Промоција на книгата „Глуво време“ од Виолета Танчева – Златева

На 10 април 2023 година, со почеток во 19:19 часот, во Културно Информативниот центар – Скопје, Салон Империјал 2 ќе се одржи промоција на книгата „Глуво време“ од истакнатата поетеса  Виолета Танчева – Златева, наградена со „Антев златник“ во 2022 година.

Промотор ќе биде Атина Цветаноска, модератор Александра Јуруковска, а како дел од промоцијата ќе има и поетско читање со актерот Теоман Максут.

Виолета Танчева-Златева е лекторка, поетеса, раскажувачка, есеистка, преведувачка. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Била член на редакциите на списанието за книжевност и култура „АКТ“ и на списанието на ДПМ „Стожер“. Вработена е како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје.

Почнувајќи од 1991, има објавено 5 прозни и 8 поетски книги. Ги добила наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 г. за Година без лето, „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 2018 г. за Патот; наградата „Антев златник“ на Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за 2022 г. за поетскиот ракопис Глуво време. Застапена е во повеќе избори и антологии. Нејзини песни и раскази се препеани/преведени на неколку јазици и објавени во списанија на српски, црногорски, словенечки, англиски, бугарски, албански, романски, руски, германски јазик.

Виолета Танчева-Златева речиси секоја година го збогатува својот опус со нови книжевни дела, поетски и прозни, и нејзините промоции секогаш едновремено го следат традиционалниот тек, но се и иновативни и многу посетени, пред сè од литературно-уметничката публика затоа што станува збор за докажано име што често го слушаме на домашната сцена.