Концерт напишан под хипноза

Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873-1943) има посебно место во историјата на музиката. Беше композитор кој пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век со индивидуализам и препознатливост. Едно од неговите најпознати дела е Концертот за пијано и оркестар број 2 во це-мол, исклучително парче музика кое има свои референци и во поп-културата.

Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во це-мол премиерно бил изведен на 9 ноември, 1901 година. Овој концерт е пијанистичко ремек-дело. Еден од најпознатите и најизведувани концерти на светската музичка сцена. Содржи феноменални теми, кои во текот на 20 век ќе бидат „реупотребени“ како мелодии за повеќе популарни песни, меѓу кои и „Full Moon and Empty Arms“ на Френк Синатра од 1945 година и „All by Myself“ на Ерик Кармен.

Овој концерт, всушност му ја „вратил“ назад музичката кариера на Рахмањинов, по неуспехот на неговата Прва Симфонија. Критиките за изведбата биле толку сурови, што му направиле креативен блок кој траел речиси три години. Пријателите го натерале да се консултира со д-р Николај Дал, пионер во развојот на хипнотерапијата, и по неколку месечна терапија, Рахмањинов ја вратил самодовербата и почнал да го пишува Концертот за пијано и оркестар број два. Му го посветил на д-р Дал, а го извел самиот како солист.

Првиот став започнува со темни акорди во пијаното кои полека започнуваат да го подготвуваат слушателот за стартот на првата главна тема која ја носи оркестарот, додека солистот обезбедува боја и блесок. Втората тема во овој став е турбулентна, и нежно го заокружува музичкиот тек. Вториот став е нежен и романтичен, во него солистот е во постојан дијалог со оркестарот, главната тема ја носат гудачите, а пијанистот ја надополнува со декоративни детали. Драмата се враќа во финалниот став, Рахмањинов во него гради силно ритмичко и мелодиско движење и во овој став, почесто отколку во претходните, оркестарот, а не солистот ги носи возбудливите теми по кои е препознатлив овој генијален концерт.

Во 1970 година легендарниот пијанист Владимир Ашкенази го изведе со Лондонскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Андре Превин. Ашкенази изјавил дека кога го свири Рахмањинов секогаш посакува неговите прсти да бидат малку подолги. Исклучително тешко е да се свири овој концерт, посебно првиот став доколку пијанистот нема голема рака и опсег на прстите. Постои податок дека Рахмањинов имал Марфан синдром, нарушување на кое му овозможувало да ги шири прстите многу повеќе од нормално и дека тоа му овозможило да свири и да создава исклучително предизвикувачки дела.

Овој концерт му е еден и омилените на нашиот пијанист со интернационална кариера Симон Трпчески кој во 2010/2011 година на две ЦД-а, ги сними сите четири концерти за пијано од Рахмањинов со Василиј Петренко и Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, под етикетата на „Ави“.

Пишувам музика за да ги изразам своите емоции, исто како што зборувам за да ги искажам своите мисли – вака зборуваше Рахмањинов, кој целиот свој живот се чувствуваше како дух во свет направен од вонземјани. Оваа изјава ја даде во обид да се изземе од критиките дека пишува музика која не кореспондира со духот на 20 век. Не можам да го прифатам новиот начин на музичко изразување, велеше тој. Поприфатлив му беше „традиционалниот“. Сметаше дека новата музика се пишува од глава, а не од срце. „Музиката мора да доаѓа од срцето, од таму доаѓа и љубовта! Музиката е сестра на поезијата и мајка на тагата“, велеше тој.

Искреноста и емотивноста на неговата музика се главните компоненти кои ја прават бесмртна музиката на овој голем руски композитор. Концертот за пијано и оркестар бр. 2 е само едно парче од големиот мозаик кој го создаде Рахмањинов.

автор: Ангелина Димоска