На 28 Ноември 2020 (Сабота) на платото пред КСП Центар Јадро, пред публика, чиј број пропорционално растеше со секоја отсвирена нота од вештите и надарени млади музичари Стефана Марковиќ – флејта, Марко Лазороски – гитара, Стефан Карастојанов – контрабас и Мартина Баракоска – тапани, се одржа концерт на Miss Machiko Jazz Ensamble.
Беспрекорно организиран и спроведен согласно протоколот за реализирање на настани на отворен простор, репертоарот на концертот кој се состоеше од „Badinerie“ – J. S. Bach, „Gymnopedie no. 1“ – Erik Satie, „Gnossiene no. 1“ – Erik Satie, „Petite for clarinet“ – Claude Debussy и „Clair de Lune“ – Claude Debussy го исполни сивиот простор и тмурното небо над Скопје со хармонија и оптимизам, создавајќи атмосфера во која музичарите, но пред сè публиката, видно заборавија на ежедневните дребулии и собитија, кои не влечат надолу и се препуштија на благородната леснотија на уметноста.
Со истата леснотија, својствена на младоста и креативноста, говореа членовите на ансамблот.
„Идејата зад сето ова беше да се спојат два навидум различни светови. Џез музиката ја соочивме со несвојствени форми и хармонии за својот стил, што нè стави пред еден голем изведувачки предизвик нас музичарите. Од друга страна, класичните композиции се најдоа во несекојдневно светло, во улога на џез теми врз кои ние импровизиравме. Нескромно би рекол дека ова е храбар подвиг и огромен чекор напред во нашите кариери и животи, но пред сè сум горд што оставаме пример како се спојуваат неспојливите точки. Кога ќе се ослободиме од жанровските окови и стилските предрасуди – музиката добива нова димензија и се раѓа нешто сосема автентично.“ рече Марко Лазороски (гитарист), а Стефана Марковиќ (флејтистка) во име на бендот додаде: „Овој проект е мешавина на моето музичко образование т.е. мешавина меѓу двата правци – класика и џез. Делата кои ги свиревме се од импресионизмот и почетокот на 20-тиот век. Во голем дел програмата се состоеше од француски композитори. Беше предизвик да се организира концертот, особено затоа што секој од нас помина барем една самоизолација во изминатите месеци и тоа ја оддолжи реализацијата до сега. Без големи очекувања, но со голема желба за свирење, денес конечно го реализиравме концертот и сме пресреќни. Проектот е финансиран од Министерството за култура а огромна и значајна поддршка добивме и од Јасмина и Ѓорѓи од КСП Јадро. Навистина сме среќни што ова беше убаво заокружен концерт на кој имаше една убава атмосфера за која придонесе публиката. Добивме прекрасни критики од присутните и огромна помош од нашите најблиски и сме им многу благодарни за се. Се надевам дека оваа ситуација ќе заврши брзо за да можеме повторно да работиме и да твориме со колегите во нормално темпо.“
„Елементал“ останува верен на „петтиот елемент“ кој ја следи мисијата на младите креативци.
автор: МАНА