„Последна станица Аушвиц“ – Еди де Винд

Во 1943 година, еврејскиот лекар Еди де Винд доброволно се пријавил за работа во Вестерборк, транзитен камп за депортација на Евреите на истокот од Холандија. Од Вестерборк, затворениците биле испраќани во концентрациони логори, меѓу кои Аушвиц и Берген-Белсен. На Еди му рекле дека во замена за неговата работа, мајка му ќе биде поштедена од депортација, иако, во суштина, таа веќе била депортирана во Аушвиц. Во Вестерборк, Еди се запознал со младата еврејска медицинска сестра Фридел. Се вљубиле и се венчале во кампот.

Во 1943 година, и тие биле транспортирани во Аушвиц и биле разделени: Еди завршил во Блок 9 како дел од медицинскиот персонал, а Фридел во Блок 10, во кој озлогласениот Јозеф Менгеле и гинекологот Карл Клауберг ги спроведувале стерилизацијата и другите варварски медицински експерименти.

Некако, и Еди и Фридел преживеале.

Кога во есента 1944 година Русите му се приближиле на Аушвиц, нацистите се обиделе да ги прикријат своите траги. Тие избегале, терајќи ги на марш кон Германија многуте свои затвореници, вклучително и Фридел. Овие Маршови на смртта имале цел да ги избришат сите докази за ѕверствата во концентрациониот логор.

Еди се скрил и останал во логорот; поминале месеци додека не завршила војната. Тој им се придружил на руските ослободители. Дење ги лекувал често многу болните преживеани што нацистите ги оставиле зад себе и руските војници. Ноќе, откако нашол еден молив и бележник, грозничаво пишувал за своите искуства во Аушвиц, криејќи се под куп стари алишта во бараката.

Во својата трауматизирана состојба, тој го создал ликот Ханс како наратор на неговата лична приказна. Ужасот од неговото искуство сè уште бил толку свеж што не можел да најде зборови за да го опише во прво лице, освен во неколку наврати во книгата.

„Последна станица Аушвиц“ е приказната на Еди. Единствената книга целосно напишана во Аушвиц.

Објавена на почетокот на 2020 година од семејството Де Винд, книгата се најде на врвот на листата на бестселери во Холандија и, со превод на 32 јазици, доживеа и невообичаен меѓународен успех.