Излезе од печат „Метафора – поглед зад огледалата“ од Марко Трпески
Од печат излезе збирката илустрации и поетски минијатури „Метафора – поглед зад огледалата“ од Марко Трпески.
Книгата е своевиден архетипски алманах и се занимава со вивисекција на аспектите што се кријат зад прагот над потсвеста, а истовремено имаат и симболични манифестации и интерпретации во подрачјето што го нарекуваме човекова реалност. А токму таа, човековата реалност, е ризница на конечни и бесконечни прашања, прашања чија генеза е длабоко исклесана во тотемите на љубовта, смртта и понекое хибридно табу, кои „Метафора“ се труди да ги претстави и да ги илустрира на еден експериментален начин.
Оваа збирка има и амбивалентни ноти, па, покрај тоа што е еден вид архетипски алманах, таа е и своевидна критика кон сето она што го носи како илустрација, критика за малите оправдувања и хипотетичка анализа како предговор за една подлабока филозофска дискусија, хипотеза што би требало да гласи: Дали на секоја грешка, во која и да е форма, ѝ претходи алиби, оправдување и токму затоа и се случува… или тоа е сепак оваа досега утврдена следственост, грешка па оправдување?! „Метафора“ е збирка што си дозволува да погреши.
„Тука нема готови одговори што ќе ви ги разрешат мистериите, ова е сублимат на реалноста, на она што се случува во секојдневјето онака како што е режирано од општеството и животот. Марко Трпески низ објективот на својата илустрација на креативен начин издвоил парченца живот што ја прикажуваат велелепноста на апсурдот. (…) Неоптоварен од трендовите на сите современи техничко-технолошки достигнувања, Трпески избира визуелни мотиви што се поврзуваат со естетиката на различни периоди од минатото, ставајќи ги во некаков надреалистичен контекст. Сепак, за реализација на овие дела, тој го користи дигиталниот колаж како визуелен јазик што е лесно достапен за публиката, а притоа претставува современ медиум на изразување. Токму со овој спој на естетика, која буди реминисценции на минатото и современите форми на изразување, тој сака да алудира на временската перспектива за постоењето на некои од човековите состојби“, пишува во рецензијата кон книгата уметникот Душан Пејчев.
Марко Трпески е графички дизајнер, илустратор и визуелен уметник од Скопје. Неколку години е дел од светот на издаваштвото како дизајнер на корици на книги и други визуелни проекти. Неуморен трагач по совршените состојки за создавање визуелни метафори. Човек што верува дека уметноста оди рака под рака со умешноста. Уметник што има трајна потреба да ја создаде својата мешавина од реалност. Непоправлив идеалист, кој ужива да си игра со симболи и метафори. „Метафора – поглед зад огледалата“ е неговата прва објавена книга. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија. Веќе е достапна за продажба во книжарниците на „Антолог“, „Полица“, „Или-или“ и „Култура“, а наскоро и во електронската книжарница на „Купи книга“. С