Фотографиите изработувани со мокар колодиумски процес за прв пат почнал да ги изработува англичанецот Фредерик Скот Арчер во 1851 година. Процесот, од денешна перспектива изгледа комплексно и напорно, затоа што за да се добие ваква фотографија, мора да се испочитуваат повеќе чекори кои треба да се изведат за релативно кусо време, а финалниот производ е неповторлив. Буквално. И најголемите мајстори, не би се кладеле дека можат да направат две исти колодиумски фотографии. Фотографската плоча се премачкува со колодумска емулзија која потоа се сензитира во сребро нитрат, односно, се прави „филмот“ и тоа во темна комора, на слабо црвено светло. Стаклената плоча треба да се искористи, да се фотографира на неа и да се развие во следните пет минути, повторно во темната комора. Во спротивен случај, емулзијата испарува и нема фотографија.
Овие фотографии имаат своја специфична естетика, со ситни „грешки“ кои само додаваат на нивната убавина и имаат особена длабочина кога се гледаат во живо имате чудно доживување и чувство, како лицето да е скоро присутно или заробено на стаклото.
Во Македонија, прв и за сега единствен фотограф кој се занимава со оваа стара технологија е Сашо Н. Алушевски. Откако сам исконструирал два апарати во обид за „мокра плоча“, апаратот со кој веќе постави три „колодиумски“ изложби го набавил на оглас. Уживајте во избор од „мокра плоча“ фотографии, а останатите фотографии на неговиот инстаграм профил @sasho_alushevski.
Фотографиите се дел од сериите: „Лицата на МакеДокс“, „МакеДокс временска машина“, „Метаморфози“ и „Портрети“, а можете и да го исконтактирате да го изработи и вашиот „колодиумски портрет“.
автор: СГ