Џ.М. Бари-таткото на вечните деца
Шкотланѓанецот чие целосно име е Сер Џејмс Метју Бари, нам на толкувачите на литературни творби ни е познат и како креаторот на Петар Пан. Покрај основната нота на неговата професионална определба, линијата на писателство, тој исто така бил успешен и во пишувањето сценарија и драмски текстови. Роден е на 9 мај 1860 година во Кири, во областа Ангус. Откако го завршил школувањето, се преселил во Лондон каде и започнува неговата книжевна одисеја, чија точка на кулминација била вечното дете, Петар Пан.
Иако за еден плодотворен писател претставува вистинска штета кога едно дело ќе ги засени останатите, сепак токму детето кое не сакаше да порасне, ќе остане синоним кој и денес го воздигнува името во литературните дискусии.
Рана загуба, компензација и пожртвуваност
Животот на Бари не бил лесен и едноставен. Роден како деветто од десет деца, растел во конзервативно опкружување, во строго нормирано калвинистичко семејство. Физиономијата на самиот Бари била со скудна, инфантилна градба, пораснал едвај 161 сентиметар, факт што подоцна ќе поведе верувања дека Петар Пан е негова добро смислена проекција. Но Бари се издвојувал од останатите роднини по својата хипнотизирачка моќ на имагинативно раскажување.
Околу шестата година, неговиот постар брат и миленик на неговата мајка Дејвид, загинал во несреќа со лизгалки на мраз. Во мајката на Бари, Маргарет се отворил портал на сивило, па малечкиот Бари закрепостено се обидувал да ја компензира нејзината загуба носејќи ги алиштата на починатиот брат и потсвирнувајќи исто како него. Најпосле Маргарет нашла утеха во фактот дека нејзиниот починат син засекогаш ќе остане момче.
Фасцинација со детската литература
Тешејќи ја мајка си, читале книги од Даниел Дефо, автор на сагата за бродоломникот „Робинзон Крусо“.
Биографите наведуваат дека несреќата била пресвртната перспектива за во Бари да се разбуди фантазијата која ќе биде толку силна што ќе бара да ја преточи на хартија, на таков начин ставајќи здрава завршница на нездравиот обид да го одржи во живот и по секаква цена, споменот за починатиот брат. Иако оваа обележница му донела горчина, на крај стоички ја извлекол најдолгата сламка, која потегнала спас.
Пријатели-книжевни елитисти
Образованието и врските кои ги стекнал работејќи како новинар и писател, му донеле и значајни пријателства кои детската, отворена и невина природа на темпераментниот Бари, успевала да ги задржи долго во негов округ. За една од најзначајните се смета долгата кореспонденција со Роберт Луис Стивенсон, авторот на „Островот со богатство“, кој живеел и работел на Самоа, и во неколку прилики го поканил, иако средбата за жал, никогаш не била реализирана очи во очи.
Х.Џ. Велс, авторот на „Временска машина“ исто се вбројува меѓу блиските познаници и колеги, кој дури кога бракот на Бари започнува да се распаѓа интервенирал. Добро се познавал и со англискиот романописец и поет Томас Харди.
Бари создал аматерски крикет клуб, кој колку погрешно и сатирично да звучи името, на шега го поврзувале со allah akbar, Allahakbarries. Овој клуб ќе стане засолниште на најпознатите британски автори од тоа време, кои ќе се обидуваат да го изветреат умот од помпезноста на нивните мисли и побарувачката на читателската публика, меѓу кои и Артур Конан Дојл, Х.Џ. Велс и Алан Милн, авторот на Вини Пу.
Неверство кое ќе ја сплоти британската јавност
Со Мери Ансел се запознале преку негов пријател, кој требало да регрутира убава актерка за улогата во драмата која Бари ја напишал „Walker, London“.
Нивната идила не траела долго. Се венчале во 1894 на мала интимна церемонија. Во 1908 година Мери започнува афера со Гилберт Канан, соработник на Бари и две децении помлад од Мери. Со секаква емотивна артилерија Бари се обидел да ја задржи саканата покрај себе, откако дознал за неверството. Не сакајќи да се изложува на потсмев од јавноста и да го експонира срамниот удар од страна на најблиската дирекција, решил да ѝ прости доколку му вети дека нема да се гледа со Канан, на што таа одбила. По повеќекратните одбивања на молбите на Бари, се успокоил со помислата дека таа се заљубила во друг човек и конечно поднел барање за развод.
Знаејќи со каква болка се соочува Бари, неговите верни и добри пријатели, испратиле повеќе писма до уредниците на весници да не ја објавуваат веста за разводот. И нивниот великодушен гест бил добро прифатен, зашто само три весници објавиле. Ова е веројатно единствен преседан во историјата на медиумите кога нивната хумана страна испливала пред трката за ексклузивна вест.
Петар Пан-мимикрија за сопственото детство
Со неверната Мери не добил потомство. Семејството Левелин Дејвис го запознал случајно во 1897 додека го шетал своето куче во блискиот парк. Симпатиите и неостварениот татковски инстинкт проработиле во друштво на веселото и многудетно семејство. Неговата забавна природа, непосредноста, детскиот шарм и милозвучната наивност го претвориле во аниматор во чии средби уживале и возрасните и младите.
Првиот сет фотографии, направени во неговото одморалиште во Блек Лејк во кои децата стануваат жариште на неговата инспирација, биле направени во 1901 година. Децата глумеле пирати и овој албум го нарекол „The Boy Castaways of Black Lake Island“.
Карактерот на Петар Пан бил измислен првенствено за да ги забавува постарите Џорџ и Џек. Бари им ја потхранувал фантазијата со раскажувањата дека нивниот брат Питер може да лета. Тврдел дека децата се птици пред да се родат.
По смртта на госпоѓа Дејвис, со која подоцна Бари ќе кажува дека се вериле и очекувале венчавка, факт за кој нема никакви докази за поткрепа, освен што го назначила за легален старател на петте деца заедно со нејзината мајка, нејзиниот брат и братот на починатиот сопруг.
Неговата опсесија со децата пред пубертетот да ги трансформира, во малтер од его и бескомпромисност, отвориле шпекулации дека Бари е прикриен педофил, докажувајќи ги тврдењата со сцена од претставата „The Little White Bird“. Како и да е, освен нагодувања не постоел солиден доказ, а децата чиј старател бил го бранеле невиниот и срдечен „вујко Бари“.
Во 1911 бил публикуван и „Петар и Венди“ во форма на роман, една од најпознатите и најдобрите книги за деца во историјата на книжевноста. На романот му претходела претстава од 1904 но настаните и ликовите се задржани целосно. Иако инспирацијата по која трагал ја сретнал во најраното детство, сепак сурогат за Петар Пан бил малиот Мајкл Дејвис, едно од неговите посвоенчиња, па така кога во 1912 година статуата во Градините на Кенсингтон никнала преку ноќ, Бари се разочарал зашто конструкторот на истата не го консултирал и притоа не ја искористил сликата на Мајкл од 1906 како урнек за оживување на митот за Петар Пан. „Не го покажува ѓаволот во Петар Пан.“, изјавил подоцна.
Иако останал во доживотен контакт и ги помагал финансиски синовите на семејството Дејвис, траумата од детството навратила да го потсети на горчината и грубата победа на загубата. Џорџ и Мајкл умреле трагично, првиот во Првата светска војна, а неговиот миленик се удавил заедно со пријател, во опасна водена зона во близина на Оксфорд.
Џејмс М. Бари умира во 1937 како последица на пневмонија, во згрижувачки дом во Манчестер.
Останати дела:
Jane Annie (1893)
Margaret Ogilvy (1896)
The Little White Bird (1902)
Petar Pan in Kensington Gardens (1906)
When Wendy Grew Up: An Afterthought (1908)
What Every Woman Knows (1908)
The Legend of Lenora (1914)
Mary Rose (1920)
автор: Јована Матевска Атанасова