6 Меѓународна Ex Libris изложба Скопје 2023

На 11 декември (понеделник), со почеток во 20 часот во салонот Империјал I на Културно Информативниот Центар – Скопје, ќе се одржи „6 Меѓународна Ex Libris изложба Скопје 2023“ / “6th International Ex Libris Exhibition Skopje 2023”.

Првото издание на оваа изложба е реализирано пред повеќе од 10 години поточно во 2012 година со биенален карактер и до денес се` уште е единствена од овој тип во нашата земја. Ретроспективно гледано од почетокот до сега колекцијата на „Меѓународна Ex Libris изложба Скопје“ / “International Ex Libris Exhibition Skopje” брои преку 300 автори од четириесетина земји и преку 600 дела.

Ова шесто издание на публиката ќе ѝ понуди увид во речиси стотина дела од современата графичка сцена од разни делови од светот како и од Македонија. 

И оваа година љубителите на графиката ќе имаат можност да уживаат во делата изработени во различни традиционални графички техники како линорез, сува игла, бакропис, мецотинта, акватинта, фотолитографија, но и современи техники како дигитална графика и комбинација на истите. Ex Libris, што буквално значи „од книгите на”, е латински израз што се користи за означување сопственост на книга. Ex Libris графиката, се однесува на уметничките идентификации поставени во книгите за да ги означат сопствениците и воедно да ја украсат книгата.

Покрај натпреварувачкиот карактер, изложбата сама по себе претставува прослава на графиката и литературата во својата класична колекционерска форма. Имајќи ја предвид современата дигитална култура, книгата како колекционерски артефакт е сѐ помалку застапена во животот на секојдневниот читател, а со тоа и потребата од категоријата Ex Libris. Затоа, оваа изложба има за цел да го поттикне интересот кон традиционалните графички техники и да ја освежи колекционерската култура на книгите. Воедно, претстојната изложба e прилика за споделување на искуствата меѓу професионалните графичари ширум светот и збогатување на графичката сцена.

Оваа изложба, организирана во Културно Информативниот Центар – Скопје, e одлична основа за инспирација, едукација и размена на идеи помеѓу учесниците и посетителите.