Денес почнува Скопскиот џез фестивал.
И кој ако не нашиот Влатко Стефановски да не поведе на патување кое ќе нè успокои и уште еднаш ќе ни потврди дека уметноста е таа која го покачува духовниот развој на човештвото.
Беспрекорен во својот занает, неуморен и секогаш отворен за импровизации кои доловуваат нови совршенства. И најважно од се, видливо безрезервен во внесување на емоција. И токму тоа е она што музиката ја чини вредна.
Теодосиј Спасов не е случаен избор на гостин, соработник, пријател.
Огромно наталожено знаење, многу искуство, длабоката љубов кон традицијата но и уникатните стилови на свирење, секој на својот инструмент, се елементите кои ги влечат да застанат на иста сцена, синтезирајќи традиционален фолклор со џез, фузија и класична музика.
Привилегираните ќе си дозволат да слушнат и меѓу редови, лакомо голтајќи од раскошната карактерна скромност и брилијантната изведба, наедно користејќи ги како мотив за исчекорување кон повисок левел на апсорбирање на музиката и максимално уживање во нејзината благодат.
Ова е дефинитивно вечер на исклучителни соработки, вечер на совршена хемија.
Гитаристот Хуан Гомез “Чикуело” и пијанистот Мезкида се тандемот кој ќе застане на сцената на Националната опера и балет и одблиску ќе не запознае со (како што самите кажуваат) соработка која отиде подалеку, врска во која не се сомневаме. Авантурата во која се впуштија е без никакви ограничувања. Напротив! Патот по кој одат е послан со безрезервна отвореност кон импровизации и слобода секој да ја намести својата коцка…до целта која како продукт ќе даде неповторливи изведби.
И не останува ништо друго, едноставно не правете ништо друго…само препуштете се на музичко уживање.