Поезијата е свет целосно ослободен од општествените матрици -интервју со Даниела Андоновска Трајковска-

Поезијата како една материјална и хибридна форма помеѓу естетиката, слухот и записот, претставува гнездо кое од година во година на нашата територија станува побогато. Задоени со стиховите на литературните дејци и татковци на нацијата, сѐ до слободната метаморфоза на имплементирана современост, читателите го препознаваат квалитетниот пишан збор. Даниела Андоновска Трајковска со својот иновативен и пред сѐ, културолошки обликуван стил, стигнува до одредницата „најдобра поетска книга за 2020 година“, награда именувана по поетот Ацо Шопов. Нејзиниот лесен и виртуозен спев создава унија на провокативна егзистенцијална прашалност со  онаа материја која честопати е дефинирана како баук, а е постулат за целокупноста на човештвото. Обликувајќи ја македонската поетска мисла во силен и стабилен каријатид, време кога и женската ритмика претставува еднакво важна граѓа и гради стабилна структура, Даниела Трајковска Андоновска е предвесник на нова литературно-филозофска ера во лирските правци. Идеологијата зад создавање на исклучително остроумна поетска читанка, која истовремено има својство да обединува и разложува, овогодинешниот лауреат, во интервјуто за Елементал, ја образложува и вивисекцира.

Промоцијата на стихозбирката „Математичка поезија“, ќе се одржи на 15 јули, во дворот на Педагошкиот Факултет Битола, со почеток во 10.30 часот.

Елементал: Античките цивилизации, особено старите Хелени, ги потпирале своите сознанија за опкружувањето и природата врз нацртите на геометријата. Овој пример го следел и визионерот Леонардо Да Винчи, кој направил геометриски прецизен пресек на човечките пропорции , докажувајќи дека лателарната асиметрија е видлива во телесноста. Но иако математичките калкулации постојат, го следат нашето живеење, почнувајќи од тоа дека човечкото тело е составено од 60% вода, или дека срцето чука со просечна брзина од 60 до 100 отчукувања во минута, сепак претставуваше освежување да се здогледа математиката поврзана со поезијата. Вашиот уникатен израз, но и апстрактно спојување на реалноста со уметноста на ритамот и естетиката се одликувани во право време и со вистинската, заслужена награда. Како се создаде идејата да го претставите животот и постоењето преку математичките релации?

Даниела A.T. : „Математичка поезија“ која ја издаде Центарот за култура и културолошки студии од Скопје во 2020 година е напишана за релативно кратко време во декември 2017 и почетокот на 2018 година и тоа без претходно подготвен план или идеја за користење на математичкиот јазик како поетски код. Инспирацијата беше толку интензивна така што одеднаш емоциите, сензациите, секојдневните ситуации и идеите почнаа да се опредметуваат во геометриски тела, аритметички операции, множества, Хи-квадрати, Т-тестови, квартили, Фибоначиеви низи, а јас не направив ништо друго освен што ја употребив таа азбука, тој математички јазик за да создадам попрецизен и полуциден поетски израз. На прв поглед се чини дека математиката како егзактна наука е неспоива со книжевноста која е поле на бесконечни реализации поради бесконечните варијации во семантичката комбинаторика на лингвистички знаци како резултат на динамичноста и развојноста на јазикот, бидејќи тој сам себеси се истражува и се развива преку сите колективни и индивидуални манифестации на културата, преку синтагматските и парадигматските односи меѓу зборовите, односно преку авторефлексијата. Но токму во таа егзактност на математиката која се приклонува кон конвергентните процеси на мислење за со приближно 100 процентна сигурност да може да изведуваат заклучоци по примена на логички операции и стремежот на книжевноста да се истражува себеси и повторно да се измислува во нови форми прибегнувајќи кон дивергентно мислење лежи нивната поврзаност. Создавањето на метафоричен јазик со спојување на семи кои се неспоиви со почитување на принципот сличност и метонимијата како спротивност поради сраснување на зборови по принципот логичност не е ништо друго туку комбинаторика која создава математички прецизни реализации на јазикот. Тоа го докажува и Роман Јакобсон во рамките на Прашката книжевна школа која е центар на  структуралистичкото проучување во книжевноста. Тоа користење на математичкиот јазик во мојата поезија не можело да се случи ако претходно сум немала таква залиха на математички знаци, односно ако сум немала математичка писменост. Значи се случи спонтано, без некој претходно подготвен план и повеќе како несопирлив порив и возбуда поради откривање на еден нов и невообичаен начин на поетска комуникација со читателот, бидејќи секое новосоздадено дело треба да биде оригинално и да има свој печат. Нешто слично како што е и ДНК на човекот. Сепак, првата математичка песна ја напишав во 2014 година и ја објавив во „Стапалки“ (2017) со наслов „Водач“, а потоа истата песна, но со променет наслов („Очовечени темиња“) е објавена во „Математичка поезија“. Во таа песна преку кругот кој сопкајќи се по патот станува триаголник и неговите темиња кои се во динамичен однос и се трансформираат на сличен начин како што во која било современа компјутерска програма за создавање векторска графика се менуваат векторските величини и прават дисторзија на просторот мултиплицирајќи се и движејќи се во различни правци, а сепак се укотвени во нивните упоришни точки е прикажан човекот во историјата која повторувајќи се станува апсолут: или е водач или е следбеник во тркалото на животот кое трчајќи се обидува да се стигне себеси, но и да си ја задржи формата. Во спротивно ќе го изгуби своето Јас и ќе биде непрепознатлив. „Математичка поезија“ во суштина е приказна за човекот, за нас, за потрагата по нашиот идентитет, за освестувањето и проблесоците кои нѐ изделуваат од средината во која живееме и кои нѐ тераат да заминеме подалеку од себе за да се пронајдеме себеси токму во моментите кога на себеси си се враќаме, за големата експлозија и за зборот кој беше на почетокот, за создавањето на светот, за безусловната љубов, но и за грешките кои ги повторуваме со секое наше раѓање за да бидеме тоа што сме, за Адам и Ева во нас, за колективното несвесно и неговото влијание врз колективното и индивидуалното свесно, за циклусот раѓања и умирања кои се случуваат во нас, но и надвор од нас. И сето тоа – преку антропоморфизмот на математичките операции и релации, геометриските форми и односи изразени преку метафора и метонимија.

Елементал: Збирката ја започнавте во 2017 година, што значи, сте посветиле години работа за да ја доведете до состојба на совршенство. Но дали ви се случува да погледнете назад, помислувајќи:  тука требаше да го додадам ова… Поетите и писателите ја истакнуваат несигурноста како нивна сублимирана одранбеност кон продуктивност, односно сметаат дека делото може да биде поправено и ре-обликувано. Ви се случува ли ваквиот синдром на „уметничка преоптеретеност“?

Даниела А.Т. : Иако книгата ја напишав во декември 2017 – јануари 2018 година, сепак во повеќе наврати сѐ додека не излезе од печат постојано се враќав на неа. Некои корекции беа суштински –  така на пример се случуваше да ги напластувам песните една врз друга како да создавав палимпсест, а некои песни целосно ги уништив, така што не постојат во книгата, но се објавени во повеќе македонски книжевни списанија. Од друга страна имаше и минорни корекции и тоа во случаи кога се премислував за употребата или отсуството на интерпункцијата за која мислам дека исто така претставува знак што упатува на свое означено и на тој начин може да ја промени и рецепцијата и семантичкото поле кај читателот, всушност целата песна е литерарен знак кој отвора мноштво значенски полиња кај реципиентот како резултат на влијанието на единството од микрознаци врз читателите кои исто така се уникатни и неповторливи како личности. Тој синдром на „уметничка преоптеретеност“ ми се случува постојано и тоа за сите книги кои до сега сум ги објавила и да бидам искрена ретко си велам дека нешто требало да биде додадено, туку – одземено.

Елементал: Вашите дела се преведени на повеќе од  педесеттина јазици. Ве има од Индија до Франција, што несомнено е показател за квалитетен и нов бран на поетска структура на нашата сцена. Што ви претставувало најголем предизвик досега?

Даниела А.Т. : Најголем предизвик не само за мене, туку верувам и за секој автор е да најде начин да стигне и да допре до читателот и тоа почнувајќи од најпрактичните моменти кои се однесуваат на наоѓање квалитетен издавач, објавување и промоција на создаденото дело што на некој начин е и апсурдно, бидејќи естетскиот субјект во исто време и го создава естетскиот објект и го трасира неговиот пат, бидувајќи си сам на себеси менаџер што е извонредно тешко, па сѐ до апстрактните моменти кои всушност му ја враќаат песната на нејзиниот создател поставувајќи му едно и единствено прашање: Дали песната е доволно силна за да се зарие во свеста на читателот? Тука треба да се истакне дека ваквиот начин на замислување на читателот кој може да биде „идеален“ или „контекстуален“  овде повторно создава несигурност кај авторот, бидејќи колку што има луѓе, толку има и различни вкусови, начин на перцепција и когниција, различни приказни кои оживуваат од другата страна на платното зад кое не можеме да ѕирнеме за да сме сигурни дека таму се игра претставата која ние сме ја режирале или можеби тоа е сосема нова претстава која само случајно или неслучајно личи на нашата. И во едниот и во другиот случај вредноста на рецепцијата ниту се намалува ниту се зголемува и во тоа е убавината во создавањето поезија, затоа што тој свет е целосно ослободен од општествените матрици, а со тоа слободни сме и ние: и поетите и читателите, затоа што песната не може да биде песна ако е врзана.

Елементал: Кога би требало да го објасните вашиот живот преку една теорема, како би звучела таа?

Даниела А.Т. : Многу се.

ИСКРШЕНО ВРЕМЕ
Линијата на животот
сама се црта на твојата дланка
за да ти подари денови
во кои на крајот ќе сфатиш
дека си отсечка
која може да се продолжува на двата краја
Од твоите точки други времиња
се раѓаат и умираат
И на твоите пресликувања
некој ќе се сети кога ќе чекори по тангентата
на тркалезниот печат од време

ХИ-КВАДРАТ ТЕСТ (χ2)


дишењето со кое се будиме во сонот
го одземаме од зборовите што ги издишуваме во јавето
и ги подигнуваме на квадратчиња од мигови
кои ги редиме во албумот на заборавот


степенот на слобода (n-1)
за n = број на животи
ја определува критичната вредност
со која знаеме дека постои статистички значајна разлика меѓу тоа што се
случило
и тоа што сме мислеле дека ќе се случи
(за n>30 и алфа=0,01)

ТОЧКА

Радиусот ми е нула,

а плоштината не може никој да ми ја пресмета .

БЕСКОНЕЧНА ТОЧКА

Кога точката ќе остане сама на рамнината,

двете точки ќе ја земат во своето множество

и ќе ја направат бесконечна.

МЕСНА ВРЕДНОСТ

Точката има поголема месна вредност

од трите точки заедно

кога ќе се издолжи во права линија

на кардиограмот.

Од еден папок

со радиус нула

цел свет се раѓа (Центар)

ПРАВ АГОЛ

Цел живот градам прави агли

со закосени покриви

– по нив моето време тече.

Цел живот се плашам од триголникот

во кој сите мои агли

коваат заговор против мене (Од Безимена катета).

ЗАБОРАВЕН ТРИАГОЛНИК

Заборавам дека сум триаголник

зашто моите темиња на кружница лежат.

Во една потковица од куќи

зад грбот на градот

на една петица од испукана земја

галопира мојата кружница без сон.

КРУЖНИЦА

Од танцот на балерината

кружницата

е свесна за линијата

АГЛИТЕ ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ
кога ќе узрееме како колинеарни точки
во матката на векот
и кога нултиот агол ќе си го напипа пулсот на раката
остриот агол почнува да нѐ раѓа во светот
кој нема агли – но ние тоа не го знаеме
и во сѐ гледаме искршени линии


ја измислуваме теоријата на еволуцијата
за да преживееме во централниот агол
на нашата смрт


цел живот фрламе остри агли
на највисоката планина
а потоа во рацете на Сизиф
како топки се тркаламе на подножјето
– и тогаш сите агли се на наша страна
зашто во нас се сите 360 степени
а ние токму тогаш стануваме депресивни
бидејќи од паѓањето не го гледаме кругот

Подготвил: Јована Матевска Атанасова