќа на Јанковски, оваа постмодернистичка луда железница, која ја разработува карактерната анемија во општеството како каузалност на изместени норми, е фрагментирана подлошка од секојдневието, мошне тектонски предадена на побудите. За жариште Јанковски го избрал аеродромот, кој во годините на исселеничка манија, луѓето го поврзуваат како единствен излез од вертигото на инфлацијата и невработеноста. “Скриени желби, немирни патувања” е рудиментарен нартекс при влез во модерната социологија. Сплетен вешто и умешно, без нагли конјукции, амортизиран да отстапува простор само за слободоумните вљубеници во пишаниот збор.

Честитаме на Владимир и очекуваме уште поголеми победи со овој извонреден  деликатес од зборови.

Но, да не ги изоставиме и делата кои стигнаа во најтесниот избор, и кои се сите заедно, множество морални победници, бидејќи несебично ја одработуваат функцијата да го зачуваат македонскиот литературен јазик, преку материјализирање на своите мисли и идеи.

Жарко Кујунџиски во улога на просветителен букворезец, доближува епохи на дијаметралност и антонимија: војна и описменување, историја и фалсификат, репресија и асимилација, нараторски проектиран во бравурозно излеаниот протагонист Лазар, од ковачниците на својата синтаксичка потенција.

Единствената жена во петорката, Билјана С. Црвенковска, писателствува на тромеѓе од жанрови, доста искусно и мајсторски, давајќи виш кредибилитет на егзодусот на природата, автоканибалната филогенеза на човечка деструкција, битието надразнето од осаменоста, токсичниот страв од истата и љубовниот парадокс.

Петар Андоновски пак, интенционо и со метрономско тактирање, со апстрахирана наливност, навлегува во ризични предели, стигматизирани и осуететни од балканската закржлавеност, бестрашно, армагедонски, ја долева социо-општествената ерудиција во својот речник посветен на различноста како неодбежен кондиционал.

Сувото мастило на Владимир Илиевски е истренирано да остава траги еквивалентно примамливи за идните генерации како и за сегашните, го воспева пронајдокот, кој латентно и алегориски е душевното конче од кое започнува пироманската верига на блискост, симбиоза од љубов и искрено пријателство до лимес од бесконечност.

автор: Јована Матевска Атанасова