Проекција на”Кој тоа таму пее” во Кинотека
Денес (среда,15 септември), во 20.00 во летното кино „Мирно лето“ ( Кинотека), во рамки на „Скопје филм фестивал класик“, ќе се одржи проекција на култната комедија на Слободан Шијан од 1980-та година – КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ (Ко то тамо пева / Who Is Singing Over There).
Станува збор за нова, дигитално реставрирана копија на филмот кој своевремено беше прогласен за најдобра комедија на сите времиња на југословенските простори, а многумина светски критичари и автори го нагласуваа како еден од омилените филмови. Овој филм на Шијан, како и сто други – антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење – се дел од проектот „VIP Кинотека“ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија. Со овој проект започнува и долго очекуваниот процес на дигитална реставрација на српското филмско наследство (https://youtu.be/WvwnU9BJxIs) кој се реализира во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската кинотека во Белград.
По повод оваа проекција, гостин на Кинотеката на РС Македонија ќе биде Југослав Пантелиќ, директор на Југословенската кинотека и уметнички директор на ФЕСТ – белградскиот меѓународниот филмски фестивал кој годинава го одбележа своето 50-то издание – кој пред почетокот на КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ ќе говори за значењето на филмот.
Проекцијата на КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ е поддржана од културно-информативниот центар „Спона“ во Македонија и е во соработка со Српската амбасада во Скопје, а се прикажува во склоп на „класик“ програмата на годинешното издание на Скопскиот филмски фестивал.
Сценариото на филмот е на Душан Ковачевиќ, а во главните улоги се појавува плејада од врвни југословенски и српски актери како Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Драган Николиќ, Славко Штимац, Неда Арнериќ, Ташко Начиќ, Боро Стјепановиќ, Бора Тодоровиќ, Миливоје Томиќ и други.
Филмот за „скапаниот“ автобус на фирмата „Крстиќ и синот“ со кој група патници се обидува, преку низа перипетии и комични ситуации, да стигне до Белград токму пред нацистичкиот напад на Југославија во април 1941 г. – своевремено беше добитник на повеќе домашни (Златна арена за Александар Берчек во Пула) и странски филмски награди и признанија (Кан – награда на публика; Гран при на фестивалите во Монтрел, Панама, Саламанка, Ротердам, итн.).
Влезот е слободен, а проекцијата ќе се одвива според протоколите за заштита од Ковид-19.