Wine and Music Sessions – започнува ново музичко и винско доживување во Скопје

Аудиокултура заедно со Винарија Камник започнуваат серија посебно конципирани настани на кои се спојуваат доживувањата на музика и виното, под мотото „Музиката спојува, виното инспирира“. Петокот кој измина, првата од Wine and Music Sessions се реализираше со настапот на Јован Милошевски на акустична гитара, македонски виртуоз кој живее и работи во Шпанија како професор со сопствено училиште во Палма де Мајорка. Настапот на Милошевски беше збогатен со Blind Tasting дегустација на избрани вина од Винарија Камник.

Спојот на добрата музика со избраните етикети од Камник беше дополнет со едукативен елемент, во автентичниот амбиент на Аудиокултура, за пронаоѓање на префинетиот звук и вкус.

Со создавањето на Wine and Music Sessions започна еден различен социјално-културен тренд чија цел е да се понуди нова содржина во урбаниот живот и да се долови суштинската врска меѓу музичката и винската култура. Овие вечери што го збогатуваат живеењето во градот, ќе продолжат во следните месеци со настапи и на други истакнати музичари и уметници.