„Патувам сама“ од Самуел Бјорк – приказ низ зениците на лудилото

„Залезот на човечките ограничувања секогаш создавал и неограничени капацитети на човечка екстремност.“

Дека Скандинавците го имаат оној скриен елемент, тајната состојка, факторот за совршена кројка на неизвесен и морбиден трилер, кој си поигрува со гравитацијата на читателот, го подига и го спушта, во некои поливалентни состојби на свест, мислам дека ни е сосема јасно.

А Самуел Бјорк соучествува во дефиницијата, го користи епитетот, без притоа незаслужено да се позајмува. Самуел Бјорк е псевдоним на норвешкиот писател, драматург и кантавтор Фроде Сандер Ојен.

„Патувам сама“ е дел од трилогијата (другите два „Антолог“ веќе ги преведува) за конвенционалниот детектив Мунк и ексцентричната Миа Кригер, дуо создадено да им парира на Холмс и Вотсон.

Настаните се случуваат низ територијата на норвешкото кралство и конецот што ги потегнува немилите убиства е еден случај од 2006 година кога исчезнало бебе од родилиште. Убиецот по кого Миа и Холгер неуморно трагаат, киднапира шестгодишни девојчиња, ги беси на дрво со нарамнет школски ранец, откако претходно ги искапил, им вбризгал анестетик, на своето последно патување да не почувствуваат болка. Ваквата искра на милосрдност во грозоморниот чин на изопачениот убиец само го засилува дејството на прашалниците во истрагата.„Патувам сама“ – пишува на ливчето околу вратот, кое бизарно или не, потсетува на декларациска етикета преку коja убиецот ја означува својата „уметност“.

Серијата девијантни акти е противречна, се чини дека убиецот си поигрува со нив, но истовремено и самите претставуваат варијабла во истрагата што ја водат. Кругот сѐ повеќе се стеснува, со намера да прерасне во точка, центар на кружницата, ги обиколува ко бесен пожар чиешто контролирање тргнало наопаку, Миа и Мунк одеднаш се заробени, гонети од мислата дека времето минува, а бројот на жртвите се зголемува.

Трилерите структурално се тешки за рецензирање, поради страв да не протече непотребна информација, па додека трае ваквата анализа, рецензентот и самиот ги обува чевлите на трилер-мајстор, сѐ со цел да ја подигне желбата, да го дозаплетка дејството, во неколку реченици да го убеди читателот дека тој трилер е следниот од листата на чекање.

Но ова не е лажно наведување кон книга со излитен рецепт на дежаву, на трилерски сој што по прочитувањето брзо се заборава.

„Патувам сама“ ќе го натера човекот да размислува како жртва, но и како предатор, да ги обмисли можните загуби под присила на неодминливиот ризик, ќе бидете постојано на погрешна трага, во очај да се доберете до идентитетот на убиецот речиси на иста емотивна фреквенција како и таа што се чувствува помеѓу редовите, нетрпеливоста на Мунк и Кригер. Романот е слатко измачување за когницијата, по кое ќе ги подобрите каузалните претпоставки и когнитивните пророштва кон непогрешна разрешница со сите факти, нишани и отворени карти на прашалното зборче „зошто“ на маса.

Трилерите позитивно влијаат на процесот на дедукција.

Уживајте!

автор: Јована Матевска Атанасова

      

автор: Јована Матевска Атанасова