Промоција на новиот албум од PMG Kolektiv во Аудиокултура
Оваа сабота со почеток во 12 часот, во Аудиокултура ќе се реализира премиера на новиот музички албум од PMG Kolektiv – Greatest Hits.
ПМГ Колектив е посебна појава на македонската музичка сцена и еден од најуникатните бендови во последните 20 години кај нас. Со 9 албуми, неколку компилации и неброено синглови и ремикси, тие се веројатно најплодниот музички состав во последниве две децении. На овој двоен винил кој е отпечатен во само 100 примероци снимени се нивните најголеми хитови меѓу кои Скопјенка, Манекенки, 80-ти, 90-ти, Луѓе од Градови, Ти си Мојот Свет и уште неколку незаборавни песни кои се одамна дел од скопскиот и македонски урбан фолклор.
За бендот и нивниот музички правец, за влијанието на ПМГ Колектив на музичката сцена, како и за потребата да се креира „Greatest Hits“ кој е во издание на PMG Recordings, Мирко Попов вели: „Слободно можам да кажам, дека ПМГ Колектив успеа во намерата јавно да прикаже еден музички стремеж, адекватен на типот култура кој го пропагира: прогресивна, авантуристичка, урбана култура. Од неформална организација во 90-тите, ПМГ Колектив прерасна во вистински бенд со силно модерен музички израз и автентична и остра реторика. Музика која резонираше со потребите на публиката, но често и ја предизвикуваше да оди чекор понатаму. По 20-тина години динамична дискографска активност, се чини логично стигнавме до моментот кога е згодно да ги собереме најголемите хитови на едно место и тоа на двоен винил. На нашата среќа и нема крај:)”
Звучната репродукција на премиерното преслушување на албумот ќе биде реализирана преку системите на teoharov audio.