Ако човек посака во исто време и да ја зароби и да ја ослободи душата, може едноставно да посегне по оваа „ѓаволска“ направа и да го запре времето. Така можеби се стигнува до бесмртноста и безвременоста. Магично е чувството да се запре времето со притискање на едно копче, како да му велиш на животот, запирај, запри сега, во овој момент, овој совршен момент и дозволи ми да си ја видам душата. Токму овој ритуал со години го прави нашата  соговорничка, Радмила Ванкоска, фотограф, патеписец, покорувач на времето и просторот со помош на фотоапаратот.

Елементал: Од сите други медиуми, зошто фотографијата?

Радмила: Технички, веројатно започна вака: пораснав во куќа во која се снимаше и се фотографираше секој момент – од прослави до секојдневни фамилијарни дружења. Како мала не смеев да си играм со камерата ама ми беше дозволено да користам еден мал црвен “идиот”. После тоа се разбуди свеста дека пребрзо растеме и пребрзо старееме, се појави стравот од смртта и од заборавот, и мислам дека тоа ме врза за фотографијата. Играта стана живот.

Елементал: Која е Радмила Ванкоска, ако постои нешто што може да ти дефинира, како личност и уметник, што би било тоа?

Радмила: Охриѓанка. Како одминува време, препознавам во себе и во својата работа јасни трагови од градот во кој пораснав. Активизмот ми се пренасочува кон природата, во работата се фокусирам на водата и земјата, а во односот со другите луѓе препознавам нешто научено од средината која ни налага топлина и блискост.

Елементал: Воглавно работиш на портрети на личности. Какво е чувството да се гледа низ мало прозорче директно во душата на твоите субјекти?

Радмила: Ги сакам сите луѓе кои сум ги фотографирала и секогаш се трудам да го покажам тоа. Долго работам на архивирање портрети на современи автор/ки и  уметници и иако многумина ќе кажат дека мојата генерација е изгубена, без идеологија и без цел, верувам дека создаваме значајна уметност и пишуваме значајни книги кои допрва ќе зборуваат за светот во кој живееме денес, светот кој се‘ побрзо оди во пропаст и се’ повеќе му е потребна љубов и надеж и каква-таква убавина. Да се фотографира оваа генерација за мене е привилегија и начин да покажам колку се тие луѓе и нивните дела убави и важни.

Елементал: Иако може да се забележи и малку боја, воглавно твоите фотографии се во црно-бела техника. Зошто доминира оваа техника?

Радмила: Помалку е повеќе. Особено кога станува збор за портрети.

Елементал: Дигитално или аналогно?

Радмила: И едно и друго, зависи што работам. Дигиталното, очигледно, ми дава поголема слобода во постпродукција, со тоа ме прави и посигурна,  па ми е прв избор кога работам со клиенти. Но за себе гледам да се држам за аналогното, филмот не ми дава да го заборавам занаетот или да го земам тоа што го работам здраво за готово. 

Елементал: Дали ти недостига развивањето филм?

Радмила: Не, сама развивам веќе со години. Но ми недостига полесен пристап до хемија за развивање, особено кога сум во Македонија.

Елементал: Имаш документирано многу патувачки дневници. Посебно место се чини има она скандинавското.

Радмила: Ништо не ми е привлечно како естетиката на Бергман. Скандинавија ми е љубов со години и едвај чекам да ѝ се вратам, и неа и на патувачките дневници.

Елементал: Каква е фото-културата во Белград, каква овде, во Охрид?

Радмила: Белград отсекогаш имал богата културна сцена, со тоа и богата фото-култура. Мислам дека не е во ред да ги споредуваме, но имам впечаток дека Охрид станува сѐ похрабар во својот израз.  Се надевам дека кога ќе се надмине кризата на здравствениот систем, градот ќе се фокусира повеќе на културата и современата уметност.

Елементал: Кога некој би ја фотографирал Радмила, што би се видело на таа фотографија?

Радмила: Со социјалната дистанца оваа година само Радмила ја фотографира Радмила, во интроспективни цели. Гледам дека сум во  константен шок. Не можам ни да замислам што би се видело кога би ме фотографирал некој друг, особено периодов, оваа 2020.

автор: Мишел Наумоски