Врската меѓу Дали и неговата муза низ призмата на романот „Гала – Дали“ од Кармен Доминго
Колку невообичаен пар биле Салвадор Дали и неговата муза Гала?! На скала од 1 до 100, можеби 1000.
Младиот Дали не можел да претпостави дека еден ден ќе биде најпознатиот сликар на дваесеттиот век. Имал одлична имагинација, но премногу бизарно однесување. Откако во неговиот живот се појавува десет години постарата Гала, мажена за поетот Пол Елијар и мајка на малата Сесил, животот и на двајцата од корен им се менува.
Таа слободоумна Русинка без двоумење ги напушта сопругот и ќерката за да го извлече најдоброто од екцентричниот сликар и да го разбуди генијот во него.
Салвадор Дали ја обожавал својата муза, сепак во педесетгодишниот заеднички живот никогаш не станале љубовници.
Организирал оргии во кои ќе учествува и Гала, уживал да ја гледа додека води љубов со поранешниот маж, а тој нашол сатисфакција како воајер.
Во книгата не е докрај откриена сексуалната ориентација на Салвадор Дали.
Гала е главен лик во романот, без срам зборува за опседнатоста да ги менува мажите, од младоста, па дури до осмата деценија од животот. Зборува за сопствената слобода, која ѝ била најважна од сѐ, а истовремено потенцира колкава вдахновеност употребила да го мотивира Дали за создавање дела што ќе ги надживеат и него и многу генерации по него. Жената што успешно менаџирала во модерното француско друштво најмногу верувала во своите тарот-карти. Постојано ги носела со себе.
Современичка на Гала била и светски познатата модна креаторка Коко Шанел, со која развиле краткотрајно пријателство. Сепак, пријателството на две силни и егоистични индивидуи не било со долг век.
Меѓутоа, во однос на Дали?
Гала е Дали!
Дали е Гала!
Со еуфорија и речиси детско однесување големиот гениј ги преплавил медиумите по светски признатиот успех на неговите надреални слики.
Треба да се прочита романот и да се одгатне дали навистина „се сакале до крајот на животот“ или и едниот и другиот останале заедно сами заради личната корист?
Ја препорачувам за читање!
Силвана Панева