Бизарните „Бизарни раскази“ на Токарчук

„Бизарни раскази“ од Олга Токарчук е збирка од десет раскази чиј заеднички именител е фасцинацијата од чудовишното. Нобеловката ни поставува дилеми што нè исфрлаат од комфорната зона, потсетувајќи нè дека светот сè повеќе ни се измолкнува и дека сè помалку имаме контрола врз она што го правиме.

Бизарен е светот во кој живееме, ставен во непрестајно движење и постојано менување. Такви се и овие фасцинантни раскази – огромно патување, книга што преку чудовишното ги поткопува сите очекувања.

Од каде води потекло бизарното? Дали бизарното е одлика на светот или пак лежи во секого од нас? Додека чита, читателот ја губи свеста низ постојаната промена на ритамот на нарацијата. Што ли го чека на следната страница?

Ова не се само приказни за клонирање, осаменост и неможност да се сфатиме себеси и својата положба во утврдените општествени улоги, туку секој расказ е визија што ја поттикнува потребата да му дадеме смисла на светот.

Со помош на гротеска, црн хумор, фантастични и хорор-елементи, полската писателка Олга Токарчук ни покажува дека реалноста не е онаква каква што ја познаваме. Токму затоа и постои уметноста – за да го провоцира она што се плашиме и да го помислиме.

Нобеловка, активист и интелектуалка што не се плаши јавно да го искаже своето мислење, Токарчук е критички признаена и сметана за една од најуспешните авторки на својата генерација во Полска и надвор од нејзините граници.

Во 2018 година ја добива Нобеловата награда за литература за „имагинација во раскажувањето, кое налик на енциклопедија го претставува минувањето граници како нов начин на живот“.

Токарчук е атеистка и феминистка, која ја критикува Полска за рушење на репутацијата на државата, расизам и ксенофобија. Во 2020 година беше меѓу потписниците, заедно со писатели како Џон Банвил и Маргарет Атвуд, на отворено писмо до претседателот на Европската комисија, замолувајќи ја Европската Унија „да преземе непосредни чекори да ги одбрани европските вредности како што се еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на малцинствата – кои бесрамно се прекршуваат во Полска“, како и апел до полската влада да престане да ги таргетира сексуалните малцинства и да го прекине поддржувањето на организации што промовираат хомофобија.

Своите дела ги создава во набојот меѓу културни спротивности: природата наспроти културата, разумот наспроти лудилото, мажи наспроти жени, домот наспроти отуѓувањето.

Бариерите и границите што ги поставуваме – физички и психолошки – се витални теми во нејзините дела.