„Волшебникот од Оз“- свет на шаренила и вистински морални вредности
Френк Л. Баум, творецот на „Волшебникот од Оз“, бил роден на 15 мај 1856 година, во државата Њујорк. Светот создаден според магичниот рецепт на Баум е веројатно најпознат по филмската адаптација од 1939 година, во која глумат прочуени имиња од златната доба на Холивуд, вклучувајќи ја и Џуди Гарланд како Дороти. Овој филм е единствениот кој останал ненадминат од своите современи римејк изданија, до толку што дури ни амбициозниот и ексцентричен Тим Бартон кој адаптирал филмски сценарија според детската литература , како „Алиса во земјата на чудата“, „Чарли и фабриката со чоколадо“, „Хансел и Гретел“, „Дамбо“ не ги засукал ракавите , претпоставуваме бидејќи знае дека по моќна екранизација следува бледа копија.
Ефтината машина за печатење која отворила копнеж
За разлика од мноштвото писатели во таа ера, кои самостојно се бореле честопати спротивставувајќи се на волјата на своите родители и ја одбирале гордо пасијата кон пишувањето пред фармерството или семејниот бизнис, Баум бил поттикнат од својот татко да ја започне својата експанзија кон културата и да научи да плива согласно со струјата во писателските води.
Неговите први обиди кои ја следеле младата писателска кариера, биле издавање на весници ( The Rose Lawn Home Journal, The Stamp Collector ) пред да премине на литературната форма која ќе стане негово животно прибежиште.
Ослободувањето на волшебникот преку пишувачкото перо
Волшебникот од Оз ќе исплива низ мислите и мастилото на Баум во јубилејната 1900 година. Баум заедно со илустраторот Денслов ги задржува авторските права и правата за издаваштво, на она што подоцна ќе прерасне во бомбастичен финансиски успех за двајцата.
Прославен со фантастичниот свет на Оз, Баум продолжува непрекинато да работи на уште 13 новели кои земаат место на случување на магичната почва,чиј никулец започнал од неговата плодна имагинација.
Мјузиклот во соработка со Пол Титјенс премиерно бил прикажан во Чикаго, во 1902 година, но на Бродвејската сцена ќе доживее дури 293 прикажувања од јануари до октомври 1903 година.
Густите сиви клетки на Баум довеле до нереални димензии на неговото размислување
Во 1905 година се родиле идејата Баум да создаде забавен тематски парк за земјата Оз. Во едно интервју изјавил дека планира да го купи островот Педло, на калифорниското крајбрежје. Но покрај тоа што ваквата купопродажба не се ни случила, никој не успеал ниту да пронајде остров со такво име на географските карти.
Истата година Баум абдицира од триумфалната идеја за забавен парк, откако неговата претстава The Woggie-Bug, доживува стрмоглав неуспех при прикажувањето во театарот Герик.
Истоштен од сестраната амбиција да го достигне врвот на самоактуелизацијата, доживува и интерперсонален неуспех, кој некако успева да го приклешти и зароби во границите на Оз.
Успех кој не го повторил и покрај завидното творештво
Анонимно ја пишува новелата „ The Last Egyptian: A Romance of the Nyle“. Донирал и потпомагал театарски проекти, бидејќи театарот бил негов задоител и фаворит пред сѐ останато и впрочем, театарската, а не писателската сцена е таа која му ја дозволила привилегијата да стане планетарно прочуен со одиграната интерпретација на своите мисли.
Френк Л. Баум никогаш не го надраснал успехот со друго дело, иако напишал неверојатни 83 кратки приказни, 41 роман, 42 сценарија и преку 200 поеми.
Умрел на 62 години, како последица на мозочен удар во 1919. Неговите последни зборови кои ѝ ги кажал на сопругата гласеле: „Сега конечно ќе ги преминам Shiffting Sands“( дел од Deadly Desert која ја опкружува земјата Оз).
автор: Јована Матевска Атанасова