Концерти во Кинотека со „Croatia Records“
Кинотека на Република Северна Македонија во соработка со „Croatia Records“, најголемата дискографска куќа во регионот, за сите кои во месец јули ќе бидат во Скопје, подготвуваат интересна музичка програма, како освежување за летните горештини.
Имено, додека животот по пандемијата полека се враќа во нормала, и додека се чекаат големите музички случувања „во живо“, Кинотека и „Croatia Records“ од 1 јули, па секој следен четврток во седмиот месец тековната година, на летната сцена на Кинотека, во летното кино „Мирно лето“, ќе прикажат по еден концерт од богатата BLU RAY програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот одговараат на местото и на времето.
Според распоредот, на 1 јули ќе биде емитуван концертот на Влатко Стефановски – Live at Lisinski, од 17 април 2018 г., кога во Загреб беше промовиран неговиот албум „Мајчин јазик“. Таа волшебна вечер гостите на Влатко беа Љубијна, Хојсак & Новосел и единствената Јосипа Лисац.
Токму Јосипа Лисац ќе биде главната ѕвезда на програмата „Концерти во Кинотека со Croatia Records“, веќе на 8 јули, кога ќе биде емитуван концертот Јосипа Лисац from Croatia Records Studio – „… ту у мојој души станујеш …“, кој големата дива му го посвети на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош. Концертот беше реализиран во студиото на „Croatia Records“ во Загреб на 30 октомври 2018 г.
На 15 јули во Кинотека ќе биде емитуван концертот на Раде Шербеџија и неговиот Западни колодвор бенд, одржан во Хрватско народно казалиште во Загреб, а една недела подоцна – на 22. јули во програмата е впишан концертот на Амира Медуњанин во пулска Арена, снимен на 3 август 2018 г.
За самиот крај на зацртаната програма, на 29 јули ќе биде прикажан концертот на музичкиот волшебник J.R. August – Live in Hrvatski Glazbeni Zavod.
Станува збор за концерт на музичката сензација на годината во Хрватска, човекот кој освои три музички награди Порин, вклучувајќи ја и онаа за албум на годината, со што стана прв лауреат во Хрватска кој освои награда за најдобар албум, иако албумот не беше на хрватски, туку на англиски јазик.
На концертот во Hrvatski Glazbeni Zavod, кој ќе биде емитуван во Кинотека – J.R. August го промовира токму наградуваниот албум „Dangerous Waters“.
Сите концерти се снимени со врвна аудио и видеоопрема, па гледање на истите претставува вистинско доживување за сите сетила, што овој пат ќе биде привилегија за македонската публика.
Сите детали врзани за Концерти во Кинотека … (тајминг за стартот, алтернативниот простор доколку заврне …), ќе бидат објавени дополнително.