Три концерти во МКЦ, во организација на „ПМГЏЕЗ“
Три концерти во МКЦ, во организација на „ПМГЏЕЗ“
Дискографската куќа „ПМГЏЕЗ“ во Младинскиот културен центар ќе реализира серија од три концерти во живо на македонска џез музика и современа класика, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19. Првиот концерт е посветен на изданието на Јордан Костов Квинтет со наслов „Come Back“, кое публиката ќе има можност да го проследи в петок, на 26 февруари во кино „Фросина“, Младински културен центар – Скопје.
Како што соопшти дискографската куќа „ПМГЏЕЗ“, Јордан Костов е композитор, хармоникаш и инспиративна фигура со веќе четири изданија за „PMGJAZZ“. „Come Back“ е насловот на најновото издание, кои деновиве се појави на pmgjazz.bandcamp.com и на сите добри интернет музички платформи.
Во формацијата Јордан Костов Квинтет, освен авторот на хармоника, членови се и Андреа Мирческа (контрабас), Филип Букршлиев (гитара), Дамјан Грујо (перкусии) и Драган Теодосиев (тапани).
На 5 март концерт ќе има нашиот еминентен пијанист и композитор Дино Имери. Тој за „ПМГЏЕЗ“ неодамна го издаде соло пијано албумот „Reflections“.
Последниот концерт е планиран за 12 март, а својот албум првенец, ќе го претстави триото на Филип Букршлиев.
„ПМГЏЕЗ“ е дискографска куќа која постои речиси три години и е фокусирана на издавање на современа македонска џез, класична и етно музика. Зад себе има 22 изданија, еден реализиран фестивал (Крај Вардарот Џез, лето 2020) и богата концертна активност.