Михаил Булгаков-мајсторот на магичниот реализам
Михаил Булгаков се родил на 15 мај 1891 година и годинава славиме 130 години од раѓањето на талентираниот активист на пишаниот збор. Неговиот живот бил исполнет со озборувања, но и мистицизам, егоцентричен и спонтан, Булгаков ја изразува својата бистрина речиси како латентна бунтовност. Започнувајќи од своето отсечно одрекување од лекарската дејност, до злоупотребата на опијати Булгаков гради мит за својот стоицизам опколен од одрекувањето и тврдоглавоста како две главни вредности на противречноста на генијалецот.
Неговото творештво, иако било цензурирано и отфрлено во поголемиот дел од XX век, век кога тој создавал и живеел, денес, години по неговата смрт е дел од антологиските колекции на најпознати светски класици. „Мајсторот и Маргарита“ е продадена во тираж од над 100 милиони копии и преведена на 40 јазици, исто така постојано рангирана на листите за најдобрите литературни изданија во светот.
Докторот за луѓе станува доктор за зборови
Иако не доаѓал од богато семејство, амбицијата го запишува Булгаков на Медицинскиот Факултет во Киев. Поттикнат од своите вујковци, и двајцата биле лекари, се појавила желба да ги испроба своите раце во благородната професија, да спасува животи. Не поминало долго додека стигнал до остварување на желбата и директно преминал во пракса, спасувајќи млади војници повредени во Првата Светска војна, во една воена болница. Како последица на посериозна болест Михаил Булгаков ја напушта својата докторска иднина и на 30 години решително се предава на пишувањето.
Романот „Морфиум“ бил напишан под дејство на морфиум
Како поранешен лекар добро ги знаел придобивките од користењето, но и злоупотребата која често тешко се разграничувала една од друга. Сепак битно е да се наведе дека големите имиња како Бодлер, Дикенс, Алан По и самите уживатели на опијати, но и познатиот психоаналитичар Фројд свесен за последиците се навлекол на кокаин. Во преминот на XIX и XX век опиумот и кокаинот се користеле како анестетици и медикаменти, па не било невообичаено нивната легална употреба да им даде полет на консументите кон мрачната страна предизвикана од нус ефекти.
Идентично како во случајот на Фројд, и Булгаков најпрво започнал да го користи морфиумот за вистински медицински потреби. Додека оперирал дете болно од дифтерија, тогаш високо заразна болест, се вакцинирал како мерка на претпазливост, но инјекцијата предизвикала верижни витални реакции. За да ја олесни болката најпрво зел морфиум дозирано, а подоцна неосетно се навлекол на неговото дејство. Искуството како зависник станува памфлет врз кој го гради безвременскиот роман „Морфиум“, но за разлика од протагонистот во делото, Булгаков успева да се извлече од клештите на зависноста.
Една успешна претстава во време на Советската диктатура
Цензуриран и критикуван, Булгаков се соочувал со книжевно распетие. Но и покрај олуите кои го демнеле неговото потценето творештво, една негова претстава адаптирана според романот „Белиот чувар“ доживеала успех во советските театри. Иако била касапена и кратена, повторно затнувана во вокабуларот и конотацијата на кажаното била сугестивно изменета, дури и самиот наслов бил сменет во „Деновите на турбините“ (за да се избегне какво било поврзување на оригиналниот наслов со идејата на монархистичката бела армија).
Судир на интелектот со комунистичката догма
Булгаков би добро едуциран, мудар писател, кој она што го имал на ум не пропуштал да го пренесе и низ уста. Токму затоа им застанал на окото на комунистичките тајни агенти кои го следеле секој негов чекор, свесни дека пишаниот збор е исто толку опасно оружје колку и артилеријата. Кога отскокнал „Срцето на кучето“, роман кој го читал пред своите колеги, меѓу кои биле тајно инфилтрирани и членови на владината полиција, известиле до повисоките органи дека по прочитот јасно е дека станува збор за ракопис кој повикува на револуција против комунизмот и експресно треба да биде забранет.
Во неговиот дом бил извршен претрес и при рацијата биле запленети два ракописи од романот. Три години подоцна Булкагов успеал да го врати ракописот, но и покрај тоа што стигнал до рацете на сопственикот, останал забранет. Бил публикуван дури во 1987, години по смртта на Булгаков. За жал не успеал да го виде неговото изгревање во зениците на публиката.
Ја запалил првата верзија на „Мајсторот и Маргарита“
„Мајсторот и Маргарита“ ја започнал во 1920 година и пишувањето се влечело една цела деценија. Во 1930 година ненадејно решава да го запали целиот нацрт на романот. Се вели дека оваа брзоплета и избрзана реакција била одговор на цензурирање на уште едно негово дело.
Булгаков се вратил на допишувањето во 1932 година, сменувајќи го заплетот и додавајќи ги двата главни ликови-мајсторот и Маргарита. Она што најпрво делувало како импулсивно и претерано, подоцна се покажало дека бил преседан за добробитта на делото, затоа што од пепелта излегло посилно конструирано од претходно.
На романот ќе продолжи да работи сè до неговата смрт, дури и кога ќе биде толку болен и немоќен дури и да ги диктира зборовите. Романот по неговата смрт го завршува сопругата Елена и го предала за објавување.
Реалноста имплементирана во неговите дела
Булгаков ја црпел инспирацијата од надворешниот свет. Влијание имале и социо-економските случувања во државата, војната и позицијата на Русија во ХХ век, но и неговата работа како доктор, зашто таму честопати се сретнувал со бизарни и несреќни судбини. Булгаков гледајќи го човечкото, ранливото и натприродното кај пациентите на смртна постела, кои вложувале вонземски сили за да се задржат на земјата макар и ден подолго, ќе го формира неговиот стил реализам со примеси на фантастика, кои се судираат во еден вител, од кој излегуваат споени во различни формации. Професорот Преображенски во „Срцето на кучето“ е проектирана верзија на неговиот вујко, гинеколог во Москва; ликот на Маргарита е сложен карактер, дел инспириран и од неговата трета сопруга Елена. Дури и демонската мачка, Бехемот имала живопарен сурогат, иако не било мачка туку големото црно куче на Булгаков.
Интересен факт е дека дури и куќата во која живее семејството Турбин во Киев, опишана до најситни детали, Булгаков ја рекреирал во својата меморија бидејќи таму го поминал детството и младоста. Сè било вистинито, релевантно пренесено од меморија на хартија, освен еден мал факт, кој ги полудел тогашните сопственици на имотот. Богатството не постоело, но тие очајно го барале, буквално руинирајќи ја куќата, пребарувајќи зад секој ѕид.
Сталин му забранил излез од СССР на Булгаков
Човекот со челечна тупаница и параноични замисли не бил голем пријател речиси со ниту еден академик, писател или уметник. Историјата покажува дека Сталин ги убивал дури и најблиските соработници исплашен дека му коваат заговор зад грб.
Но и покрај миграцијата на неговите колеги, што поттикната од егзистенцијални причини, што од страв од гневот на големиот лидер, Булгаков останал во границите на Русија. Сталин бил воодушевен од некои негови дела, на други пак бил строг и непоколеблив противник. Наводно ја гледал дури и претставата „Белиот чувар“ и тоа повеќе пати, но одбил за поставка многу други. Разочаран, во 1930 година истата година кога поради нова цензура револтирано го запалил нацртот на „Мајсторот и Маргарита“, му напишал писмо на Сталин во кое барал дозвола за излез од Советскиот Сојуз. Сталин категорично го одбил со личен повик до Булгаков. Булгаков никогаш не ја добил дозволата и останал во Русија до самата смрт.
Релапс кон морфиумот
Булгаков умрел на 48 годишна возраст од ненадеен прекин на бубрежната функционалност, исто како и неговиот татко. Не можел да пишува повеќе бидејќи го губел видот. Едвај и зборувал за да може да му диктира на сопругата. Некои биографи кои го следеле животот на Булгаков, сметаат дека се вратил на старата зависност, морфиумот, со оглед на тоа дека траги од морфиум биле пронајдени на страниците од ракописот, но тоа би можело да значи дека го добивал како легално препишана терапија за да му се намалат болките.
Булгаков бил закопан под надгробната плоча на Гогољ
Посмртните останки на Булгаков се наоѓаат на гробиштата во Новодевички, во Москва, заедно со останати истакнати имиња во светот на уметноста и литературата. Но Гогољ како и на многумина бил посебна инспирација за Булгаков. Сосема случајно неговата вдовица Елена дознала дека ќе се менува надгробната плоча со биста и успеала да ја земе за себе, сместувајќи ја над гробот на својот сопруг, со таквата постапка давајќи му постхумна чест и спокој. По смртта Булгаков бил споен со човекот на кого му се восхитувал.
автор: Јована Матевска Атанасова