Интервју со Ружица од Ареа: Новиот сингл Отсекогаш“ e убава најава на новиот студиски албум

Од снимањето на спотот за песната “Отсекогаш”

Кога ќе се спомене Ареа, умот инстинктивно реагира, потсвирнувајќи си го преминот на „Сите мои слики“. Но Ареа се многу повеќе од една песна, Ареа се име и имиџ, чувари на рок музиката на тло потресено од турбо-фолк крикови. Со Ареа растеа генерации, песните „Одведи ме“, „Колку ми значиш“, „Фреквенција на љубовта“, „Дозволи ми“ се само дел од химните кои сè уште се неодминат дел од репертоарот на веселби и ретро-забави. Oваа група на музички ентузијасти вгради трајни вредности во македонскиот музички времеплов. За жал во вакво време-невреме на сите ни недостига лежерно дружење со Ареа: текстовите како протечени од поетски читанки, ексцентричните звуци кои одекнуваа по радио каналите и мобилните плеј-листи. На нетрпеливоста и исчекувањето за нова рок бајка од Ареа, се гледа крајот. Ja имавме честа да го дочекаме денот со радосна вест, Ареа ја донесе музичката вакцина повторно на сцената. Во пресрет на излегувањето на синглот, едноставно насловен како „ Отсекогаш “, ја пречекавме Ареа во дометот на нашата културна пракса, преку интервју со неповторливата и единствена Ружица. Музиката, аранжманот и продукцијата за песната “Отсекогаш” се на гитаристот на Ареа, Ивица Брчиоски, а зад прекрасните стихови се потпишува Ружица. Видео спотот го работеше Даниел Јовевски.

Елементал: Добре дојдовте Ружица. Во период на ограничени дејствувања, некако сите носталгично фрламе поглед наназад, особено кон настани во кои навистина сме уживале. Музиката и концертите се дефинитивно дел од таа  категорија на сентименталност. Со право велат човек патува во минатото по само неколку отслушани ноти. Мозокот чудесно реагира поврзувајќи ги асоцијативно искуствата со музиката. За која Ваша песна ве држат најубавите спомени?

Ружица: Добро ве најдов, мило ми е што што можеме да си помуабетиме во овој период на, како што рековте ограничени дејствувања и „Елементал„ тоа да го објави, ви благодарам за убавата најава. Ареа опстојува скоро 3 децении и имаме убави спомени од разни периоди, разни настани и концерти за кои можеме да раскажуваме, но ете „Сите мои слики“ некако го одбележаа нашето дејствување на музичката сцена. Така прва асоцијација кога ќе се спомене оваа песна мене ми е сликата на подигнати раце, распеана публика и атмосфера со наплив на убави емоции.

Елементал: Што може да се затекне низ вашата историја на Youtube прегледи? Можеби некој призвук на југоносталгијата или сте свртени кон новите експериментални правци, кои секојдневно излегуваат како подвидови на рок музиката?

Ружица: Апсолутно немам некои ограничувања во слушањето музика, во поглед на тоа од кое говорно подрачје е, кој правец е, од кој период е, многу се радувам кога ќе слушнам нешто што постоело како музика, а јас го откривам како ново на Youtube, нешто што ќе ми ја исполни душата и кое ми делува инспиративно. Но, признавам дека не ја поднесувам турбо фолк музиката и премногу деструктивната метал музика.

Елементал: Вие сте олицетворение на челична жена, настапувате на сцена, на која, под напливот на стереотипите, преовладуваат мажи; имате авангарден, истовремено префинет изглед; уникатен глас; мајка сте и успешна деловна жена. Како успевате да ги синхронизирате сите овие улоги, да работат под капата на интегритетот?

Ружица: Вие штотуку одговоривте на прашањата кои ми ги поставивте, сметам дека многу е важен интегритетот: да се биде сам и свој во одлуките и дејствувањето, притоа да се почитуваат и другите. Тука не мислам да се биде физички сам, туку да не се дозволи влијание и притисок со што би се изгубиле себе си. Ова посебно е тешко да се остварува кога си жена, бидејќи и покрај рамноправноста со машкиот пол, во менталниот склоп на повеќето мажи е останата програмата дека тие се тие кои треба да управуваат со жените.

Елементал: Се покажавте како одличен текстописец, па веројатно вистинит е митот дека стиховите и музиката течат паралелно во крвта на музичарот. Кога на тоа ќе ја додадеме феноменалната и искрено топла изведба, добиваме ерупција на емоции, моќ, душа и енергија кои ги поместуваат границите на уживање. Какви се Вашите приоритети и очекувања горе на сцената? Ве троши или Ве исполнува давањето на себеси во служба на исполнување на публиката?

Ружица: Вие сте една од ретките кои ова вистински сте го разбрале, Ви благодарам за тоа. Не е мит, туку е вистина  дека при изведбите во живо има единство на музиката и текстовите, дека публиката тоа го чувствува и дека музичарот тоа што го изведува, го живее во истиот момент. Барем кај нас е таков случајот. Поради сето тоа и се создава флуидот меѓу изведувачите и публиката. Тоа е она што обострано исполнува со енергија, а воопшто не троши.

Елементал: Каква сте, кога ќе се најдете од другата страна на концертот, во публика?

Ружица: Сакам да уживам во изведбата на други музичари, сакам да ја доживувам со срце, сакам да го наоѓам убавото во сѐ што слушам и сум вистинска публика.

Елементал: Јасно е дека Балканот е под влијание на турбо-фолк. Но што се случува со рок сцената, има ли простор и за неа на нашите подрачја, каде е бунтовноста, пламениот темперамент на гаражниот звук? Зошто алтернативните правци кај нас се деградираат?

Ружица: Не само на Балканот, туку и глобално во целиот свет се потисна креативноста на младите бендови. Сметам дека за тоа дел се одговорни многуте натпревари од типот на „Идол“ и слични, кои се распространија секаде, каде само се бара пеење на веќе отпеани песни и на тој начин се создава лажна популарност на изведувачот. Не се поттикнува создавањето на нова музика.

Од снимањето на спотот за песната “Отсекогаш”

Елементал: Која беше причината еден моќен музички ентитет како Ареа, привремено да се повлече?

Ружица: Ние се повлекувавме повеќе пати од создавање на нова музика кога се чувствувавме истрошени или без инспирација, а се враќавме кога имавме нови песни, албуми. Меѓутоа целото време бевме присутни на живите свирки, тоа и го одржа бендот заедно и во постојана кондиција.

Елементал: Вие сте пример за стабилна и созреана група, сочно ферментирана низ потребниот процес на добра комуникација, другарство и компромис, која безмалку се одржува на сцената веќе трета деценија. Како функционира Ареа надвор од својата ареа на удобност? Имате ли настапи или можеби собирања за личен мерак, ги одржувате ли цврсти меѓусебните контакти?

Ружица: Јас и Ивица кој е композитор, гитарист и продуцент во Ареа, сме постојано заедно, со другите членови од бендот сега во ова време на пандемија помалку контактираме иако сме во постојана комуникација. Работиме повеќе индивидуално и концентрирани сме на завршувањето на нашиот седми по ред албум, шести студиски ( имаме еден live албум). Инаку во нормални услови сите членови на бендот сме поврзани што фамилијарно, што како пријатели.

Елементал: Уверени сме дека „Отсекогаш“ е уште едно култно дело кое ќе се запише во музичките споменари и меморијата на повеќе генерации, но какви се идните планови? Можеме ли да се надеваме на неколкукратни дози квалитетен рок како ефикасен медикамент во јакнење на колективниот музички имунитет?

Ружица: Отсекогаш“ би требало да биде убава и се надевам успешна најава на новиот студиски албум, кој веќе го привршуваме и да, ќе има повеќекратни дози на наша музика како вакцина против негативните вибрации во атмосферата, ха, ха, ха… Се надевам дека наскоро ќе заврши ова ковид лудило па ќе можеме и концертно да ги претставиме новите песни, а заедно со публиката  да се потсетиме и на старите хитови.

изработил: Јована Матевска Атанасова