Kings of Leon – јужњачки корени со европско музичко ехо
Kings of Leon – јужњачки корени со европско музичко ехо
Неодоливо британски, така ми звучат, така ми звучеа првиот пат кога ги слушнав Kings of Leon. На тоа ве наведува нивниот уникатен звук кога за прв пат ќе се запознаете со нивната музика. Во реалност пак, тие не може да бидат проамерикански бенд, формирани во Нешвил, Тенеси влечејќи длабоки јужњачки корени во своите мелодии.
Бендот е фамилијарна „тезга“. Формиран е од тројцата браќа Фоловил и нивниот братучед Метју Фоловил во 1999-та година. Со исклучок на Нејтан кој е роден малку посеверно, во Оклахома, Џеред и Кејлеб се родени во Мемфис, Тенеси, а братучедот Метју во Мисисипи. Оттука јасно е од каде потекнуваат нивните јужњачки корени, не само географски туку и во стилот на музика кој го негуваат. Синови на црковен проповедник, Нејтан, Џеред и Кејлеб уште од мали нозе се движат низ повеќе држави на југот, преместувајќи се од едно на друго место, онаму каде што тато им држел проповеди. Сепак по разводот на нивните родители во 1997-та година, Нејтан и Кејлеб се преселуваат надвор од Нешвил каде го запознаваат текстописецот Анџело Петраглја кој ги запознава браќата со музичкото влијание на Rolling Stones и Clash, додека Џеред добива малку повеќе влијание од Велвет Андерграунд. Откако нивниот братучед Метју се преселува исто така во Нешвил, во 1999-та година, тие заедно го формираат својот бенд Kings of Leon, по името на нивниот дедо Леон.
Првиот свој сингл Holy Roller Novocaine го објавуваат во 2003-та година, а бендот е толку млад што 16 годишниот Џеред сè уште не знае да ја свири бас гитарата. Првиот албум, Youth and Young Manhood го објавуваат во Јули 2003-та година во Велика Британија, а еден месец подоцна и во САД. Продуценти се Анџело Петраглја и Итан Џонс. Според Ролинг Стоунс магазинот, блендот на јужњачки буги и гараж рок прави бендот да потсетува на Lynyrd Skynyrd и the Strokes. За разлика од САД, каде албумот добива мешани критики, во Велика Британија и Ирска станува вистинска атракција за потоа да биде наречен и еден од најдобрите деби албуми во изминатите десет години во таа 2003-та година. Носени на тој успех, тие само година подоцна го објавуваат својот втор албум, „Aha Shake Heartbreak“ повторно започнувајќи од Велика Британија каде се искачуваат во Топ 20, за подоцна истиот да биде објавен и во САД. Четири години подоцна го објавуваат „Because of the Times“, нивниот трет албум, но веројатно музиката која најмногу потсетува на нивниот звук ја создаваат со „Only by the Night“ кој го објавуваат во 2008-та година со кој стигнуваат до првото место на UK Album Charts, каде остануваат две недели, додека во САД албумот стигнува до четвртото место на Билборд 200. Добиваат исклучително мешани критики за овој албум во САД каде успехот е неспоредливо помал за разлика од она што се случува во Велика Британија каде албумот станува третиот најпродаван албум во 2008-та година. Во 2010-та година се добитници на Греми наградата за Record of the Year и Best Rock Song за Use Somebody. Таа, 2010-та година објавуваат уште еден, петти албум, „Come Around Sundown“, албум кој го снимаат во родниот Нешвил, по што бендот започнува турнеја низ повеќе од 50 градови низ Северна Америка и Европа, а во 2011-та, мора одненадеж да го прекинат својот концерт откако нивниот главен вокал е наводно интоксициран и не може да продолжи со настапот по што остатокот од турнејата е целосно откажан.
На крајот на Октомври 2011-та година, бендот најавува дека ќе прават мала пауза по австралиската турнеја. Во 2012-та година музичкиот свет почнува со шпекулации за распад на бендот откако Џеред и Ник Браун објавуваат заедничка песна, „No Tell“ под името Smoke & Jackal. Запрашани дали тоа е крајот на бендот, тие едноставно најавуваат дека подготвуваат шести студиски албум. Истиот, насловен како Hiatus and Mechanical Bull беше објавен во септември 2013-та.
Бендот потоа прави три годишна пауза со објавување на нови материјали, а својот седми албум го најавуваат за 2016-та година. Инспирација бараат во Лос Анџелес, каде ги снимаат своите претходни албуми. Во август 2016-та го објавуваат името на албумот „Walls“ што претставува акроним од „We Are Like Love Songs“, и најавуваат дека тој ќе биде објавен во Октомври подоцна таа година. Истиот ќе стигне до првото место на Билборд 200 листата со албуми.
Со објавувањето на акустична верзија од синглот „Going Nowhere“, Kings Of Leon и објавувањето на „The Bandit“ и „100.000 people“, тие го најавуваат својот осми студиски албум, „When You See Yourself“ кој би требало да биде објавен на почетокот на оваа пролет.
Останува да видиме што ни имаат подготвено овие несекојдневни момци од Нешвил, иако од срцето на американскиот југ, сепак со неодоливо европски звук.
автор: Мишел Наумоски