„Децата на Волга“ – каписла на човечката бессилност
Само што се вратив од излетот во СССР и не можам да се соземам. Не, не од студ, студот е верен пријател на колонистите. Душата сѐ уште ми трепери од помислата на водниот меур во кој растат и се развиваат умовите на пограничните жители, на спојот со прериското, прелевањето на фолклорот и бдеењето, на нивната еднобојност распослана ко шарена рогозина, на уназадувањето што колку што им е недостаток има и охранително својство да прескокнува разорнувачки историски временски координати. Волга ги штити своите деца, ги држи во цврст преграб од злата човечки, но колку таа ќе успее да го дочува своето потомство, со оглед на тоа дека во своите гени го носат вирусот на нестабилност и ранлива тетива?
„Децата на Волга“ е аритметичка средина на сеопштата руска книжевност, од изминатите столетијата до новото време. Напати потсетува на Фолетовиот „Кингсбриџ“, напати на Водолазкиновиот „Лавр“. Таа е ранобудност по закржлавувачка хибернација.
Неуморната Волга не само што е инспирација туку е и вечен, непресушен извор на живот, на векови и поколенија, таа е неистрошлив колострум што напојува и дава живот на староседелците, на затекнатите, на прогонетите.
Гузел Јахина создава вивидно дело, по чие вивисекцирано читање вилиците сами се отшрафуваат во долгонавеста гримаса на чудење. Богата читанка за животот на Поволшките Германци, на одметнатите колонисти, кои опстојуваат низ едноклеточно дишење во малите комуни.
Гнадентал во буквален превод од германски значи благородна долина. Ова толкување не е случајно зашто малиот заспан Гнадентал е земјиште посеано со куќи и трла, со љубов и омраза, со комунизам и востанички формации. Откако Творецот семоќен го допрел зафрленото парче земја со своето магично стапче, во него оживуваат блеежот и кавалите, грмотевицата и дождот, црвената ’рѓа што ги напаѓа посевите, оживува дури и смртта. Иако Гнадентал е поштеден од воените случувања низ светот, сиромаштијата не ја заобиколува шенген зоната, барем што се однесува на осовременување на секојдневјето.
Јахина за „Московско-германска газета“ изјавува дека благородната долина не постоела под тој поим, туку е измислено место, сурогат на секоја поволшка заедница.
Покрај течението на Волга, на левиот брег, од 1760 година започнале да се населуваат Германци, одродени од својата припадност, кои нашле утеха во прегратките на царска Русија и декретот на моќната Екатерина. Живеат автономно, во соживот со накитената природа, суровите зими и пријатно свежите лета.
Тука некаде околу 1918 година започнува и турбуленцијата, која тој, Волга-нинот, подоцна ќе ја покрсти како Година на разорените домови.
Спокојниот, притушен живот на селскиот учител Бах се менува една темна пролетна ноќ, во чунот на уште потемно обоениот Киргистанец. Дотогаш почитуваниот учител се соочува со непроценливо богатство, откривајќи нов свет, постелен како килим со магични реси, со својства на фотосинтеза и плодила, на овоштарници и лозја, на спротивниот брег на падините на Волга, прилог што во нашиот мајчин јазик би го опишал – отаде. Овој нов свет е како откината страничка од руска бајка, нестварен и набрзо негов. Богатиот Удо Грим ја држи својата ќерка како заробеничка, мислејќи дека оградувајќи ја нежната Клара од светот суров, ќе ја задржи нејзината беспрекорна чистина, како на необработен лист на златна руда, зашто блискиот Гнадентал со низводното секојдневје, со обезгласените петлиња и ранобудните петли, во себе го крие семето на гревот, скржаво и подмолно, како што чумата се раскрилува до секое домаќинство преку канализацијата. Го најмува Бах да ја подучи ќерката, увидувајќи дека таква празна, без знаење и мудрост испишана, нема да му користи за богата мажачка. Но меѓу учителот и ученичката, иако разделени зад параван, се јавува љубов. Одеднаш средбите стануваат задолжителен оброк и за двајцата, подаденото ливче под параванот, шифрираните разговори да останат мјахки знак (ь)[1] за ушите навртени околу Тилдиното вретено. Го возбудуваат малата бенка на палецот, раскрварената кутикула, мирисот на нивната далечност блиска, на печатната грешка и нејзиниот ракопис…
Овде намерно ќе пропуштам еден дел, на следната слика од проекторот Бах е нем филм. Веќе не зборува, а во прегратки држи едно трошно бебешко телце, кое го покрстува Анче. Мора да се снаоѓа за да ја прехрани малечката марионетка, која се движи, зее, плаче и се насмевнува под негова команда, според неговите движења и своите несвесни потреби. И Гнадентал веќе не е ист, политиката во Советската Република се изменила, Хофман го заменува старешината Дитрих, малиот грбавко е суров и амбициозен, настрвен да воведе измени во тоа засебно рајско гнездо, да ја припои Волга кон големиот речен крвоток на руската велесила. Наскоро, гласот им го позајмува на закрепостените дланки, започнува да пишува, да тргува со зборовите и богатите приказни со кои Клара добродушно го запознала. Така обезбедува храна и млеко за малечкото тело сраснато за неговите пазуви, како крлеж, за неговата напатена и измолкната духовност. Но неговите приказни одеднаш добиваат волшебна, предикциона природа, како да се помазани од здивот на иднината… Замрениот Гнадентал оживува од допирот на моливот и хартијата, се преселуваат бајките на европските задоители на овој жанр, на Андерсен и Грим, за заробената девојка, за сирачето чие растење без мајка го ранува, за учителот отпадник што постепено ги прокоцкува и ги губи сите почести, а воедно го заложува и својот глас… И додека Гнаденталците уживаат во плодни полиња, полни кошници со пченка и тартуфи, склопени бракови и нагорен природен прираст, кантарот мора да биде израмнет… Анонимниот спасител станува џелат. Дали Бах ќе успее да го запре колатералното проклетство простодушно предизвикано од него, во функција на локомоторен апарат? Ќе успее ли истото да го стори со себе, тој кој си намислил дека ја спасува од светот, а ја оштетува со секоја намера да ја скрие на другиот брег на растечената јагула, ѝ ги корне и детските соништа и говорот по кој таа жолтее копнежливо? Не увидувајќи, Бах прераснува во омразениот Удо Грим за својата Анче. Дали себичниот страв е оправдување за неговата слабост, во која сакајќи да го исправи свитканиот ’рбет на волјата, се наведнува уште повеќе во својата длабока сенка криејќи ја неа? Каков е билансот на жртви од доживотната пожртвуваност? Колку далеку ќе оди еден родител за вечно да ужива во тој украс за уши, дури и кога именката нема да стигне до наменетата дестинација, би останала засекогаш само наизуст неизговорено правило? На овие контемплативни прашања ќе ве оставам сами да ги откриете одговорите.
Баховиот фетиш од прошетки по бурата предвестува за затишје во неговата душа. Богата, неуморна, нескротлива потрага по детали, по алегории и инстроспективни компарации, немоста на Бах ја дразни писателката да ги доловува сцените преку описноста и нештедливиот пишувачки стил. Откровението не е само за Баховата сржцевина, туку и за Гнадентал, кој живее и опстојува на двете хемисфери во генијалниот ум на Јахина.
Бавно дејство наточено од алчната желба на читателот да го проголта во еден залак.
Ова е капулет за пожртвуваноста и еднобојноста, за животна цел сведена на само една мисла, на еднонасочноста. За припадноста меѓу неприпаѓањето, за душа како јаболкото со нож поделена на две половинки, навидум, од око, еднакви, гравитациски натежнати кон себедеструкцијата . За двојната латерализација, на руски и германски екстреми, што се разложува како парче пластика во цревна флора. За колективизирање на индивидуалноста. Рудиментарна читанка неопходна како мелатонин за епифизата, за една сонуванка продлабочена од мирисот на топлиот југ и сибирската степа, на џунџулињата и вкусните лисичарки, за режењето на виновата лоза, во истовремениот зарез на вината за нисконагонските побуди што еден волганин го подготвуваат за примат и паразит, го одвлекуваат од заблудата да го посади животот како борово стебло крај вечното корито без дно.
автор: Јована Матевска Атанасова