Музички шепот на чувства на концертот на Пијан славеј
Музички шепот на чувства на концертот на Пијан славеј
Фронтменот на „Фолтин“, Бранислав Николов, минатата година го објави првиот албум под своето алтер-его Пијан Славеј, а викендов го одржа својот прв концерт во Битола.
Претходно, промоцијата на албумот доживеа неколку настапи на овој артист на фестивалски и концертни сцени низ Македонија.
„Го воведов Пијан Славеј мислејќи на себе. Но, направив песна за птиците со тој наслов, потоа Пијан Славеј си го избори местото да стане и наслов на албум. По извесно време се обидов тоа име да си го вратам за себе. Значи тргнав од себе, името го дадов на групата и сега повторно со пишувањето поезија и преточување на истата во музика си го вратив Пијан Славеј“-изјави Николов со појавата на албумот.
Бранислав Николов е текстописец, поет и музичар кој од првиот ден на неговиот богат музички и поетски пат внесува еден нов иновативен правец и сензибилитет на македонската сцена и во тоа што го создава во неговиот матичен бенд, но и последните пар години во овој негов соло проект.
Концертот кој се случи на сцената на Битолскиот театар, беше лична средба на публиката со стиховите и музиката на Бранко, во кои секој може да се пронајде, зошто тој директно и едноставно зборува за своите чувства, за своите размисли, но и за неговото искуство од ова наше време.
На неговите соло настапи, Бранислав Николов прави интересни музички спојки, кои се очигледни и со гостување на бројни исклучителни артисти и изведувачи во неговите лични песни. Неговиот избран тим за овој концерт, беше пратечки бенд составен од Пеце Трајковски, Славчо Јовев и Андреа Мирческа, што само покажува дека Пијан Славеј не е случајно граден музички дом на еден човек, туку талентиран артист кој крај себе сака да ги има секогаш „своите“ во мигот во кој создава.
фотографии | Симоне Калица