Заврши вториот фестивал на детска креативност Трамболини
Креативноста е способноста да се добиваат, да се создаваат или да се откриваат нови идеи и решенија и да се согледуваат нови можности.
Токму работилниците кои се дел од фестивалот Трамболини нудат можност да се научи нешто ново што ќе ја стимулира детската фантазија, ќе ги научи децата да совладаат нови техники на креативно изразување на забавен и креативен начин.
Ликовно креативните работилници се одвиваа преку инспирирање, создавање, репродуцирање дискутирање, со цел децата и младите да се запознаат со уметноста и нејзините креативни процеси на работа, ликовни техники и креативни концепти.
Креативните торбички кои самите ги дизајнираа на работилниците дефинитивно станаа составен дел од нивната гардероба како моден додаток.
Преку едукативните танцови работилници чија цел беше децата да стекнат одредено знаење за себе си и за својата позиција во општеството преку танц, тие ја разбраа и важноста на нивната индивидуалност, а исто така и последиците доколку ја немаат истата.
Студиото за детски мјузикли формирано од Здружението Крео Аксис, годинава не почести со „Убавицата и ѕверот“, мјузикл за деца и младинци преведен и препеан на македонски јазик.
Малите археолози се најдоа во улога на Индијана Џонс и преку работилницата дознаа како под површината на земјата лежи цел свет во кој никој никогаш не знае што ќе се најде. Научија дека археолошките ископувања не се одвиваат само некаде далеку во светот, туку вистинското богатство може да биде скриено под земјата што ја шетаат и газат секој ден.
Децата уживаа во несекојдневните демонстрации на хемиски реакции кои ги изведе едукаторот, а потоа и самите експериментираа и навлегоа во светот на експериментирањето.
„Временските патници“ во Националната галерија Даут Пашин Амам научија дека „модерната уметност кон секого прозборува, и ги пресретнува сите генерации, и може да се работи со она што ни е веќе познато, за себе, за другиот, или за уметникот.“
Работилниците за личен развој, претставуваа совршено место за откривање и стекнување на нови знаења и техники, преку кои младите развија едно ново разбирање за себе и своите емоции. Имаа можност да се фокусираат на своите мисли и емоции и сфатија дека тие имаат заемен ефект кој е од суштинско значење за нив.
Целта на работилниците за креативно пишување беше да ги поттикне младите кои се заинтересирани за пишувањето да се насочат во соодветната насока преку која ќе го изградат својот стил.
Секој од учесниците имаше можностда биде оригинален во своето писмено изразување, бидејќи е лично и ги изложува идеите на „писателот“ како и неговата способност да управува со јазикот и стилот.
Младите учесници кои беа дел од работилницата за илустрација во класична техника, работеа на кратка приказна и се запознаа со етапите на создавање на илустрација.
На работилниците насловени како „Оркестроманија“, децата се стекнаа со нови знаења за инструментите, но и тие беа креативни, така што и самите направија сопствени инструменти.
Работилниците за рачна изработка на приврзоци и модни детали од полимерна глина беа вистинско доживување за децата на фестивалот за детска креативност Трамболини. Овие модни додатоци што за кратко време станаа тренд помеѓу помладите генерации, можеа да се изработат токму на работилниците.
Анимирана филмска авантура за најмладите гледачи, како и комедија за момче кое е неприфатено од своите врсници се емитуваа на Кино дворче на големо задоволство на децата и младите.
Како круна на целиот фестивал беше дебатата за „Развој на детската креативност“ која побуди интерес кај многубројна публика, а ја модерираше Ана Јовковска изјави директорката на фестивалот д – р Билјана Лалчевска Серафимовска.
На сите работилници беа применети сите превентивни мерки за заштита од корона вирусот.