Фестивал  за димензиите на културата- АrtArea 4

Четвртото издание на фестивалот за рудиментарната начелност, кој ги негува катетите на литературата и уметноста споени под правиот агол на културата, ќе се одржува од утре, 14 мај сѐ до недела, во кафе-книжарницата „Буква“. Во организација на издавачката куќа Бегемот и оваа година фестивалот нуди богата програма и интегрирање на вистинските вредности како постулат за гласно размислување низ мегафонот на културата.

Посетителите преку директен контакт со димензиите на културната геоцентричност ќе остварат блиски средби, симулирајќи раздвижена хаотичност на интермедијално наполнети атоми, зацврстувајќи ги меѓусебните културни јазли со промовираното, како еден жив трансплантант на интелектуален интерес.

Фестивалот, во 12 часот, во петок, ќе го отвори изложбата на фотографии, со наслов „(с)Огледување“ , на Јелена Белиќ.

Со интензивно движење низ фестивалот ќе продефилираат звучни имиња од областа на културните дејности. Воедно на фестивалот ќе се случат и две промоции од различен литературен калибар: промоцијата на романот „Турнеја“ од Сашо Огненовски за чие излагање ќе биде задолжен Владимир Мартиновски и промоција на збирката патеписи и репортажи „Непозната Македонија “ од Васко Марковски, чиј промотор ќе биде Александра Јуруковска.

Репертоарно ќе бидат вклучени и краткометражни играни филмови од домашна продукција, вокално-инструментален перформанс поттикнат од ораторскиот и брилијантен стих на младите поети како и уникатен базар на ракотворби.

Предвидени се и неколку видео-промоции со што Бегемот ќе даде простор подеднакво и на литературата за младинци и на литературата за возрасни, притоа доближувајќи ги новите изданија до читателскиот аудиториум.

Фестивалот од година во година наидува на сѐ поголем интерес од страна на младите сили кои ги регрутираат своите надежи и амбиции во задржувањето на културниот бренд, не дозволувајќи ваквиот општествен амблем да избледи од државата асимилирана од политичките збиднувања и преплавеноста на медиумите корумпирани од еднолични вести.

Проследете ја агендата на фестивалот на следниот линк:

https://www.facebook.com/events/1002885760485583/

автор: Јована Матевска Атанасова