Разговор со Јулијана Величковска во Градската библиотека во Скопје
Денес, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со Јулијана Величковска авторката на романот „Годишни времиња“- книга за месец март во библиотеката. Настанот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток од 19 часот, а е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.
„Годишни времиња“ е кусо, но интензивно патување низ времето низ седумдесетина приказни од секојдневието, низ само навидум едноставни и банални нешта. Раскажувањето е едноставно, разбирливо, на одредени места прозата поминува во поезија, па и во музика. Јазикот е едноставен, секојдневен што го прави „Годишни времиња“ разбирлив за сите генерации.
Ова е прв роман на Величковска, објавен во 2014 година и досега доживеа четири изданија. Во 2017 година беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова од страна на издавачот „Ерго“ од Софија.
Јулијана Величковска е писател, уредник, организатор на поетски фестивали и преведувач. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации), и на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев, (2022, ПНВ Публикации), како и на повеќе од дваесет и пет книжевни преводи од англиски, од руски, од хрватски и од црногорски јазик.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија и странство, како и во три антологии на куси раскази, објавени во Македонија.
Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ романот „Годишни времиња “ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 март.
Разговорот со Величковска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерката Ива Милчова.