Кон „Педесет цигари за Елена“ од Марина Вујчиќ – Роман за долг и траен впечаток

Можно ли е најдобрата книга за годината да се прочита уште во јануари?

„Рано научи дека животот е негарантиран. Тогаш, пред дваесет и шест години, мислеше дека засекогаш ја совлада оваа лекција. Денес постоиш, утре веќе не. Денес живееш со некоја личност, утре со сеќавањето за неа. Секоја минута е важна, а тој упорно се однесува како да не е. Како да е сеедно, зашто нему и му е.“

Ова не е приказна за среќата и радоста. Ова книгиште и пол е приказна за тагата, самотијата и несреќните судбини.

Оливер Радман е лик што и по дваесет и шест години сепак не може да ја преболи смртта на својата сестра близначка. Во нејзина чест, тој изведува необичен ритуал – во текот на 24 часа решава да остане буден и да испуши педесет цигари.

Во романот паралелно се прикажани и Магдалена, која е изненадена од фактот дека нејзиниот сопруг е криминалец; Виктор – новинар што не може да заспие ако не е сам; и Грета, жена што е заробена во несреќен брак. По игра на случајности, животот на овие четворица ликови се преплетува еден со друг, притоа секој заробен во мрежата на сопствените стравови.

Марина Вујчиќ, барем додека траат овие 240 страници, ќе ви ја врати довербата во човештвото и за тоа како еден човек може да влијае врз друг.

Препорака за сите љубители на романи за човечките судбини, романи што брзо се читаат, а оставаат долг и траен впечаток.

Ристе Астарџиев