Концерт на Пијан Славеј во Битола

Битолскиот театар овој понеделник ќе биде место на новата македонска шансона со концертот на ПИЈАН СЛАВЕЈ.

ПИЈАН СЛАВЕЈ е паралелен проект на Бранислав Николов фронтменот од бендот “Фолтин”, кој заедно со Пеце Трајковски, Славчо Јовев и Андреа Мирческа е директен обид да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век. 

Јасната визија на Пијан Славеј за тоа каква музичка експресија треба да добие секој збор, секогаш совршено се слева со сцената која тој ја претвора во медиум од каде што се раѓа само добр звук и од која Бранко безрезервно ја дава својата енергичност, својата бунтовност, својата музичка километража…но и вечниот младешки занес кој не го напушта.

Бранко преку стиховите ја раскажува мислата лежерно, притоа заведувајќи не, барем на миг да помислиме дека сѐ е едноставно.

Неговите настапи се музички перформанси, а Бранко под неговиот уметнички алијас Пијан славеј, презентира конкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона.

Концертот ќе се одржи на 13 февруари со почеток во 20ч во Народниот театар Битола.