Вечно туѓа – Стефан Хертманс
Вечно туѓа – Стефан Хертманс
Како голем обожавател на историски фикции, особено со драмски елементи, уживав во оваа преубава историска драма.
Хертманс толку успешно се справил со податоците во романот што никако не можев да сфатам што е фикција, а што вистина. Целата приказна ми се виде како вистинита бидејќи авторот имал на располагање еден историски документ, поточно хебрејски текст од крајот на единаесеттиот век, кој зборува за Еврејка со христијанско норманско потекло, на која ѝ е потребна заштита на едно ризично патување на исток.
„Вечно туѓа“, во таа смисла, е имагинативен лет, полн со темнина и светлина, живи ликови, конфликти што го менуваат животот, насилство и љубезност, раѓање и смрт.
Во романот ја следиме младата Вигдис од нејзиното раѓање во Руан во 1070 година, како ќерка на богато христијанско семејство. Нејзината мајка е норманска аристократка, а татко ѝ потекнува од Викинзите. На 17-годишна возраст, русокосата синоока убавица пребегнува заедно со Давид Тодрос, Евреин од Нарбона. Нејзиниот разбеснет татко ги испраќа своите витези да ја вратат, нудејќи парична награда за возврат. Но таа се мажи за Давид, се преобраќа во Еврејка, менувајќи си го името во Сара Хамутал Тодрос, и патува со својот сопруг во Мониу, мало село на југот на Франција, каде што им се раѓа првото од четирите деца. Неколку години подоцна, војниците на Првата крстоносна војна го ограбуваат селото и ја палат синагогата. Нејзиниот сопруг е убиен, а две од нејзините деца се киднапирани. Трагедијата ја следи до крајот на животот, поставувајќи ја на патот кон Марсеј, Палермо, Александрија, Каиро, а потоа Шпанија и назад кон Франција.
Хертманс тематски ја поврзува младешката љубовна приказна со прашањата на религиозниот фанатизам (крстоносните војни) и антисемитизмот, и потресно ја прикажува кревката позиција на жените во предмодерните времиња. Преку овој приказ, мислам дека постои и некаква врска со проблемот на бегалците во последниве години во европските држави.
Од композициска гледна точка, Хертманс убаво ја разгледува својата историска приказна со личното барање траги од Вигдис. Тој буквално одбира опасни патувања низ Европа и Блискиот Исток (но, секако, во многу поудобни околности, за разлика од Вигдис). Живее во истиот провансалски град (сега Моние) каде што се криеле Вигдис Аделаис (или Хамутал), нејзиниот сопруг и нивните деца. Пред неколку години, еден сосед, кој ја споделува својата љубов кон историјата, на Хертманс му испраќа напис од 1969 година, во кој се наведени познатите факти од животот на преобратеничката. Едно утро, откако го прочитал овој напис, авторот преку својот прозорец видел двајца патници што тргнале надолу по ридовите, еден маж и една бремена жена, кои одат тешко, и замислува дека станува збор за бегалци од единаесеттиот век, кои бараат засолниште со локалниот рабин.
Неговите истражувања ќе го одведат од Кембриџ до Каиро, но тој секогаш е желен да се врати во Моние, да погледне низ својот прозорец или да прошета во античкиот, сув, непродуктивен пејзаж за кој Хамутал сигурно го има видено.
Желбата на Хертманс за обновување и повторен приказ на животот на Хамутал е огромна. Писмото што Хамутал го носела со себе од Франција е пронајдено во 1864 година во синагогата во Каиро. Оваа избледена и искината страница од единаесетти век сега е зачувана во универзитетската библиотека во Кембриџ. Да, и јас истражував. Ете, до толку ми се допадна оваа приказна.
Да, ова е книга што дефинитивно ќе ве внесе во животот во единаесеттиот век и ќе ве натера да се запрашате за нашиот напредок како човештво, и воопшто, како цивилизација. Ја препорачувам на сите љубители на историски фикции и драми. Ве уверувам дека нема да се разочарате.
Денис Бојаров