Џим Политис и Сашо Поповски во Аудиокултура

За среќа на сите оние кои на ваков или онаков начин се трудат да ја одбранат културата од естрадизацијата, Аудиокултура смело ги надминува сите видливи и невидливи граници, неуморно работејќи на својата мисија музиката да добие врвна звучна репродукција на сцена која афирмира шаренолики културни вредности.

Сашо Поповски и Џим Политис беа несекојдневното дуо чија музичка понуда беше благодатта во која уживаа група од амбасадори, претставници на дипломатијата, новинари и пријатели на Аудиокултура и Амбасадата на Грција како заеднички организатори на последниот „Live at Audiokultura“ 50 guests limited настан.

Фантастичното инструментално патување на овие двајца врвни музичари беше моќ која понира длабоко во слободоумноста и отвора нови можности за музичка и уште повеќе културна комуникација.

Во Аудиокултура е практика вистинските вредности и енергии да се споделуваат и вмрежуваат на едно повисоко ниво. Ова фантастично дуо беше уште едно од оние вистинските кои покажа отвореност за импровизации, мултикултурализам и размена на искуства.

Моќниот музички перформанс, со силината и експресивноста на нивната интерпретација совршено се сплоти со веќе видливите интенции на Аудиокултура од тоа нивно тло достојно да се промовираат вистински вредности наместо привид.

И уште збор два за заднината и професоналните искуства на ова дуо:

Џим Политис е композитор, инструктор по гитара и сесиски гитарист, кој има 14 лични албуми како композитор, повеќе од 35 албуми како продуцент/композитор во различни музички стилови и бројни соработки со врвни светки имиња и турнеи ширум светот.

Во описот на уметниците и познавачите на музиката доминираат суперлативи кои го потенцираат неговиот висок стандард на музицирање, истакнувајќи го како солист кој воодушевува со извонредна комбинација од виртуозност и чувство.

Во музичката биографија на Сашо Поповски се запишани настапи на повеќе џез фестивали во Европа како и соработки со многу познати џез уметници меѓу кои Тони Китановски, Oscar Salas, Milcho Leviev, Dave Wilson и Гоце Мицанов. Во последната деценија Поповски објави пет албуми, многу соло композиции, а компонираше и музика за филм и театар. Неговиот актуелен трио проект е со Иван Бејков на контрабас и Виктор Филиповски на тапани.