Препорака за читање: поезијата на Хорхе Луис Борхес, од прва до последна песна!
Ако Борхес го замислувал рајот како библиотека, јас го замислувам рајот како библиотека во која сите книги од горната до долната полица, или од првиот до последниот ѕид (значи, од првиот до последниот ред во оваа моја „рајска библиотека“) би биле само и само, книгите на Борхес! Ете, до толку го сакам аргентинскиот поет, прозаист и есеист Хорхе Луис Борхес! До толку ја сакам поезијата на Борхес! Исто толку ги сакам кусите раскази и есеите на Борхес … и буквално сè што капнало од перото на овој ерудит и се престорило во ненадмината поетска квинтесенција на духот. За мене, тој е „алфа и омега“ на поетското писмо воопшто. Кога го читам Борхес, а го читам на дневна основа, буквално го „испивам“ како еликсирна доза мудрост и убавина минимум два пати во денот – на изгрејсонце и на зајдисонце (бидејќи Борхес е мојот „поздрав на денот“, моите „сто-и-пет-тибетанци“, мојот поздрав на ноќта, мојата музика и мојата тишина … или, целата моја музика, и целата моја тишина!). Со еден збор, Борхес е сè она што му е потребно на еден човек, за да ја задржи врската со убавото (со убавиот збор кој ја оплеменува душата) во овие грди времиња.
Но, јас нема да се согласам со изјавата на Гомбрович дека Борхес е предизвик само за интелектуалците, нешто како „писател за писателите“ или „поет за поетите“. Напротив! Како познат и признат „борхесовец“ (така одамна се декларирам себеси, и така ме препознаваат веќе насекаде, дури и на социјалните мрежи!), тврдам дека Борхес си го наоѓа патот до секоја човечка душа, без оглед дали се работи за поетски-фанатик или поетски-аналфабетик. Едноставно, Борхес ги допира сите, затоа што допира до најдлабоките предели на човечката душа, и извлекува од таму некои архетипски слики кои нè враќаат назад во времето на почетоците, кога нашето „колективно несвесно“ било дел од една дамнешна (сега заборавена!) космогонија: „Изутринава во воздухот се чувствува неверојатната миризма на рајските рози. На брегот на Еуфрат, Адам ја открива свежината на водата. Златен дожд паѓа од небото, тоа е љубовта на Зевс(…)Една девица го дофати белиот еднорог. Целото минато се враќа како бран, а тие древни нешта навираат, бидејќи една жена те бакна …). Поезијата на Борхес е своевидна поетска митологија, а за мене – како митолог по вокација и професија – тоа е многу повеќе од поезија. По принципот на познатото библиско-демиуршко начело: „на почетокот беше словото“, и слово-словот на Борхес испишува цела една библиска космогонија, во која се инкорпорирани сите митологии на светот. Во овој примордијален чин на создавањето на нештата преку ЗБОРОТ, покрај поетот-демиург учествуваат и сите оние коишто ја читаат неговата поезија. Токму затоа го сметам Борхес за поет над поетите, бидејќи неговата поезија е една поетска „енциклопедија“, во неговите стихови е „импрегнирана“ целата светска митологија и целата светска поезија, во нив е „депонирана“ целата историја, со сè историјата на религиите и уметностите … во неговите песни е запечатено сето ѕвездено знаење за кое покрај астрономијата, отсекогаш знаеле и поетите-ѕведочатци од калибарот на Борхес (кој најверојатно бил обдарен со вакви виденија како компензација за „хомеровското“ слепило).
Низ поколенијата,
луѓето ја изградија ноќта.
Во почетокот беше само слепило
и сон, и трње што се забодува
во боса нога, и страв од волци.
Никогаш нема да дознаеме
кој го скова зборот за времето
кое ги дели самракот и зората.
Никогаш нема да дознаеме
Во кое доба тоа стана
знак на ѕвездениот простор …
Борхесовата опсесивна тема – огледалата и лавиринтот, имаат врска и со неговата „лична митологија“-со бескрајната ноќ којашто му ја доделила судбината (познато е дека Борхес имал проблеми со видот, и еден дел од својот животот поминал во целосно слепило), при што огледалата претставуваат своевидни „портали“ кои се поврзани со искуството на движење меѓу световите. „Бог ми ги даде книгите и ноќта“ – кажува Борхес, правејќи од ноќта посебна поетичка категорија. „Темнината е кротка како далечина; денес и улиците се сеќаваат дека некогаш биле пољанки. По цела божја ноќ, самотијата ја пребројува бројаницата од расеани ѕвезди“-ќе каже во еден свој запис „при-очи-слепиот“ и „без-очи-далекувидиот“ Борхес. Во Историја на ноќта, мојата омилена Борхесова тема, космогонијата е толку експлицитно уверлива, што се чини дека при самото читање стануваме современици на „времето на создавањето“ баш како во митските концепции на Елијаде (затоа и сметам, дека за познавачите на митот, Борхесовата поезија е нешто како „мит во поетска пракса“, или митопоезија во најавтентичната смисла на зборот).
И да не ги уверувам понатаму младите читатели со тон на некакво високопарно професорско предавање, ќе ги повикам стиховите на Борхес сами да си ги повикаат „идните посветеници“:
Оној што ја прегрнува жената е Адам.
Жената е Ева. Сè се случува за прв пат.
Видов нешто бело на небото.
Ми кажуваат дека тоа е Месечина,
но што можам да направам со еден збор и една митологија(…)
Питоми животни се приближуваат
да им ги кажам имињата.
Книгите во библиотеката немаат букви.
Кога ги отварам – навираат.
Кога го прелистувам атласот,
го исцртувам обликот на Суматра.
Оној кој пали чкорче во мракот – го пронаоѓа огнот.
Од огледалата нè гледа оној другиот(…)
Во пустината ја видов младата Сфинга
Која тукушто ја исклесаа.
Нема ништо старо под сонцето.
Сè се случува за прв пат.
Оној кој ги чита моите зборови – ги измислува.